Храмот без заедница станува бесмислен обреден сервис (2)

продолжеток од првиот дел

Што да се прави?

Неуморно да се приложуваат напори парохискиот храм да прерасне во состојба на заедница (општина). Евхаристиска заедница, во која сите, почнувајќи од настојателот, заедно се каат, заедно се молат, заедно ја творат Литургијата и се причестуваат. Заедница во чиј центар е Словото Божјо и Евхаристијата. Секој кој го преминува храмовиот праг да го прими повикот на Спасителот: „Покајте се и верувајте во Евангелието!“ (Мк 1,15).

Лесно е да се каже, а тешко да се направи. На патот при градењето на заедница има многу опасности и искушенија. Постои ризик, наместо Евангелието и Евхаристијата во центарот на таквата заедница одненадеж да се појави човек (на пр. настојателот или друг свештеник), или главно нешто да стане социјалната дејност или едноставно заедничкото дружење и поминување на времето, или пак, некоја псевдоправославна идеологија. Но, како што велат Португалците, „quem não arrisca, não petisca“ (кој не ризикува ништо, ништо и не добива): без труд нема ниту празник.

Целосно исплашен од грешки е само оној кој ништо не прави. За да нема духовни нарушувања, важно е и сѐ да се прави во согласност со својот епископ, кој, за разлика од поставените од него презвитери, е пастир во полната смисла на зборот.

А најглавно е да не се заборави дека сите ние, и клириците, и верните, сме само орудие во рацете Божји, дека без благодатта Божја нема ништо добро да ни излезе. И дека глава и градител на Црквата е самиот Христос. Нехристоцентричната заедница со најпрекрасни дела е пародија на црква.

Од најраните времиња на Христијанството постоеле различни форми на црковниот живот. Чинам, денес би било правилно да не се спротивставуваат различните еклисиологии една на друга – парохиската, општинската и евхаристиската, туку да се пронајдат патишта за нивно соединување.

Заедница во чиста форма, без храм, е речиси невозможна, освен во некои екстремни услови (затвор, армија, мисионерски камп). Од друга страна, храмот без заедница ќе стане бесмислен обреден сервис. Зошто да не биде во исто време и едното и другото: храмот да биде форма на постоење на заедницата.

Да, имено со Евхаристијата се изградува Црквата, за што многу пишувал во свое време прот. Николај Афанасјев. Но, вистинито е и нешто друго – Евхаристијата го изразува и веќепостоечкото единство на црковната заедница, што неа ја извршува. Ако го нема тоа единство на верните и клириците во Христа, Евхаристијата станува чисто механичко дејствие, а Литургијата (букв. на грчки „заедничко дело“) – приватно дело на оние што се причестуваат.

Користејќи ја приликата, на сите им го честитам празникот Педесетница – денот на раѓањето на Црквата. Духот Свет, Кој слезе врз учениците и апостолите и од нив ја создаде Црквата, нека нѐ исполни и нас со својата соѕидувачка сила!

Игумен Арсениј Соколов,
настојател на храмот „Сите светии“ при Московската Патријаршија во Лисабон, Португалија

Приредил: М-р. Георгиј Глигоров

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz