Храмот без заедница станува бесмислен обреден сервис (1)

Најпрво треба да се објаснат самите термини покајание и исповед. Тие поими се блиски, но сепак не се идентични.

Покајание

Преведувачите на Библијата на руски јазик го употребуваат зборот „покајание“, како превод на еврејскиот термин „тшува“, но така и за предавање на грчкиот термин „метаноја“. Именката „тшува“, пред сѐ, означува „враќање“ и происходи од глаголот „шув“, враќа (на пр. се враќа дома од патување). Во религиозна смисла „тшува“ е враќање кон Бога.

Грчкото „метаноја“ буквално се преведува како „промена на умот“. Т.е. промена на внатрешната состојба, промена на ставовите и начинот на живот. Обично руските преводи и „тшува“, и „метаноја“ ги предаваат со еден ист збор „покајание“, обединувајќи ги така и двете смисли што се содржат во оригиналните библиски зборови.

Кога човекот застранил од патот и пошол во погрешен правец, тој, за да не залута до крај, треба да се сврти и да тргне назад кон местото, од кадешто почнал да оди во погрешниот правец. Тоа не може да се стори, додека не се осознае дека не се оди во вистинскиот правец, додека не се случи „промената на умот“.

Прекрасна ислутрација на ова е евангелската приказна за блудниот син, кој прво „дојде при себе“ (Лк 15,17), а потоа „стана и појде кон својот татко“ (Лк 15,20). Кај ликот од приказната се случила „метаноја“, а потоа тој решително станал и направил „тшува“, враќање. Ако било само „метаноја“ без „тшува“ (каење без враќање), тој, најверојатно, и би загинал во далечната земја, во која се нашол.

Само „метанојата“ без решителната „тшува“ го привела Јуда кон очајание и самоубиство: „Јуда… се покаја,.. отиде и се обеси“ (Мт 27,3-5). Значи, во покајанието неопходни се и сознанието за оддалечувањето од Бога, како и решителното дејствие за да се врати кон Него.

Исповед

Гревот не е потребно само да се осознае и само внатрешно да се одврати од него, туку и да се открие, да се објави на Бога: „Ти го открив гревот мој и не го сокрив беззаконието мое“ (Пс 31,5). Не треба едноставно да се вратиме при Бога, туку и смирено да признаеме: „Оче, згрешив… и… недостоен сум“ (Лк 15,21). Зошто? Зар сезнајниот Бог не го знае тоа, зар е можно нешто од Него да се сокрие? Не, таквото исповедање, таквото признавање е потребно за мене, грешникот, преку него го изразувам своето жалење и каење за стореното: од преполнето срце зборува устата. Исповедта е откривање на гревот, негово именување.

И така, покајанието заедно со решителното одвраќање од погрешниот животен правец и се изразува во исповеданието пред Бога, во смиреното откривање пред Него на целото свое срце, со тврда надеж дека ќе бидеме помилувани. Но, дали таквото радикално дејствие може да биде често? Може ли блудниот син секоја недела да си заминува од таткото и повторно да се враќа кај него? Не. Во таков случај, што се случува тогаш во обичната исповед?

Блудниот син се вратил во татковиот дом и живее со таткото. Ама тоа е живот, и децата не секогаш им се послушни на родителите, честопати ги жалостат. А потоа бараат прошка. Истото се случува со редовната исповед. „На измиениот треба само нозете да му се измијат“ (Јн 13,10) – му вели Спасителот на Петар. Човекот не е совршен и не може да лета по воздухот. Ние одиме по земјата и не можеме, а да не ги извалкаме нозете.

Авторите на многу статии, посветени на современата парохиска пракса на исповед, правилно укажуваат на нејзината болна приврзаност со причестувањето. Неспорен е фактот, дека таквата вештачка приврзаност не треба да постои – клириците и верните, кои немаат канонски забрани, се причестуваат на секоја Литургија, а се исповедаат по потреба.

Правилата за подготовка за Причест се исти и за клириците, и за верните. За верните нема специјални, построги од оние за клириците, правила. Може ли да си претставиме епископ или свештеник кој служи Литургија, а не се причестува на неа? Таквото чудно однесување би било тешко канонско нарушување.

Едноставно да присуствуваш на евхаристискиот дел од Литургијата е бесмислено. Тоа е како да одиш поканет на вечера и да си заминеш без да вкусиш од јадењето. Евхаристијата е Трпезата Господова, свадбената гозба на Јагнето. Има ли смисла да си биде обичен набљудувач на таа гозба? Ако по некоја причина не можеш да се причестиш (на пр. не си се помирил со ближниот), тогаш зар не е подобро при возгласот „Двери, двери!“ да излезеш со оние што сѐ уште не се крстени или се наоѓаат под некоја временска забрана?

Путир
Путир, детаљ

Структурата на секоја Литургија е дводелна: Литургијата на огласените е за сите, додека таа трае дверите на храмот се широко отворени, за сите да можат да се помолат: „за мир на целиот свет“, да го слушнат Словото Божјо и проповедта; а Литургијата на верните е за верните.

Но, уште поголем проблем на црковниот живот се состои во тоа што многумина, исповедајќи се цел живот, воопшто и не го доживеале она радикално покајание, обраќање, што се случува само еднаш во животот. И на тој начин не го направиле најглавниот егзистенцијален избор: да се припаѓа на светот или да се стане слуга Божји.

Се чини, на повидок излегува аналогијата со постариот син од истата евангелска приказна. Но таа аналогија се согледува само по однос на оние што никаде не се оттргнале од Бога: од детството биле воспитувани од црковни родители, кои навреме ги спровеле до исповедалниот аналој, навреме ги ставиле под венец или во Богословија…

Но, на богослуженијата има и многу такви што за првпат влегле во црква, веќе возрасни, влегле само да запалат свеќа и да се помолат за нешто свое. Такви, за кои доаѓањето во црква не е поврзано со некоја внатрешна промена, кои продолжуваат да си го живеат вообичаениот живот, и само понекогаш, не многу често, доаѓаат во црква, се исповедаат, се причестуваат – но само затоа, за сѐ да се среди во семејството, домот и производството. Тука умесно е да се спомене не за приказната за блудниот син, туку за беседата на Христос со Никодим (Јн 3).

Всушност, оние што не доживеале покајание можат и да бидат добри парохјани. Да доаѓаат редовно на богослуженијата, да се исповедаат, причестуваат, да носат одговорни црковни послушанија, и дури да станат свештеници. Ама од нив нема да се образува заедница.

(продолжува)

Игумен Арсениј Соколов, настојател на храмот „Сите светии“ при Московската Патријаршија во Лисабон, Португалија

Приредил: М-р. Георгиј Глигоров

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz