Грција ги одобри истополовите граѓански заедници

protesti-lgbt-atina

Доцна синоќа во вторникот, 22 декември 2015г., грчкиот законодавен дом одобри закон со кој им се овозможува правото на истополовите двојки да склопат граѓанско партнерство, пренесоа грчките медиуми. Со овој чекор, гласно осуден од Грчката Црква, Грција стана една многуте европски земји во која законски е овозможена и регулирана истополовата заедница. За законот преку кој се регулирани имотните, наследните и пензиските односи меѓу две лица од ист пол, гласаа 193 пратеника од 249-те присутни. Против беа само 55 пратеници (повеќето од коалицијата АНЕЛ, Златна Зора и Комунистичката Партија на Грција).

– Ова е важен ден за државата, за Парламентот, за човековите права и за демократијата – изјави премиерот Алексис Ципрас.

Последните неколку седмици се водеше жестока расправа во грчката јавност во врска со ова прашање. Пирејскиот Митрополит г. Серафим, заедно со Калавритскиот г. Амвросиј беа меѓу најгласните противници на можната легализација, и се заканија дека ќе ги прекинат сите односи со пратениците кои ќе го поддржат овој закон. Преосветениот Серафим во едно ТВ интервју потенцираше дека носењето на овој закон е „трагично напуштање на човечката природа“, но и дека Црковното „не“ не е хомофобичен, туку духовен одговор. Фтиотитскиот Митрополит г. Николај, во една ТВ емисија рече дека грчкиот премиер и пратениците, со оваа одлука како да го фрлиле Евангелието во корпа за отпадоци, претставувајќи го неприродното за добродетел и дар. Месогијскиот Митрополит г. Николај, пак, укажа дека последните неколку години пред Божик и Велигден како намерно да се создава некаков општествен смут кој ги соблазнува верните, и нивните срца се дефокусираат од евангелската празнична радост.

Пратеникот Василиј Левентис, пак, од Сојузот на центристите, ги обвини „десничарските владици“ дека „заглавиле во Средниот век“, и дека не смее да се дозволи да зборуваат што сакаат. Пратеникот Ставрос Теодоракис, од своја страна, изјави дека Црквата не смее да се меша во „креветот на народот“, но и дека е срамно што „некои владици користат говор на омраза. На пример, Калавритскиот Митрополит Амвросиј ќе ви рече да ги љубите сите, освен ако тие ‘сите’ не се проститутки, геј или Евреи [sic]“.

Дури и светогорците испратија порака до грчкиот министер за правда, со која побараа одложување на гласањето на овој закон. Во пораката, меѓу другото, тие потенцираа дека иако ја уважуваат слободата на секој еден граѓанин да избере дали ќе живее во Црквата или не, сепак, не можат да го сфатат воведувањето на практики спротивни на православното предание на грчкото општество, особено во Навечерието на празникот на Рождеството Христово.

На крајот, како што прашува еден од уредниците на сајтот „Ромфеа“, дали ова не е вовед во целосна измена на грчкото општество, па дури и на грчкиот Устав кој започнува со призивање на Света Троица? И зарем со оваа одлука не се преполнува чашата на Божјиот гнев?

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz