Молитвата никогаш нека не престане!

Во сржта на молитвата лежи истрајноста. Денешното Евангелско четиво (Мт. 15,21-28) ни покажува до кој степен човекот може да оди со цел да го добие она што му е потребно од доброподателниот Бог Кој нè љуби.

Исус бил повлечен во далечна земја (единствен случај во Евангелието каде Тој е вон еврејска територија), токму пред Неговите страдања и смрт. Му пристапила жената Хананејка, од чијашто народност верните Евреи се гаделе. Уште повеќе, таа побарала од Странецот да ја излечи нејзината ќерка од бес. Ќерката ѝ се мачела. Мајката изгледала очајно. Апостолите биле вознемирени од настојчивоста на жената. Христос изгледал незаинтересирано и на прв поглед ја игнорирал. Но, она што треба да се раскаже е остатокот на приказната.

Дека Христос сочувствувал со жената која била во мака, нема сомнеж. Сепак, постоеле пречки. Таа не била Јудејка, туку Хананејка (Фениќанка). Господ ѝ објаснува дека е испратен само при загубените овци Израилеви, и дека не е добро да се земе лебот од децата, и да се фрли „на кучињата“. Жената не била одвратена од Господовата наводна строгост: „но и кучињата јадат од трошките, што паѓаат од трпезата на нивните господари“. За Господа, ова било доволно. Тоа било јасен чин на верата. Потврда за Неговата воочлива моќ на лекар и владетел на природата.

Ова четиво не ни кажува дали жената се конвертирала во јудеизам. Едноставно, ни открива дека личната сила произлезена од Христа Бога била доволна за да го придвижи нејзиното срце кон покороност. Она што започнало како разговор меѓу странци и закоравени непријатели, при што таа Го ословила Христа како син Давидов, завршило со размена на срдечност, при што таа Го ословила Христа како Господ.

Исцелувањето на ќерката на жената Хананејка
Исцелувањето на ќерката на жената Хананејка

Знаменитата поука на овие стихови од Матеевото Евангелие е непобедливата упорност на мајката. Душата на нејзината ќерка била на коцка. Силите на злото ја заробиле, и тврдоглаво не попуштале. Замислете ја оваа очајна мајка – соочена со претстојната болна загуба на своето чедо. Ништо не можело да ја сопре во нејзината потрага за исцеление на своето чедо, за оттргнувањето од уништувачката сила на принцот на темнината. Токму таа предаденост, таа истенчена фокусираност ја натерала да трага по Израилскиот Рабин. Најверојатно Тој бил нејзината последна и единствена шанса.

Што значи ова за нас? Најверојатно не сфаќаме како треба да се молиме; и затоа, Христос нè поучува да бидеме упорни во молитвата – да продолжиме да бараме, да продолжиме да тропаме. Всушност, она што е најважно за нас не нужно е тоа да го добиеме она што сме го барале, или да поминеме низ вратата на којашто чукаме. Не. Попрво, она што е најважно е ние, како избезумената мајка, да ја откриеме блискоста со Господа преку истрајноста во молитвата.

Она што го сфаќаме е дека односот со Христа треба да го вреднуваме повеќе од сè и секого во овој свет. Молитвата, тоа е да бидеме познати, и да Го познаваме Бога на љубовта како наш Отец, како наш Спасител и како наш Свет Дух. Во молитвената блискост, не само што заедничариме што Создателот на вселената, туку нашите најдлабоки тајни ги предаваме на Христа, нашиот најдоверлив Пријател и Брат; и ни се дарува благодатта на Светиот Дух Кој нè осудува заради гревовите и нè уверува во ветувањето дека ни е простено. Со овој дар на блискост со Бога преку упорствување во молитвата, Бог понекогаш ни дарува духовна прегратка која ни е потребна кога сме осамени или отфрлени; или пак, ни дарува состојба на радост поради тоа што сме живи; или пак, потребната храброст за соочување со конфликтите дома, на работа или на училиште. Кажано поинаку, преку дарот на блискоста Божја сфаќаме дека нашето богатство не е во она што го немаме, туку напротив, во она што веќе ни е дадено.

Молитвата никогаш нека не престане! Бог го направи првиот чекор кон нас во Неговата нескротлива љубов. Тој е тука, во нашите срца, чекајќи нè да тргнеме кон Него, да трчаме по Него, да Го бараме, да Го тражиме, како што се трага по љубениот. Тука гледаме дека зборовите малку значат. И тука гледаме дека нашите потреби се второстепени. Она што е важно во бивањето упорен со Господа е самата упорност. Избезумената мајка упорствувала по Христа. Таа ги игнорирала советот на апостолите да Го остави Христа, да ги остави нив. Нејзината упорност станала нејзино дело на вера во Синот Божји и Господарот на времето. Таа немала гаранција дека нејзините напори ќе доведат до посакуваниот крај. Тоа не било важно. Имала само едно мало девојче дома, чие преживување било поврзано со можноста мајката да Го најде Христа и да го моли за исцеление.

Така е и со нас. Со мноштвото наши молитвени барања, од кои некои се повеќе, а некои помалку важни, мора да истраеме. Бог никогаш не е глув. Бог не ги запоставува своите деца. Бог ни одговара во Својата премудрост и ни го дава она што ни е потребно. Она што е важно е никогаш да не се откажеме, никогаш да не се обесхрабриме. Сетете се на Хананејката – нејзината упорност ја доведе до блиска заедница со Христа Бога. А таа блискост нè очекува и нас. Нему нека Му е слава во вековите на вековите. Амин!

Презвитер Димитриј Антокас

Оставете коментар

1 Comment on "Молитвата никогаш нека не престане!"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Ние, христијаните, имаме најпроверено средство за сите проблеми. Молитвата. Дури и никако да не сакаме да се молиме, и да сме во крајна тага и униние, многу е важно да се присилиме на молитва. […]

wpDiscuz