Христијанска Биоетика

Во текот на последните години, дојде до брз напредок во сферите на медицината и биологијата. Научните откритија и достигнувања во биотехнологијата се појавуваат со таква брзина, што дури и на научниците и специјалистите им е тешко во потполност да го следат развојот на настаните.

Дешифирањето на човечкиот ген, клонирањето на вишите цицачи, методите на помошна репродукција и истражувањето на матичните клетки, претставуваат само некои од примерите на научниот успех кои, како што се претпоставува, постепено ја откриваат тајната на животот и овозможуваат примена на низа нови методија на лечење кои, не толку одамна ни изгледаа сосем недостижно. Ваквите успеси денес побудуваат голем ентузијазам кај луѓето и создаваат погрешно уверување дека имаме контрола над животот. Меѓутоа, самиот факт дека во овој момент ние продираме во механизмот на самиот живот, побудува неспокојство и страв во поглед на можните, непредвидени и непосакувани последици. Во однос на прашањето на границите кои мора да се постават за навлегувањето во доменот на човечкиот живот, се појави уште една научна гранка – биоетика. За своја задача биоетиката ја постави проценката на научните достигнувања, разработка на критериуми и морални принципи; освен тоа, таа изведува и заклучоци во црска со прашањето дали тоа, што се постигнува со помош на науката, е истовремено и правилно од морална гледна точка, како и (тоа) дали навистина е корисно за луѓето.

Православната Црква е длабоко вознемирена од ова забрзано, прогресивно движење на науката и појавените биоетички проблеми кои се јавуваат во врска со него. Црквата е повикана да даде морална оценка на различните навлегувања во човечкиот живот и да го изложи своето дуговно гледиште, кое денешните луѓе ќе ги избави од новонастанатите смутови. Мислењето на Црквата е потребно како за научниците, така и за општеството во целина, поради што денес фактот за учеството на Црквата и богословите во комисиите за биоетика се прифаќа како нешто нешто се подразбира само по себе.

Мислењето на Црквата, пред сите други, би сакале да го дознаат и самите верни, во нивната потрага за морално раководство, кога од време на време, се соочуваат со тешки морални дилеми, како што се следните: дали, од морална гледна точка, е исправно да се изврши абортус доколку животот на носилката е речиси незамислив доколку продолжи со носењето на детето; дали, од гледна точна на моралот, е исправно да се прекине животот на старите луѓе на нивно сопствено барање и во случај да боледуваат од неизлечива болест; дали, од гледна точка на моралот, е исправно доколку еден бездетен пар побара екстракорпорална (вонтелесно) оплодување, сурогат-мајка или доколку, во иднини, би се овозможило на ваквиот пар преку клонирање да добие дете какво што посакува?

Секако, овие дилеми не се единствените со кои денес се соочуваме и тие, во секој случај, нема да ги исцрпат размислувањата за биоетиката. И макар што постојат повеќе интересни биоетички пристапи кои, неспомнено, фрлаат определено светло на овие проблеми, во рамките на овој оглед ќе се ограничиме само на разгледување на ставовите кои православното богословие ги завзема во однос на нив.

Навлегувањата (плеткањата, мешањата) во човечкиот живот кои, во зависност од нивниот резултат, се сомнителни од аспект на моралот, може да се поделат во две категории: 1) на оние кои водат кон прекинување на животот (абортус, во почетокот на животот и евтаназијата, во завршниот стадиум на животот), и 2) оние кои го потпомагаат формирањето на човечкиот живот (вонтелесното оплодување, сурогатното мајчинство и клонирањето). Меѓутоа, пред да ги разгледаме овие категории, би требало да кажеме нешто за начинот на кој православното богословие им пристапува на биоетичките проблеми. Постои разлика меѓу христијанското гредиште и световното гледиште на биоетиката. Световната етика во луѓето гледа биолошки битија. Таа тежнее кон подобрување на квалитетот на живеењето, и истовремено, се обидува на проблемите да им ја даде таа оценка, која максимално би ги задоволила материјалните и социјалните човекови потреби. Световната биоетика се обидува да ги измири различните гледишта, со самото тоа водејќи кон согласноста на мнозинството преку примената на етички принципи, деонтолошки кодекси, па дури и закони кои ги регулираат ваквите прашања.

Меѓутоа, христијанската биоетика не може да го прифати сличниот принцип, затоа што таа ги гледа луѓето не само такви какви што се, туку и онакви какви што се повикани да постанат – со други зборови, ги гледа и како богови по благодат. Христијанската биоетика не се ограничува само на овоземниот живот и на човечките потреби во овој живот, туку се простира и на есхатолошката перспектива, која се смета за неспоредливо поважна.

Според христијанското учење, моралната исправност не се состои во согласноста на мнозинството, туку во она што е согласно со Божјата волја. Христијаните не се восовршуваат во некаква воопштена и апстрактна духовност, туку во самиот духовен живот, стапувајќи во личносен однос со Светиот Дух, обидувајќи се да се откажат од сопствената волја, за Бог да може да заблеска во нив.

Во своето дело „За животот во Христа“, св. праведен Николај Кавасила истакнува дека духовниот живот се состои од благодатта која ја примаме преку Светите Тајни на Црквата, но и од личниот подвиг (насочен) кон стекнувањето на таа благодат, преку поистоветувањето на нашата волја со Божјата. Во продолжение, тој кажува дека е неправилно да се причестуваме со Телото и Крвта Христови, доколку нашиот дух е поинаку расположен, и доколку одбиваме да ги овоплотиме Господовите зборови „Да биде волјата Твоја“ во нашите животи.

На ова место се соочуваме со сериозна потешкотија во моралната процена на биоетичките проблеми. Дали сме во состојба да ја дознаеме Божјата волја и, според тоа, да знаеме што е морално прифатливо во однос на тие проблеми? Божјата волја да дознаваме преку нејзиното пројавување во Светото Писмо и Преданието на Црквата, односно, преку двата извора на божественото откровение. Меѓутоа, очигледно е дека текстовите од Писмото и Црковните Отци не можат да ни понудат одговори на сите прашања, затоа што овие прашања, со исклучок на абортусот, биле потполно непознати во времето кога текстовите биле напишани.

Меѓутоа, фактот дека во Црковното Предание не постојат готови одговори не значи дека Црквата не е во состојба да ја понуди својата спасоносна помош. Бидејќи сите прашања на биоетиката се поврзани со морални проблеми и се појавуваат во пресудните моменти од животот на човекот, секоја нивна проценка мора да биде заснована на Црковното учење за потеклото, вредноста, карактерот, целта и конечното определување на човечкиот живот. Учењето на Црквата за светоста на животот, за создавањето на човекот според „лик и подобие Божјо“ (1Мојс.1,26), за бракот и раѓањето деца, за смисолот на болката и патењето и за вечниот живот, овозможуваат да се изнесе морална проценка која би била согласна со Божјата волја, каква што ни е предадена во откровението.

Пред православните богослови се наоѓа важна задача, која се состои во запознавањето со новите научни податоци, за вистината на своето учење да може да се изрази на јазикот кој е разбирлив за современиот свет.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz