Христоликото срце на светот

Св. Јустин Келијски

И овде се работи, но немолитвено се работи; и овде се мисли, но немолитвено се мисли. Изгледа дека сите, свесно или несвесно, се трудат да ја променат Христомдаруваната економија на црковниот живот, да ја направат по својот образ и подобие, да го втиснат својот лик наместо Христовиот, да го завземат иконското место. Но, сето тоа, помалку или повеќе, се граничи со ајдучење; го отфрлиле Христоназначениот економ – молитвата – од домот на молитвата, и нервозно навлекуваат законско-указни, научно-философски економи, неблагодатни и немолитвени. Многумина, премногумина плашливо и страстно го адорираат „духот на времето“, го интронираат на тронот на својот ум, му се поклонуваат како на цар и бог, себе му се принесуваат како жртва сепаленица, и мислат дека на Христа служба Му служат. Времето им е критериум за Вечноста, а не Вечноста критериум за времето. Не чувствуваат дека времето без Вечност е најужасното метафизичко чудовиште, кое од физичкиот простор изфигурува грозни фигури на животот, ја меси материјата како тесто и лакомо ја голта и уништожува. А Христос? Чудесниот Христос? – Тоа е приказна избладана преку пијаните усти на нашата од трагизам опиена планета, – вели христоборното гордоумие. Тоа е самонаречениот Бог кој се кае, заклучен во петте сетила, кој бил постојано во маченички делириум гледајќи ги сите ужаси на животот, сета олелична мизерија на човекот со својот пет-сетилен физички апарат – христогонителската Европа го додава својот рапав, подмолен глас во христоборната симфонија.

А за мене, за мене најмизерниот и најмалиот – Христос е чудесно и волшебно Сè. Без Него – сиот живот би бил неоправдан ужас, атмосферата на нашата планета, на нашиот сончев систем би била страшен лудачки експеримент, кој непобиено би сведочел дека Творецот банкротирал и – полудел. Со Христа, Најслаткиот и Волшебниот, сè се облаговестува, секоја твар добива ново срце, ново и благо. Во Него, единствено во Него, таинството на физичкото и метафизичкото се разрешува до благовест, станува благовест; горката тајна на животот станува слатка; времето се венчува со Вечноста; просторот се стопува со вечната безпросторност.

Драг мој, како само срцето воздивнува и тажи, кога Господ мој, Господ наш Го разворамнотежуваат, разовоплотуваат; кога говорат дека Тој е несовремен, неживотен. Нема поголема хула од таа; Тој е со-времен; Тој е секогаш време-вечен; Тој е етернизација на времето, осмислување на времето; секое Негово движење, секоја Негова мисла и дело и чувство се време-вечни; во Него и преку Него времето возрастува во Вечност, сораснува со Вечноста, го добива својот последен, својот завршен смисол. Христоборците се не-со-вечни, во тоа е нивната трагедија и корен на нивната грешка; со ножиците на амартичниот рационализам го отсекле времето од Вечноста, времето се суши, пресушува, солипсизира и – умира, и сè христоборно со него. Не е Христос несовремен, туку христоборците се не-со-вечни, – тоа е моето чувство, тоа е мојата мисла и убедување.

Драг мој, заради кроткиот Христос, прости за мојата многуглаголивост. Се осмелувам да ти пишувам многу, затоа што пишувам од својот Символ (на верата). Ти сакаш да знаеш од што живее твојот другар, твојот брат. Кога би сакал да го сумирам, да го синтетизирам својот овогодишен живот, тогаш најприближно би го собрал во оваа реченица: молитвата е метод на живот и метод на философија. Да се молам, со молитва да пристапувам кон секој човек, кон секоја твар – тоа е мојата „социологија“. На молитвата да се изградувам себеси како на темел – тоа е мојот напор. На гулабните нозе на молитвата да навлегувам во секоја болна твар, болната душа на секоја твар – е мојот интимен копнеж.

Секоја твар за мене е символ на Бесконечниот, символ на Бескрајниот, зашто секоја твар завршува со бескрајноста, секоја конечна твар со едниот свој крај навлегува во бесконечноста. Ништо не е крајно, ништо сопствено свое, сè е таинствено и бескрајно. Ми се чини дека секоја твар раскажува некоја Божја тајна, тајна на Логосот. Необјасниво и, можеби смешно, секоја моја мисла за било која твар спонтано завршува со молитва; неосетно секоја мисла еманира во молитва. Сè е комплицирано, сè е така чудесно, секоја твар има срце, живо и воздивливо срце, и колку само ми е тешко што не сум се омолитвил себеси, за кон секоја твар коленички да пристапувам, да ѝ се молам, христообразното нејзино срце да го адорирам. Да не е мојот Најсладок Исус – јас не би имал точка за ослонување на оваа планета; душата моја би исчезнала во безумие. Јасно ми е, молитвено јасно, дека за Христа било неопходно Себе и Својата наука да ја нарече Евангелие = Благовестие. Навистина, до Христа и без Христа сиот свет до дното бил загорчен со горчината на злото; името му било горковестие; од Христа па натаму светот се облаговестува, засладува, обезгрешува.

Драг мој, Христос, Неговото присно присуство, Неговото волшебно лице, за мене е најнеопходна неопходност. Посакувајќи Го непрестано Него – како да не ми исчезне душата во молитва? И дали можам да Му се обратам Нему поинаку одошто преку молитва? Кој сум јас да философирам, немолитвено да философирам за Него?

Преподобен Јустин Келијски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz