Грузиската Црква го менува ставот кон ЕУ и НАТО

Делегација сочинета од свештенството на Грузиската Патријаршија минатата недела го посетила Брисел. Посетата започнала на 7 ноември, кога грузиската делегација се сретнала со НАТО-претставникот за Јужен Кавказ и Централна Азија, Џејмс Апатуреј. Ова била прва официјална средба со православно свештенство во центарот на НАТО во Брисел. За време на посетата, биле остварени средби со претставници на ЕУ и Европарламентот.

gruzija-eu

Во официјалната изјава на Патријаршијата се сумирани впечатоците од необичната посета.

„Увидовме дека и двете страни имале погрешни мислења едни за други: ЕУ и НАТО за Грузиската Патријаршија, но и ние за нив. Ние имавме погрешен впечаток за нивната политика кон одредени прашања.“

Понатаму во изјавата се опишани два примери за „погрешните впечатоци“ што Грузиската Црква ги имала во врска со ЕУ: прво, за божемната потреба за отстранување на веронауката од училишните програми, и второ, за наводните „сили“ во Грузија кои наводно се противеле на додавањето на уставен амандман со кој бракот би се дефинирал како заедница на еден маж и една жена. И во двата случаи, претставниците на Грузиската Црква без покритие сметале дека западните сили работеле против Црквата.

Но, според виденото во Брисел, тие се увериле дека и веронауката, и уставното дефинирање на бракот како заедница на еден маж и една жена, не претставуваат пречка за евроинтеграцијата на Грузија.

Оттука, Црквата смета дека грузискиот народ е тој што треба да одлучи дали земјата треба да се вклучи во ЕУ и НАТО. Според соопштението, најважно е 1) Грузија да остане независна, 2) Да се врати и гарантира нејзиниот територијален интегритет и 3) Развојот на државата да продолжи, но истовремено да бидат запазени традиционалните вредности.

Инаку, судирот меѓу Грузиската Црква и Брисел беше поттикнат од наметнатиот услов за визна либерализација за грузиските граѓани, носењето за законот против дискриминација, што во некои црковни кругови се толкувало како барање за легализација на истополовите бракови. Но, со оглед на новонастанатата ситуација, Грузискиот Патријарх изјавил дека му е мило што легализацијата на истополовите бракови не е предуслов за зачленување во ЕУ.

Политичките аналитичари со оптимизам ја коментираат оваа несекојдневна средба во Брисел, и се сигурни дека со ова се праќа порака дека Грузиската Црква ја поддржува евроинтеграцијата.

Извор: Правмир

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz