Христос е нашиот Пријател

Христос треба да Го чувствуваме како пријател. Тој и е наш пријател. Во тоа и Самиот нè уверува кога вели: „Вие сте мои пријатели“ (Јн. 15,14). Да гледаме на Него како на пријател, и да Му пристапиме како на пријател. Паѓаме ли духовно, грешиме ли: со присност, љубов и доверба да поитаме кон Него, не со страв дека ќе нè казни, туку со сигурност која ни влева доверба дека во Него имаме пријател, да Му речеме – Господе, направив грев, паднав; прости ми! Но, истовремено треба да чувствуваме дека Тој нè љуби, дека нè прима нежно и со љубов, и дека ни простува. Гревот нека не нè одвојува од Христа! Кога веруваме дека Тој нè љуби, и кога се трудиме и ние да Го љубиме Него, тогаш нема да се чувствуваме како туѓи за Него и одвоени од Него, дури и тогаш кога грешиме. Ние сме ја обезбедиле Неговата љубов за себе: како и да се однесуваме, знаеме дека Тој нас нè љуби.

Доколку вистински Го љубиме Христа, тогаш не постои стравот дека ќе го изгубиме чувството на стравопочит кон Него. Тука важат зборовите на апостол Павле: „Кој ќе нè раздели од љубовта Христова? Тага ли, или неволја, или гонења, глад ли, или голотиња, опасност или меч?… Оти сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни силите, но сегашнината, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту, пак, некоја друга твар ќе може да нè оддели од љубовта Божја во Христа Исуса, нашиот Господ“ (Рим. 8,35,38,39). Тука станува збор за највозвишениот, единствен однос на душата со Бога, однос во кој ништо не може да се растргне, кој од ништо не се плаши, и од ништо не може да се поколеба.

Евангелието, сепак, служејќи се со символички зборови, ни кажува дека неправедникот ќе се најде онаму, каде што има „плач и крцкање со заби“ (Мт. 8,12 и 13,42), зашто навистина е така кога човекот е далеку од Бога. И меѓу Црковните Отци, кои биле подвижници и учители на духовно трезвеноумие, има многумина кои говорат за стравот од смртта и пеколот. Тие велат: Постојано сеќавај се на смртта. Овие зборови, доколку не ги испитаме длабоко, во нас создаваат страв од пеколот, страв од казната. Обидувајќи се да го избегне гревот, човекот се препушта на ваквите мисли, по што како последица со душата му господари стравот од смртта, пеколот и ѓаволот.

Сè си има свое значење, свое време и своја соодветна пригода. Поимот на страв е добар при првите духовни чекори. Тој е за почетници, за оние во кои сè уште живее стариот човек. Таквиот човек, почетник, кој сè уште не е духовно развиен, со помош на стравот го совладува тежнеењето кон зло во себеси. Стравот ни е потребен додека сме приврзани за материјата, и додека духовно се влечеме по земја. Но тоа е, како што рековме, почетен стадиум, тоа е низок степен на однос со Бога.

Тоа е како да правиме трговија, некаква размена на услуги, како би го наследиле рајот, или би се избавиле од пеколните маки. Но, ако малку подобро размислиме, таквиот однос во себе содржи извесна саможивност, еден вид на интерес. Мене не ми се допаѓа таквиот пристап. Штом човекот духовно напредне и влезе во љубовта Божја, чуму му е тогаш стравот? Сè што прави, го прави од љубов, и таа има поголема вредност од стравот. Да се биде добар заради стравот Божји, а не од љубов кон Него – во тоа нема баш и некоја голема вредност.

Доколку продолжиме понатаму, откриваме дека и Евангелието ни дава до знаење дека Христос е радост и вистина, и дека Христос е рајот. Како вели евангелистот Јован? „Во љубовта нема страв, туку совршената љубов го изгонува стравот, зашто стравот подразбира казна, а кој се плаши, не е совршен во љубовта“ (1Јов. 4,18). Трудејќи се во стравот Божји на патот кон спасението, постепено навлегуваме во љубовта Божја. Тогаш пеколот исчезнува, стравот исчезнува, а исчезнува и смртта. Нè интересира само љубовта Божја. Сè правиме за таа љубов – како жених за невестата.

Ако сакаме да одиме по Христа, овоземниот живот ќе ни биде радост во Христа, без разлика на потешкотиите. Во врска со тоа, апостолот Павле вели: „Се радувам во маките свои“. Тоа е нашата вера. Во тој правец треба да одиме. Таа не се состои толку од формални обрврски, колку што се состои од нашата решеност да живееме со Христа. Кога тоа ќе ти тргне од рака, што друго би посакал? Сè си добил. Живееш преку Христа, а Христос живее во тебе. Потоа сè е лесно – послушноста, смирението, мирот во душата.

Старец Порфириј Кавсокаливит

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz