Христијанство и елитизам

van-gog-sejac

Секоја уметност не е создавање, а секое создавање е уметност. Создавањето настанува само при средба со вистинското постоење, или со самата Вистина. А до тоа не се стигнува со учење или вештина. Тоа ни се открива во ретки моменти.

Целата наша уметност, философија или теологија, се раѓа од таквите моменти, кои се само неколку во сиот наш живот. До самиот крај ние упорно им се враќаме. Во она нивно сè уште необликувано доживување, во самото нивно врело, ние наоѓаме извор на Вода Жива. Над тој извор сè до крајот се наведнуваме, бараме и црпиме секогаш ново и неповторливо.

Овие моменти се извор на неизобличена човечност, вистинско монаштво, изворна вера, Православие. Дали нешто вреди тоа што носиме монашко расо, или што, извалкани со боја пред светот изигруваме сликари, или што сме епископи кои треба да учат на Православие, ако сето тоа не извира од изворот на Живата Вода, на кој пак, се напојува некој кој нема официјални граници на својата православност? Православието секогаш се раѓа во срцето, извира од срцето, за потоа да биде, колку е тоа можно, одредено и со разум. Но ако го имаме ова второто, но не и првото, тогаш во нас го нема животот.

Мојот пријател ми пишуваше:

Неодамна бев толку наивен што на еден монах му доверив како некогаш во делата на западната уметност почуствував благодат. Помеѓу другите уметници, го спомнав и Ван Гог. По краткото молчење, тој ладно ми возврати дека во случајот кај Ван Гог не може да биде благодат. Кажа дека станува збор за мир на задоволени страсти. Зашто Ван Гог полудел, ако ја вкусил благодатта? – ме запраша. На моето настојување да ми каже дали навистина верува дека благодатта не ги посетува поединците кои не се во Црквата, ми рече дека тоа се случува единствено и исклучиво во случај кога тие поединци треба да се обратат и да влезат во Црква. „Само мал број на луѓе ќе се спасат, повеќето ќе пропаднат“ – ми рече.

Недолго по тој мачен разговор, кој знае по кој пат се уверив дека надворешното припаѓање на Црквата толку малку значи. По разделбата ме пратеше длабоко чувство дека овој монах и јас не веруваме во истиот Христос. Дека некој од нас двајца не верува во Христа. Сакам да верувам дека тоа не е вистина, дека тој некаде длабоко во срцето сепак го има ова познание кое од непознати за мене причини не може моментално да се пробие на површината од неговата личност.

Набљудувајќи се себеси, многу пати посакував пред Христа, и покрај крштението и расото, да се појавам не во својата, туку во кожата на Ван Гог. Уверен сум дека отсеченото уво на Ван Гог пред Бога вреди повеќе отколу десет лажни монаси. Големо ќе биде нашето изненадување оној ден кога ќе видиме дека наместо нас во одајата на Женихот има многумина неофицијално повикани. Толку многу маченици за Вистината и страдалници за Убавината, силно за Него копнеејќи, отскокнуваа од утврдените патишта, презирајќи ги калапите, занемарувајќи ги правилата. Негрижејќи се што со тоа ги загрижуваа оние што освен правила ништо друго немаа. Оние кои кон Црквата се однесуваат како кон партија, кои мислат дека на Бога Му е потребна нивната членска карта, а не нивното срце, кои сите надвор од својата партија ги осудуваат на пропаст. Кои веруваат дека еднаш за секогаш се здобиле со спасение, слепи за нашите секојдневни и многубројни умирања и воскреснувања. Кои потајно се надеваат дека таа членска карта сама по себе ќе им овозможи во нивната уметност или теологија да бидат православни, дека другите поради неа нема да ја видат, како нивната јаловост и недаровитост, така и огромните таланти на оние надвор од нивната секта. И оние, кои паѓаат на најниските гранки и, очекуваат дека, мавтајќи со припадноста како со лепеза ќе го прикријат недостатокот на шармот од телесната привлечност и исконската човечност и така за себе полесно ќе си најдат сопружници.

Наспроти ова, мачениците за вистината и страдалниците за Убавината по секоја цена сакаа да Го добијат Живиот Христос. Ако за тоа е потребно, понекогаш во горчината на осаменоста, одбивајќи да ја успокојат мирната совест поради следување на правила, барајќи го единствено Неговото недвосмислено и непрестајно, овде и сега, присуство во своите срца, дури од јад да ја изблујат и сопствената утроба, јас верувам дека се вистинити зборовите на оној поет: „И повраћајући ја ћу у Рај ући.“ *

* Стихот е извадок од песната: „Песна за мојот 27 роденден” – Бранко Миљковиќ (1934-1961). Пренесен е во изворен вид, за да се запази играта со зборови. Преводот на македонски јазик би гласел: „И повраќајќи, јас во Рај ќе влезам“.

монах Ромило Хиландарец
Извор: „Писма до младиот уметник, новопридојден под закрилата на Црквата“
Превод: Никола Чолески

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz