Жената Хананејка и Достоевски

Жената Хананејка

Денешното Свето Евангелие нè соочува со еден аксијален момент на духовното живеење. Главниот лик, јунакот на денешното Свето Евангелие, жената хананејка, имајќи бесомачна ќерка, застана пред Христа и го молеше да ѝ помогне. Христос, пак, како да не ѝ обрнуваше внимание. Се чинеше дека сака да се ослободи од неа. Но, таа го игнорираше тоа и, упорно стоејќи во негова близина, бараше да ѝ се смилува на ќерката нејзина. Потем, му пристапија учениците и го замолија да ѝ помогне. Признаа дека тешко им паѓа нејзината настојчивост. Христос прифати дијалог со оваа чудесна жена. Забележа дека не доаѓа за да им помогне на луѓето што се надвор од лоното Авраамово. И тогаш, жената хананејка му упати чудесни зборови, кои важат за неа и за нејзиното време, но и за сите нас и за сите луѓе низ сите времиња, низ сите истории: „Господи, зарем и кучињата не се хранат од трошките што паѓаат од трпезата на господарот?“. Христос, и покрај тоа што знаеше со каква личност има работа, заради нас сите ѝ дозволи нејзе докрај да ја сведочи својата вера. Христос ѝ рече дека поради тоа што нејзината вера е огромна и восхитувачка, ќе ѝ биде по срцето нејзино. И ќерката нејзина во истиот час беше излекувана. Но, кој момент е аксијален за животот на човекот од овој век? Смирението, возљубени мои, кое жената хананејка го покажа пред Христа. Таа му пристапи како вистински смирен човек, кој не бара ништо по своја заслуга, туку сè по милоста на оној што е причина на нашето постоење, на нашиот живот.

Од луѓето на нововековието, до смирението на оваа библиска жена дошол големиот руски писател Достоевски. Познавајќи ја гордоста на човекот и – поради гордоста – невидената отуѓеност од Бога, Достоевски му порачал на човекот: „Горд човеку, смири се!“ – смири се пред Бога, смири се пред братот свој, смири се пред самиот себе, а сè што ти е вистински потребно, ќе ти биде дадено и ништо од насушно потребното нема да ти се одземе. Тоа е пораката на Светото Евангелие. Наспроти Достоевски и жената хананејка, многу горделивци, чиј број е незнаен, со устата на еден друг руски литерат, Максим Горки, во крешчендо извикуваа: „Човек – колку гордо звучи“. Тие од човекот градеа тотем, бог без Бога. Човекот без Бога требаше да ги реши егзистенцијалните прашања и проблеми во светот. Човекот човекобожечки разбран требаше да му донесе среќа на малечкиот човек, човекот потчинет од гордиот човек. Поробувањето на братот, неговото претворање во слуга и крвта негова беа премногу скапа цена за усреќување на човештвото. Господ да нè спаси од филантропијата на мизантропите. Господ нека ни ја даде смиреноста на жената хананејка и нека нè дарува со сили за реализирање на кажувањето и барањето на Фјодор Михајлович, та да се спасиме од непотребни жртви во овој свет и век.

Амин.

Отец Стефан Санџакоски

Оставете коментар

1 Comment on "Жената Хананејка и Достоевски"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

JAS SAMA ZA SEBE SE SMETAM ZA GOLEMA HRISTIJANKA. SO DESETTE BOZII ZAPOVEDI I VERNAUKA STO JAUSELE DEDO MI ,BABA MI ,TATKO MI I MAJKA MI VO NIVNO VREME-SREKNA SUM I JAS STO MI JA PRENELE I NA MENE,A JAS NA MOITE DECA.LJUBOVTA JA IMAME VO IZOBILST,NIKOGAS NEE ISCEZNALA,A ENERGIJATA NA SVETIOT DUH POSTOJANO JA PREPOZNAVAM I CUVSTVUVAM. SLAVA CES I POKLONENIE NA OTECOT I SINOT I SVETIOT DUH SEGA I SEKOGAS I VO VECNI VEKOVI AMIN.

wpDiscuz