Хомосексуалниот христијанин

Голем број на хомосексуални мажи и жени тврдат дека Христијанската вера е водечкото правило во нивните животи. Некои од нив сметаат дека нивната сексуална ориентација им е дадена од Бога, дека е добра, и дека нема ништо лошо ниту погрешно со нивните хомосексуални активности. Овие лица велат дека Библијата и Црковното Предание не го осудуваат хомосексуалното однесување, туку дека истите се погрешно протолкувани и злоупотребувани, некогаш незнаејќи, а почесто и знаејќи, од страна на злобни луѓе со предрасуди, кои ги мразат хомосексуалците. Оние кои веруваат во ова најверојатно сакаат и другите да се согласат со нив, и голем дел од нив упорно работаат на прифаќањето на нивните ставови, особено од браќата Христијани и Црковните лидери.

Создавањето на Ева

Другите Христијани стојат на мислењето дека нивната сексуална ориентација не е од Бога – освен по промисла, затоа што Господовиот план неизбежно ја вклучува и човечката слобода и гревот, туку [дека таа] произлегува по човечка вина. И додека некои од овие луѓе не се волни или способни да ги идентификуваат конкретните причини за нивните сексуални желби, иако сепак потврдуваат дека тие не се добри и не треба да се допуштат, другите со помош на она што тие го сметаат за правилно библиско толкување и точна психолошка анализа, го идентификуваат изворот на нивната сексуална определба во вината и грешките на нивните семејни искуства, особено во раното детство, а дури и пред тоа, а кои придонеле за нивната сексуална ситуација. Овие луѓе сметаат дека се повикани од Бога да се борат против нивните хомосексуални тенденции, како што сите луѓе се повикани да се борат против гревовните страсти кои се наоѓаат во нив, работејќи на лекување на причините за нивната дезориентација и болест. Оние кои се држат до оваа позиција очекуваат од нивните ближни Христијани, а особено од нивните Црковни лидери, поддршка и помош во нивната духовна борба.

Православната позиција

Според Православното преданско разбирање на Светото Писмо на Стариот и Новиот Завет изразено во Црковната литургиска богослужба, светотаинскиот живот, канонските правила и животите и учењата на светителите, јасно е дека Православната Црква цврсто се идентификува со оние Христијани, хомосексуалци и хетеросексуалци, кои хомосексуалната ориентација ја сметаат како нарушување и болест, а хомосексуалните активности како грешни и декструктивни.

Според Православното сведоштво низ вековите, библиските цитати кои следат не дозволуваат ниту едно инакво толкување, освен очигледното:

Ако некој легне со маж како со жена, и обајцата извршиле гнасно дело.
(Книга Левит 20,13)

Затоа Бог ги предаде на срамни страсти: жените нивни природните потреби ги заменија со противприродни; и мажите исто така; оставајќи го природното зближување со женскиот пол, се распалија со желби еден кон друг, и вршеа срамни работи мажи со мажи, добивајќи отплата каква што одговараше на нивната заблуда.
(Римјаните 1,26-27)

Или не знаете ли дека неправедниците нема да го наследат царството Божјо? Не лажете се: ни блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубодејците, ниту ракоблудниците, ни мажеложниците, ниту крадците, ни користољупците, ни пијаниците, ниту хулниците, ни грабачите нема да го наследат царството Божјо. А такви беа и некои од вас; туку се измивте, се осветивте, се оправдавте во името на нашиот Господ Исус Христос преку Духот, на нашиот Бог.
(1Коринтјаните 6,9-11)

Неволни гревови

Според Православната Црква не се сите гревови намерни и волни, и не се сите гревовни дејства свесна вина на оние кои ги прават; барем не на почеток. На кратко кажано, гревот не секогаш е нешто за кое грешникот е неизбежно виновен во целост и на свесен начин. Постојат гревови од незнаење и страст, гревови кои „работат во нашите членови“, како што вели св. Павле, дури и спротивно на нашата разумна и свесна волја (в. Римјаните, глава 6 и 8). Ова се гревовите кон кои Црквата се обраќа во нејзините молитви кои верните Го молат Бога да им ги прости и остави »гревовите свесни, но и несвесни, волни, но и неволни«.

Има гревови кои се несвесни, неволни, неизбрани; гревови кои ги надминуваат луѓето и кои ги присилуваат преку нерационални импулси и пориви, преку слабоста на телото, емотивните нагони и погрешно насочени желби кон дејства кои тие самите не ги сакаат, а често и ги презирааат и се гадат од нив – дури и тогаш кога се вклучуваат во нив. Овие гревови се традиционално познати како страстни гревови. Фактот дека овие гревови не се слободно избрани не ги прави помали гревови. Да грешиш, значи да ја промашиш целта, да излезеш надвор од патот, да скршнеш, да се оскверниш, да погрешиш… без разлика на тоа дали дејството си го избрал свесно и волно, или си делувал со некоја цел, и без разлика дали личноста слободно и целосно погрешила.

Искупени грешници

Според Православното Предание, Христијаните се искупени грешници. Тие се човечки битија кои се спасени од болеста и гревот, избавени од ѓаволот и смртта по Божјата благодат преку верата во Исуса низ силата на Светиот Дух: „а такви беа и некои од вас.“ (1Кор. 6,10) Тие се крстени во Христа и запечатени со Духот со цел да го живеат Божјиот живот во Црквата. Тие ја сведочат нивната вера со редовното учество во литургиските богослужби и евхаристиското заедничарење, проследено со редовно исповедување, покајание и безрезервна борба против секој облик на грев, волен и неволен, кој се обидува да ги уништи нивните животи во овој и во светот кој ќе дојде.
Хомосексуалниот Христијанин е повикан на посебно сурова битка. Неговата или нејзината борба е посебно свирепа. И сигурно не е олеснета од безумната, навистина демонска омраза на оние кои ги презираат и иссмеваат оние кои се носат со овој болен и тежок крст; ниту од безумната, еднакво демонска потврда на хомосексуалните дејства од страна на заблудените поборници и допуштители.

Како и сите искушенија, страсти и гревови, и често навидум неизбришливо всадени во нашата природа преку нашето тажно наследство, хомосексуалната ориентација може да биде излечена и хомосексуалните дејствија може да престанат. Со Бога сите нешта се возможни. Кога хомосексуалните Христијани се волни да се борат, и кога добиваат трпелива, сострадална и личносна помош со љубов од нивните семејства и пријатели – од кои секој од нив се бори со неговите или нејзините искушенија и гревови, зашто никој не е без оваа борба на овој или оној начин, и ниту еден не е без грев освен Бога – Господ ветува победа на начини познати само Нему. Победата, пак, им припаѓа само на оние смели души кои ја признаваат нивната состојба, се соочуваат со нивната горчина, го изразуваат својот гнев, ги исповедаат своите гревови, и им простуваат на нивните напаѓачи (кои секогаш ги вклучуваат нивните родители и членовите на нивните потесни семејства), и посегнуваат по помош со искрена желба да бидат исцелени. Исус Самиот ветува дека светите херои кои „ќе истраат до крај“ во овој „тесен пат што води во животот“ сигурно ќе „бидат спасени“. (Матеј 7,13; 24,13)

Отец Томас Хопко

Оставете коментар

2 Comments on "Хомосексуалниот христијанин"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

Простете,
но кој е првиот чекор кој би требало да го преземиме за спасение од оваа неволна ситуаиција? Тешко е да се преземи иницијатива во состојба на крајна опаднатост на духот – очај.

Господе, помилуј ме.

ГВ, најправилно е да одиш кај духовен отец да се советуваш како да се бориш со ова …
Ако се каеш и си свесен/свесна дека е грев, Бог сигурно ќе ти даде сила да се бориш против овој грев, како и против секој друг грев.
Бог со тебе и сите нека не помилува !

wpDiscuz