Христос, вистинскиот Курбан

Распетие

За време на празникот на жртвено поклонение, Курбан Бајрам, муслиманите извршуваат ритуали околу и во нивното најсвето светилиште, Ќабата, во Мекка. Ритуалот, според нив, служи за потсетување на замената на жртвата на Авраам (според нив, Исмаил, а не Исаак бил речиси жртвуван) со животинска жртва. Како потврда на ритуалот, тие колат крвна жртва, наречена Курбан, која подоцна ја разделуваат на сиромасите.

Зборот Курбан бил исто така користен од Евреите во Христово време, и со него се означувало сето она што Му се принесувало на Бога, како што е речено: „А вие велите: »Ако некој каже на татка си или на мајка си: корван [курбан], односно, ветено е на Бога она, со кое би се ползувал ти од мене.« (Мк. 7,11).

Зборот Курбан сè уште се користи од страна на православните христијани од Сирија, за означување на Божествената Литургија / Светата Евхаристија, односно „Свет Курбан“; го користат и Коптите, христијани од Египет, наместо зборот просфора, односно принос.

Самиот збор корбан/курбан потекнува од зборот караб/кариб, што означува нешто блиско. Оттука, курбанот е жртва што оној што ја принесува го доближува до Бога; тоа е средство за остварување на заедница со Бога.

Библијата нè учи дека плата за гревот е смртта (Рим. 6,23). Гревот и престапувањата, започнати со падот на Адам, ја предизвикале нашата духовна смрт, која се состои во губењето на нашиот божествен живот. Ние сме „отстранети од Божјиот живот“ (Ефес. 4,18б). Бивајќи отстранети од Божјиот живот, ние треба животот да го пренасочиме сè додека не се вратиме назад и се смириме со Бога, односно да бидеме близу до Бога преку Курбанот.

Преку Неговото распетие на Крстот, Христос постанал наша Жртва, или наш Курбан (Оној Кој нè помирува со Бога), затоа што преку Него Бог измири сè со Себе, било земно, било небесно, творејќи мир со крвта на Неговиот крст (Кол. 1,20). Ние сме близу до Бога, помирени и смирени преку крвта Христова на крстот. Во Него Он го осуди гревот во телото (Рим. 8,3).

Суштината на гревот е непослушанието, а преку Неговото распетие, Христос стана послушен дури до самата смрт, и тоа смрт на крст (Фил. 2,8). Преку Неговото тело, тој покажа послушание на крстот, осудувајќи го гревот. Оттука, гревот на непослушанието на телесната човечка природа е победен преку послушанието на Исуса Христа.

Последица на ваквото искупително дело Христово е оваа: како што преку непослушноста на еден човек мнозина станаа грешни, така исто и преку послушноста на еден, мнозина ќе станат праведни (Рим. 5,19). Станувајќи праведни, имаме смелост да пристапуваме кон престолот на благодатта (Евр. 4,16), каде се соединуваме со Христа.

Секоја недела и на секоја Литургија ние пристапуваме во заедницата што ни се нуди, преку причестувањето со телото и крвта Христови. Затоа, ние сме близу до Бога преку Христовата жртва; Христос е нашиот вистински Курбан.

Страсната седмица и Пасхата се пројави на Тајната на исцелувањето и возобновувањето на нашата природа. Тоа е време на жртвувањето, но Неговата Жртва е започната одамна, со Неговото смирение и воплотување на земјата. Како што пееме во божикниот кондак, „заради нас се роди Младенец“. Тој се облече во нашата природа преку Неговото Воплотување, го изгони гревот од истата таа природа преку Распетието, и со Воскресението целосно ја погази смртта што владееше над нашата природа.

И како што Христос стана наш Курбан, и ние за возврат од нашиот живот да направиме Курбан на служење на Бога и ближните.

Архимандрит Даниел Бјанторо

авторот е поранешен индонезиски муслиман, сега православен свештеник

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz