Христос воскресна! Добро, па што ако?

Христос Воскресна

Тоа е најголемата порака што човештвото ја слушнало некогаш.

Тоа е, исто така, и најигнорираната порака на светот.

Го гледам светот после Пасхата, и малку што се променило. Војната продолжува, цената на безнинот продолжува да расте, бесцелноста продолжува по старо, до недоглед. Една сиромашна жена штотуку беше пронајдена во еден подрум, заедно со нејзините деца, каде била држена како затвореник 25 години. Христос воскресна. Можеби ќе мислите дека е непобожно од моја страна, но јас морам да прашам: Добро, па што ако?

Еден од најзачудувачките и збунувачки стихови од Писмото: „А единаесетте ученици отидоа во Галилеја, во гората, каде што им беше заповедал Исус; па, штом Го видоа, Му се поклонија; а некои се сомневаа“ (Мт. 28, 16-17).

Некои се сомневаа“. Се сомневаа? Како би можело ова да е можно? Значи, некои од нив всушност Го гледаат Воскреснатиот Господ и велат: „Добро, и што сега?“ Јас сум апсолутно сигурен дека доколку јас Го бев видел Воскреснатиот Господ со моите сопствени очи, ќе поверував. После сѐ, сум чул дека „да видиш, значи да поверуваш“. Сигурен сум дека би поверувал и би се променил. Би бил верник. Зарем не?

Можеби не.

После сѐ, покрај Пасхалното торжество, јас сѐ уште сум еден непокајан грешник. Јас сум полош од св. Тома, затоа што тој само еднаш Го допрел Господовото тело и извикал: „Господ мој и Бог мој“. На крајот, Тома стигнал до Индија. Јас ги допирам Господовите Тело и Крв секоја недела во изминативе 12 години, и тешко дека сум стигнал подалеку од мојот дом.

Значи, можеби светот ја игнорира најголемата порака на сите времиња затоа што сведоштвото на мојот живот е дека Тој е сѐ уште мртов, а јас останувам роб на гревот. Зошто каменот останува на гробот за мене? Која сила го чува непоместен?

Во второто поглавје од Посланието до Евреите се вели: „ …и Он зеде еднакво учество во тоа, та преку смртта да го победи оној, што ја има власта над смртта, односно ѓаволот; и да ги избави оние што од страв пред смртта преку целиот живот беа подложени на ропство“.

Е сега, ова е интересно. Значи, токму стравот од смртта ме заробува, ме ослепува и ме прави роб на гревот. Па, јас не ги минувам дните плашејќи се од мојата физичка смрт, но се грижам за многу нешта. Да, мислев дека фактот што се забавувам или уживам грешејќи е причината што ме врзува за гревот. Не, да бидам искрен, позади сето ова стои стравот. Размислувајќи за животот на Господа, колку пати ангелите рекле „Не бој се“? Колку пати Самиот Господ рекол „Не бојте се“. Дали, навистина, сум исплашен?

Да, исплашен сум.

На пример, јас живеам за да јадам, не јадам за да живеам. Зошто јадам толку многу? Зарем не се плашам дека нема да имам доволно за јадење? Или, затоа што длабоко во моето срце се плашам – можеби никој вистински не ме љуби; можеби сум грд; можеби навистина сум губитник. Мислам дека можам да јадам и да ја убијам оваа глад и болка замајувајќи ја во карбохидрати. На крајот од краиштата, една кеса колачи и голема чаша ладно млеко прават да се чувствувам навистина добро.

Друг пример: ги осудувам другите затоа што тоа прави да се чувствувам надмоќно во однос на нив. Треба да се чувствувам надмоќно зашто сум исплашен дека луѓето ќе видат каква џукела всушност сум. Јас точно знам зошто на Фарисејот му беше мило што не е „како оној човек“. И мене ми е мило, затоа што тоа го олеснува стравот дека сум глупак и лицемер. Сепак, јас не можам да бидам толку лош штом постојат толку многу луѓе кои се, очигледно, многу погрешни и поглупави од мене.

Би можел да продолжам до недоглед, но мислам дека ја сфативте поентата. Стравот ги опфаќа сите аспекти од животот и е поставен во основата на секој еден зачестен грев што нѐ измачува. Истото се случувало и со нашите Родители. Кога Адам и Ева ја прекршиле Божјата заповед, тие се сокриле во грмушките оти се исплашиле. Кога ќе помислиме дека тие „оделе со Бога низ рајот во приквечерината“, колку е тажно тоа што се сокриле од нивниот Отец. Во иконата на Воскресението, Адам и Ева излегуваат од сенките со голема радост. Сепак, некои (луѓе) уште се кријат во полу-темнината.

Како Адам и Ева, и јас се кријам од страв, и стравот ме заробува. Иако со усните објавувам дека Христос воскресна, моето срце е оковано во синџири. Нема помош?

Православието објавува дека Христос „смртта со смрт ја погази, и на оние во гробовите, живот им подари“. Погазувајќи ја смртта, Тој ја уништил парализирачката сила на смртта, што всушност и е стравот. Го порази и оној што ја поседува оваа сила, ѓаволот. Ова значи дека моите стравови, иако ми изгледаат реално, немаат реална сила. За да го знам ова, треба да сум волен да ги отворам темните ќошиња на мојата душа за светлоста на Воскресението. Еден начин да започнам со ова е да се исповедам, со што би започнал да излегувам од грмушката во која се кријам.

Се сеќавам на една приказна што ја чув како млад. Наводно, речиси 10 години по завршувањето на Втората светска војна, пронајден е еден осамен јапонски војник на едно мало островче во Тихиот Океан. Тој поминал цела деценија верувајќи дека војната сѐ уште трае, останал на својата позиција, и секој ден внимавал на непријателот.

Јас сум исто како тој сиромав војник. Христос ја победи војната, и непријателот е поразен. Проблемот е што јас сѐ уште не сум ја чул добрата вест. Или, ја чув, но не верувам во неа. Верувам, Господи, помогни му на моето неверие.

Можеби следниот Велигден навистина ќе го слушнам Благовестието. Гробот ќе се отвори за мене и Воскреснатиот Господ ќе се исправи пред мене и ќе Му се поклонам и нема да се сомневам. Можеби тогаш ќе ја познаам славната слобода Христова. Можеби тогаш ќе ја прифатам подадената рака, истата онаа подадена на Адама и Ева и на сиот свет. Тогаш, ќе ја објавам великата вест дека Христос воскресна, и оние што ќе ме чујат ќе поверуваат, зашто ќе бидат дека веста го преобразила весникот од роб на стравот во роб Божји.

Претседателот Обама беше во право: „Не треба да се плашиме ништо, освен од самиот страв“. Јован Богослов слушна од самиот Бог: „Не бој се… Ги имам клучевите од адот и смртта“.

Навистина воскресна!

Протојереј Џон Мојсеј

Оставете коментар

1 Comment on "Христос воскресна! Добро, па што ако?"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Христос воскресна! Добро, па што ако? […]

wpDiscuz