Христос говори за својата смрт

„Кој Ми служи Мене, нека врви по Мене, и каде што сум Јас, таму ќе биде и мојот слуга. И кој Ми служи Мене, него ќе го уважува и Мојот Отец. Душата сега Ми се нажали, и што да кажам? Оче, избави Ме од овој час! Но, заради тоа и дојдов на овој час. Оче, прослави го името Свое!” Тогаш дојде глас од небото: „И Го прославив, и пак ќе Го прославам.” А народот што стоеше, кога го чу тоа, велеше: „Загрми”, други, пак, рекоа: „Ангел Му прозбори.” Исус одговори и рече: „Не заради Мене беше овој глас, но заради вас. Сега е судот на овој свет; сега кнезот на овој свет ќе биде истеран надвор. И кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе.” А ова го зборуваше за да покаже со каква смрт ќе умре.“ (Јн.12,26-31)

Од свеченото влегување во Ерусалим, па до својата крсна смрт, Христос нашиот Спасител не прекинал со својата месијанска дејност, за кои што настани најмногу ни зборуваат синоптичарите. Светиот Јован најмногу ставил акцент на беседите Господови. Овој стих е дел од разговорот што Христос го водел со некои Елини, ден или два после свеченото влегување во Ерусалим. Во времето на Христа имало многу многубожци, кои исто како и Евреите оделе во Ерусалим на големите празници, зашто многубожечките култови не ги задоволувале нивните религиозни потреби. Тоа свечено влегување на Христа во Ерусалим на многубожците од грчко потекло им оставило силен впечаток како и Неговата чудотворна моќ, па затоа побарале да разговараат со Него. Сакале да бидат претставени, па затоа од претходните стихови гледаме дека му се обраќаат на апостолот Филип, а овој пак се советува со Андреја и двајцата заедно Му кажуваат на Господа за нив. Од ова гледаме една интересна, временска дистанца во животот на Христа: кога се роди, многубожци дојдоа да Му се поклонат (мудреците од исток – Мт.2,1) и сега кога е пред крајот на својот земен живот, многубожци повторно со посебен пиетет Го бараат. „Кој Ми служи Мене, нека врви по Мене, и каде што сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга.“ Гледајќи ги зборовите Христови, си го поставуваме прашањето, а каде е Господ и каде да одиме по Него? Па Тој е во сѐ што е божествено, вечно и бесмртно, во Божјата Вистина, Правда, Љубов, Милост, Мудрост во секое божествено совршенство во Бесмртноста, во Вечноста во Царството Небесно, во сѐ ова, треба да биде секој слугата Христов. Следбеникот Христов го продолжува Христовиот живот на земјата, и тоа заедно со Него. И тој пат или тој живот заедно со Христа не случајно се нарекува богочовечки живот, којшто пак почнува, трае и завршува во богочовечкиот организам, а тоа е Црквата, а Црквата е Господ и целата негова творба на чело со човекот. И секој што го следи овој пат и е слуга Христов – него ќе го уважува ќе го почитува Бог Отец. Каква необична и неизмерна чест е тоа. Човекот да биде почитуван и уважуван од Бога.

Пристапувањето на многубожните Елини кон Христа, Му дале повод да почне да зборува за својата претстојна смрт и нејзиното значење. Тој зборува за својата смрт како неопходен пат кон спасението. Тој мора да умре и да жртвува сѐ што крие во Себе, за да преку Него настане нов живот. „Душата сега Ми се нажали, и што да кажам? Оче, избави Ме од овој час!“ Овие Христови зборови се израз на човечката природа на Богочовекот и Неговата Божја природа тоа го прифаќала поинаку. Настанот со ап. Петар кога Го моли да се поштеди од страдањата, е одличен пример. Но Он се заврте и му рече на Петра: „Бегај од Мене, сатано! Ти си ми соблазна, оти мислиш не за она, што е Божјо, а за она, што е човечко!” Ете јасно кажано „човечко“ – произлегува од човечката природа. Само сатаната бил против Христовите страдања, зашто тоа сето значи распнување на гревот и после тоа разурнување на адот и отворање на дверите во вечниот живот.

Молитвата во градината

Душата сега Ми се нажали“ со овие зборови Господ Исус Христос парафразира библиски текст од псалмите, во кои се изразува копнеж на човековата душа за Бога и ветување дека ќе добие од Бога измирување. (Пс.41,5 и 11). За Христос, нажалување на Неговата душа е како што спомнавме израз на човечката природа, Неговата душа „се нажали“ како на секој човек пред смртта, според нашата телесна природа бегаме од смртта и се плашиме од неа, искажувајќи нажаленост и тага во предсмртниот час.

Но, заради тоа и дојдов за овој час.“ Тој час е искупителното дело на Христа нашиот Спасител. Зашто Христос знаеше дека ако не пострада ние луѓето немаше да се спасиме, Христос дојде и го вкуси страдањето и болките со човечката природа за да може потоа со Божјата да нѐ воздигне и спаси и преку Воскресението да ни дарува бесмртност и вечен живот, со смртта, смртта да ја победи, за нас Живот да ни подари. И навистина ниту ни го даде, ниту ни го дарува, туку ни го подари, а ни го подари зашто ние не го заслужуваме.

Христос Спасителот и Животодавец наш, повторно говори за Својата славна и спасоносна смрт. Тој ќе биде издигнат на крст и распнат пред очите на целиот свет, како Спасител и Избавител на светот. Тој говори и мисли на искушенијата кои Му предходат на Неговото прославување и избавување на светот од гревот. А „гласот од небото“ го потврдува истото и укажува на нешто што е веќе тука и е многу блиску, а истовремено покажува дека Неговото страдање е и прославување на Бога. Бог веќе бил спремен да го осуди светот и неговиот властодржец односно сатаната, а „гласт од небото“ покажува дека тој суд веќе почнува. Гласот посетувал на оној Глас од планината Синај, кој му говорел на Мојсеја. Спасителот објаснува дека овој глас не е заради него, туку заради народот и сигурно заради Грците, за да им покаже дека патот е исправен од земјата кон небото дека Бог не е некоја делечна надматеријална идеја, туку тивок и благ Промислител на светот, дека небото ги отвори своие врати за земните. Исто како што пееме во катавасијата на Рождество Христово: Христос се раѓа славете Го, Христос од Небесата пречекајте Го, Христос е на земјата – вознесете се

Христос ќе Го осуди грешниот свет со својата смрт, зашто со неа ќе го победи гревот и властодржецот на таквиот огревовен свет. Бог отсекогаш бил владетел на овој свет, сѐ додека луѓето не биле паднати во гревови; кога паднале и се изгубиле во своите гревови, тие всушност прифатиле нивен владетел да биде смртта односно ѓаволот. Христос се овоплоти на земјата стана еден од нас, ја прими нашата природа, за повторно преку Евангелието, преку Крсната Жртва и преку Воскресението, да ја преземе власта врз овој свет. Затоа Христос после Воскресението вели: „Ми се даде секаква власт на небото и на земјата“(Мт.28,18), значи Му се дала власт да го отвори адот и да ги изведе оттаму праведниците, да го отвори небото и да ги воведе во рајот оние кои ги помилувал. И какви сѐ други видови на власт Му се дале, ние не можеме да сознаеме. Значи, Нему Му е потчинета секоја власт и сила.

Сега е судот на овој свет; сега кнезот на овој свет ќе биде исфрлен надвор.“ кажавме предходно кој е овој свет и тој свет ќе го осуди Христа нашиот Безгрешен Животодавец. Сега е тој суд, зашто овие се последните дни на овој огревовен свет и последните дни на неговиот властодржец – сотоната. Тој суд се луѓето кои преку гревољубието и страстољубието го отфрлиле својот божествен владетел, а го прифатиле сотоната.

И кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе.“ И навистина Христос ќе биде подигнат на крстот и распнат, но уште повисоко ќе се издигне со Воскресението, а на човекот ќе му подари вечен живот и бесмртна слава во Бога и „сите ќе ги привлечам кон Себе“.

А ова го зборуваше за да покаже со каква смрт ќе умре.“ Светиот Јован Богослов ова го благовести, зашто Христос постојано потсетуваше на Својата мисија и Своето свето искупително свештенодејствие преку Евангелието. Христос со своето Воскресение и Воснесение ќе покаже дека е вистинскиот Кнез, Владетел на овој свет, а владее со него преку Евангелието во својата Црква.

Емилијан Зелнички

Користена литература:
1. Грозданоски Ратомир, протоѓакон, Евангелие според Матеј, проучување и толкување на евангелскиот текст, Скопје, 2011
2. Грозданоски Ратомир, протоѓакон, Евангелие според Марко, проучување и толкување на евангелскиот текст, Скопје, 2004
3. Поповић Јустин, отац, Тумачење Светог Еванђеља по Јовану, Београд, 1989
4. Чарнић М. Емилијан, Еванђеље по Јовану, Крагујевац 1986

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz