Христос Богодете

bogotete-bogorodica

„Детето – предвечен Бог!“, со овој серадосен опис на детето Кое се родило во Витлеемската пештера завршува една од главните божикни химни, која во VI век ја напишал знаменитиот византиски химнограф Роман Слатопеец. Во превод од црковнословенски, кондакот гласи гласи:

Дева денес Надсуштествениот Го раѓа
и земјата Му принесува пештера на Непристапниот,
ангелите со пастирите славословуваат, а мудреците со ѕвездата патуваат,
зашто, заради нас се роди Младенец (Дете), предвечен Бог.

Дете – Бог, Бог – Дете! Зошто и кај луѓето кои чувствуваат одбојност кон верата, па дури и кај оние кои воопшто не веруваат, радосно заигрува срцето кога во божикните денови го гледаат оној единствен и неспоредлив призор: младата Мајка со Детето в раце, а околу нив – мудреците од Исток, пастирите, животните, ноќното небо и ѕвездите? Од каде пак, така силно знаеме и секогаш одново сфаќаме дека на оваа наша тажна земја нема ништо поубаво, ниту порадосно од таа божикна слика, слика која ниту многуте изминати векови не можеле да ја искоренат од нашето сеќавање? Секогаш кога во животот чувствуваме дека нема веќе каде да одиме, секогаш кога – изморени од сивото секојдневие – започнуваме очајнички да трагаме за нешто што би можело да нè спаси, прибегнуваме кон тој витлеемски призор. Како што гледаме од евангелската приказна за Рождеството Христово, Богомајката ништо не говори, а – секако – ниту Богодетето. Никој ништо не говори, како и да не е ништо потребно да се каже, бидејќи со човечки зборови не ни може да се разбере, ни објасни, ниту пак соопшти смисолот на она што тогаш се случило во Витлеемската пештера.

Но, и покрај тоа, сепак, ќе се обидеме да кажеме нешто за тој настан. Не затоа што сметаме дека сме во состојба да го протолкуваме и објасниме, туку затоа што – како што е кажано во Светото Писмо – „од вишокот на срцето говори устата човечка“, а за човекот невозможно е тој „вишок“ да не го сподели со другите.

Токму во тие зборови – Дете и Бог – се наоѓа потресното откровение на сетајната на Рождеството Христово. На еден подлабок начин, тоа откровение е упатено, пред сè, на она дете кое прикриено продолжува да живее во секој еден од нас, до крајот на животот. Тоа откровение е наменето на детето кое во нас продолжува да го слуша тоа што ние, како возрасни, не го слушаме, детето во нас кое продолжува да одговара на таа радост за која нашиот досаден, „зрел“ и циничен свет веќе не е способен.

Да, благденот на Рождеството Христово или Божик е детски празник, но не само поради тоа што децата ги украсуваат своите божикни дрвца во негово име. Божик е детски празник на еден многу подлабок начин, во смисол што најверојатно единствено децата не се чудат на тоа што Бог на земјата ни дојде токму во ликот на едно Дете. И тој лик на Бого-Детето до ден денешен нè осветлува од иконите, откривајќи ни го преку многуте уметнички дела настанати на темата на Рождеството Христово, она што е најважно, најтајно и најрадосно во Христијанството, а што е прикриено токму тука, во тајната на „вечното Божјо детство“.

Дури и кога разговараат за „религиски теми“, возрасните од Христијанството секогаш бараат и очекуваат некакво објаснување и анализа, секогаш очекуваат сè што е поврзано со темата да биде „сериозно промислено и научно докажливо“. Исто толку „сериозно“ и, на крајот на краиштата, досадно за Христијанството размислува и неговиот денешен непријател – атеистот или безбожникот кој Христијанството го напаѓа со сите свои „научни“ оружја. Кога современиот човек сака целосно да понизи нешто, тогаш со презир вели: „Ама тоа е приказна за мали деца“. Тоа значи дека тоа нешто не е за „возрасни“, „умни“ и „сериозни“. А и децата ќе пораснат и ќе станат исти такви „сериозни“ и досадни луѓе.

Меѓутоа, Христос рекол: „Бидете како деца“. Што значи тоа? Што е она што вообичаено го нема во „возрасните“, или поточно, што е во „возрасните“ закопано, пригушено од дебелите слоеви на нивната „возрасност“, ако не токму и пред сè таа – за децата својствена – способност да се восхитат, да се израдуваат, и што е најважно, да бидат целовити и во радоста и во жалоста? Што е тоа што „возрасните“ веќе го немаат во себе, ако не таа – за децата својствена – способност да имаат целосна доверба во другиот, и во таа доверба потполно да му се предадат, да го љубат другиот и да му веруваат со сето свое битие? И, конечно, што е тоа што го нема во „возрасните“, ако не – детската способност на најсериозен начин да се прифати она што „возрасните“ не се во состојба воопшто да го прифатат, таа детска отвореност за мечтаење, за она што невидливо го проникнува нашето секојдневие засновано на циничното неверие, со еден збор, таа детска отвореност за подлабоката тајна на светот и сè во него, за тајната која им се открива на Светите, на децата и поетите.

И затоа ние можеме да ја почувствуваме и поимаме радосната тајна на Христовото Рождество, т.е. тајната на доаѓањето Божјо на земјата во ликот на Дете, исклучиво според мерата на нашето враќање кон тоа дете – кое и понатаму продолжува тајно да живее во нас.

Богодетето нема ниту власт, ниту моќ, но токму во таа Своја безвласност и безпомошност ни се покажува како Цар, оти Неговата восхитувачка сила лежи токму во Неговата безвласност и беспомошност. Детето Христос од Витлеемската пештера не сака да се плашиме од Него. Тој влегува во нашето срце не преку стравот, не преку доказите за Својата моќ и власт, туку исклучиво преку љубовта. Тој нам ни се предава како Дете, и ние можеме да Го возљубиме само како Дете, и да Му се предадеме само како на Дете.

Во светот царуваат власта и моќта, стравот и ропството. Богодетето Христос нè ослободува од тиранијата на власта и моќта, стравот и ропството. Од нас бара само љубов, слободна и радосна љубов. Од нас бара само да Му Го предадеме нашето срце. И ние Му го предаваме нашето срце на беспомошното Богодете Кое има огромна доверба во нас, такви какви што сме.

Преку благденот на Рождеството Христово, Црквата ни јавува една серадосна тајна: тајната на слободната љубов која никој и со ништо не му ја наметнува на човекот, тајната на љубовта преку која човек станува способен да Го види и познае Богодетето Христос, да Го возљуби Бога и конечно, тајната на љубовта која станува дар на новиот живот.

Отец Александар Шмеман

Оставете коментар

1 Comment on "Христос Богодете"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Христос Богодете […]

wpDiscuz