Христијанско образование во семејството

Уште од најстари времиња се сметало дека христијанското образование на децата треба да се прими главно во домот, во семејството. Поучувањето кое се дава во црковните училишта и присуството на богослужбите имаатголемо значење, но тие многу зависат од семејната соработка и однесување. Меѓутоа, оваа должност на семејството, да ги праќа децата на веронаука и да ги носи на богослужбите во црквата претставува само дополнување наглавниот процес на христијанското воспитание што продолжува, ден по ден, во домот. Интересно е што нема доволно соодветна литература за христијанско образование на децата. Во пребогатата ризница на богословските и литургиските дела нема ни многу простор, ниту разбирање за родителските должности. Проповедта упатена до родителите, по правило содржи или прекор заради занемарување на црковните обврски или се обраќа на нивната совест и ги опоменува да ги носат децата во црква. Дури и кога се во прашање посебните случаи, на пример, кога се читаат молитви за мајката која се породила, молитви за воцрковување или молитви за мајката која пометнала;недостатокот што постоиво однос на духовната потреба и чувството на мајката е неразбирлив. Исто така, тешко е да се разбере правилото со кое на мајката ѝ се забранува шест недели по раѓањето да присуствува на црковните богослужби и да пристапи кон Светата Причест.

И покрај сè, семејството се смета за „домашна црква“, а задачата на родителите е навистина еден вид лаичко свештенство. Во христијанското семејство православната верата мора да се „воплоти“; таа мора да биде оживотворена во секојдневното искуство на живеењето, од час во час. Децата присуствуваат во црковните училишта еден час неделно; на богослужбите уште еден до два часа, но искуството на семејниот живот се одвива непрестајно, секој ден во годината, и се отелотворува во секој детаљ од животот – во личните односи, во набавката и подготвувањето на храната, заедничкиот оброк, здравјето и болестите. Тоа е една цела сфера во која се одвива животот на детето.

Не знам како, и во најкратки црти, да го објаснам начинот на кој Црквата може да го раководи и да му помогне на семејството. Најмногу што може да се направи е да се потрудиме нешто повеќе да дознаеме за христијанското образование во семејството, неговите задачи и проблеми.

Љубовта кон семејството

Суштинското својство на семејството е љубовта. Семејството се заснова на љубовта. Таа е отелотворување на меѓусебната љубов на неколкуте човечки битија. Семејството не се создава под законски и правни дефиниции, ниту пак, се карактеризира со сродни години, професии, вкусови или, пак, од бројот што го сочинува тоа семејство. Семејството се темели на заемната љубов на мажот и жената и на меѓусебната љубов на родителите и децата. Искуството на семејната љубов се разликува од останатите видови на љубов. Тоа е егзистенцијално во смисла дека – за разлика од романтичната љубов или посветеноста кон некоја цел која бара објавување и објаснување во зборови – семејната љубов не треба свесно да се искажува со зборови. Уште повеќе, искуството на семејната љубов е сеопшто искуство, бидејќи секое човечко битие припаѓа на некое семејство.

Христијанското разбирање на семејството и на семејната љубов има особен карактер. Тоа е сродно на троичното поимање на Бог: човечкото битие не може да постои само по себе и само за себе. Напротив, се вочовечува преку љубовта кон другите човечки битија. Тој однос може да се наруши – сопружниците не мора да се сакаат еден со друг, родителите не мора да ги сакаат своите деца, децата не мора да ги сакаат своите родители – но недостатокот на љубов секогаш води кон разорување на вистинската природа на семејството.

Сопружничкиот однос

Односот на сопружниците во бракот многу се разликува од романтичниот период на „заљубеност“ кој наликува на голем бран кој го крева бродот од песочната плажа. Мажот и жената во бракот се жртвуваат себеси, својата слободна волја. Личноста станува дел од новата заедница. За да бидат среќни, двајцата мораат да бидат среќни; ако едниот сопружник е несреќен, тогаш и другиот е несреќен; болката на едниот истовремено значи болка и на другиот. Во вистинска смисла на зборовите, двајцата во бракот стануваат едно.

Она што го отежнува тој однос е тоа што сакањето не е исто што допаѓањето. Секогаш постојат особини и одлуки кои на едниот сопружник не му се допаѓаат кај другиот: надуеност или мрзливост, зборливост или нестрпливост, и некои други навики и вкусови наследени од родителскиот дом. Има ситуации кога сопружниците си одат на нерви еден со друг. Како да се излезе на крај со особините на брачниот другар, кои не ни се допаѓаат? Оваа очистувачкаприрода на брачниот живот е она што некој би ја нарекол брачно „подвижништво“; и многу искусни монаси тврдат дека подвижничкиот напор во брачниот живот е потежок од монахот во една монашка заедница. Во други општествени групи човекот може да ја избегнува личноста со иритирачките особини. Може и да се контролира за некое ограничено време; но во семејството нема начин да се изолираш. Таков каков што е, човекот треба да најде заеднички јазик со останатите членови од семејството, такви какви што се. Христијанското семејство (домашната Црква) вистински ги оживотворува своите битија кога тој „заеднички јазик“ се пронаоѓа низ вистинсковоплотување на христијанската вера, надеж и љубов.
Глава 13 од Посланието на св. апостол Павле до Коринтјаните засекогаш ќе остане најпрактичен и најкорисен прирачник за љубовта во меѓучовечките односи: „Љубовта е долготрпелива, полна со добрини, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не се гордее, не прави што не е достојно, не бара свое, не се срди, не мисли зло, на неправда не се радува, а на вистина се радува, сè извинува, во сè верува, на сè се надева, сè претрпува“. Напорот да се практикува овој вид на љубов, постојаниот напор да се бориме во тој дух со илјадниците исцрпувачки тешкотии и проблеми во секојдневниот живот, трае без престанок, преку долгите години на секој христијански брак.

Длабоко верувам дека љубовта не ја исклучува лутината. Со вашата љубов нешто не е во ред ако не се лутите. Токму затоа што мажот или жената имаат љубовна визија кон другиот како особина на вредна љубов, ништо што ја нарушува и расипува таа нивна визија не може да ги остави рамнодушни. Господ Исус се разгневил на луѓето кои тргувале во храмот токму затоа што ги љубел. Лутината втемелена на љубовта е составен и нужен елемент во односите на сопружниците. Бракот не е „општество на заемна воодушевување“.Би отишла и подалеку и би рекла дека нема ништо лошо во извесен страв од прекорот или од гневот на брачниот другар. Во извесна смисла, сопружниците стануваат совест еден со друг. Но, лутината секако не значи ниту огорченост, ниту раздразливост. Таа наеднаш распламтува, но набрзо потоа доаѓа помирување, простување и помирување со оној кој е повреден.

Родителска љубов

Напредувајќи, семејниот живот добива нова димензија и нова перспектива. Ако бракот во себе вклучува одрекување од сопствената волја, при што секој сопружник станува дел од другиот, тогаш со доаѓањето на децата самопожртвувањето на родителите се повеќе се зголемува, па понекогаш се чувствуваат изгубени во метежот на семејните обврски и должности. Но, во тој процес, секој член од семејството мора да ја пронајде својата нова личност, која ќе биде појака и побогата од претходната. „Вистина, вистина ви велам: ако пченичнотозрно, што паднало на земја, не умре, останува само; а ако умре – ќе донесе голем плод“ (Јн. 12,24). Ова вистинско „подвижништво“ на семејниот живот е тежок и макотрпен процес. „Јас“ на секој член од семејството се потиснува, гази, стружи – за потребите на другите. И тој напор морате да го поднесете без оглед дали во тоа ви помага вашата христијанска вера или не. Непреспиените ноќи, физичката премореност, ограничувањето на слободата и грижите не можат да се избегнат. Мажот може да се почувствува запоставен затоа што неговата жена станува сè повеќе мајка а помалку сопруга, и таквото чувство може да внесе не малку горчина во брачниот живот. Користејќи термини на христијанската вера, доброволното одрекување од самиот себе, од преголемото придавање значење на сопственото „јас“, може да стане жртва од која ќе се роди нова и посилна личност. Покрај подготвеноста за жртва, неопходен е напор за да се препознае она „јас“ кај дригите луѓе, да се разберат нивните личности, нивните гледишта и нивните дарови.

На родителите им е потребно просветлување и раководење во разбирање на значењето на вредностите на новниот однос со децата. Суштината на овој однос е одговорна љубов, што вклучува авторитет, почит и разбирање на личноста на детето. Од христијанско гледиште, родителската љубов поседува секакво емоционално богатство на љубовта, но не смее да биде присвојна. Во својот највозвишен вид таа е сосем несебична, а пример за таква љубов ни дала Пресвета Богородица со љубовта кон својот Син. Родителската љубов не смее да се смета како подарок кој им го даваат на децата и за кој треба даочекуваат благодарност. Кога и да слушнам дека родителите се жалат дека нивните деца се неблагодарни, во мене се јавува сомнеж во квалитетот на нивната родителска љубов. Мајчинската љубов кон детето го исполнува нејзиниот живот и го збогатува. Таа ја чувствува таквата љубов како нешто поголемо од неа самата, нешто што не ѝ припаѓа во смисла на нејзина сопственост. Децата мораат да пораснат во независност од нивните родители. Самопожртвуваното или христијанско значење на родителската љубов е всушност прифаќање на тој факт; односно радосно прифаќање на растење на детето во независна личност. Примерот со Авраам и Исак денес сè уште има големо значење за секој родител, во смисла на подготвеноста на родителите да го принесе животот на детето кон Бога, секако не за негов земен крај, туку Бог, наместо родителот да биде Оној Кој ќе го раководи него.Таа радосна христијанска љубов е изобразена на сите Богородични икони на кои Господ Исус Христос е претставен како исправено седи во нејзиниот скут, а нејзините раце го закрилуваат, но не Го „стегаат“.

Софија Колумзин
Извор: Православен пат бр. 32
Превод: Александар Божиноски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz