За старец Паисиј Светогорец

Старецот Паисиј нема потреба од нашите пофалби или од нашето претставување. Со неговата христоподражателна љубов ги успокои Бога и луѓето и затоа голема е неговата пофалба во Божјата Црква.

Го имаше реткиот дар да успокојува луѓе од секоја категорија, од секакво образование и од секаква духовна состојба. Се сеќавам на случајот со еден психијатар психоаналитичар кој помина низ нашиот манастир по неговата средба со Старецот. Не само што беше успокоен, туку ми кажа дека она што му го кажал Старецот бил последниот збор на психијатријата. Познато е дека отец Паисиј не читаше други книги освен Евангелието и Ава Исаак Сирин.

За да успокои една душа не штедеше време и труд. Еднаш имав недоумица како можеше да исцели еден млад човек со сериозни психолошки проблеми. Од почит не го прашував. По неколку години на оваа моја недоумица ми одговори на следниов начин: „Кога некој има проблем, треба да го слушаш со внимание колку време и да ти зборува, без да покажеш дека си се уморил, затоа што тогаш си загубил сé. Ете, јас тој и тој млад човек еден ден го слушав неподвижен девет часа. Затоа ми настрадаа цревата”. Тоа не беше единствениот случај кога жртвената љубов на отец Паисиј чудотвореше.
Друг пат, кога го прашав за еден тежок проблем што како духовник го среќавав во исповедта, ми рече: „Слушни отец, кога некој ќе стане духовник, треба да одлучи да оди во пекол за оние кои што ги исповеда. Инаку нека не станува духовник. Но јас ти велам дека таму во пеколот каде што ќе оди, ќе го направи рај, затоа што ќе ја има љубовта”. Страшни зборови, што само еден богоносен човек би можел да ги изговори.

Познато е дека во последните триесет години Пресветата Богородица се погрижи за возобновувањето на Света Гора. Отец Паисиј им припаѓа на оние Старци кои на многу млади луѓе им помогнаа да одлучат да станат монаси. И уште им помогна на многу млади монаси да се вкоренат на Света Гора и да донесат плодови. Го чувствувавме како помошник во нашата борба за раководење на нашите монаси, мелем на мнозина кои се бореа против ѓаволот, страстите и светот.

Старецот често советуваше да имаме духовно благородство и усрдност. Со тие добродетели се одликуваше и самиот, како што знаат оние кои го имаа сретнато. Еднаш кога го посетив во неговата стара келија на Свети Јован Претеча, кога по нашиот разговор го поздравив, тој ме испраќаше долго време. Штом му реков дека не треба да се мачи и да се врати во својата келија, ме поздрави и си замина. Да не му реков да се врати, ќе ме испратеше до нашето претставништво во Кареја.

Ќе треба уште да кажам дека неговиот дар на прозорливост ретко го пројавуваше и никогаш заради истакнување, туку заради полза на душите. На еден млад монах кој го посетил и имал помисла против игуменот дека не му направил елек, пред да му ја каже помислата, Старецот му рекол: „А бре, каква помисла имаш, дека Старецот не ти направил елек”.
Ги утешуваше младите монаси кога ќе се насекираа заради некои нивни слабости (како што е зависта), кои ги карактеризираше како детски недостатоци. Нормално, ги советуваше дека треба да созреат и ќе ги надминат.
Отец Паисиј се одликуваше и со највозвишената од сите добродетели: расудувањето. На секоја душа ѝ помагаше да ја открие својата склоност и својот повик од Бога за да го најде вистинското успокојување.

Неговата љубов го прегрнуваше целиот свет. На многу луѓе, а особено на младите, им помогна да го живеат христијанскиот живот во светот и во семејството.

Кога разговараш со Старецот, имаш чувство дека си во Божјата прегратка.

Ќе треба уште да се нагласи дека отец Паисиј беше многу чувствителен во догматските прашања. Еднаш ми напиша: „Догмите не влегуваат во Европската Унија”. И во ова го следеше патот на светите Отци, кои верувале и исповедале дека не само добродетелта, туку и православието на верата е потребно за да се спаси човекот.

Својот свет живот го запечати со својата света смрт. Неговата тешка болест ја прифати како Божји дар и се радуваше со мислата дека и христијаните во светот, кои страдаат од истата болест, ќе се утешуваат дознавајќи дека и монасите страдаат од неа.

Го имаше надминато себељубието. Не се секираше поради својата болест, туку наоѓајќи се и на болничкиот кревет мислеше на ближните кои страдаат. Дури и во последните денови од неговиот живот се интересираше за проблемите на луѓето. На еден благочестив брачен пар, кој го посети неколку дена пред неговото упокојување и кој имаше неомажени ќерки, им рече: „Ви давам заповед да се заинтересирате за мажењето на вашите ќерки”. Со неговиот благослов и молитва, заповедта и желбата се исполнија.

Вечен ти спомен, почитуван Старче. Ти благодариме за она што ни го принесе, што нè утеши, нè утврди, нé поучи со твоите зборови и со твојот живот. Моли се и ние да ги следиме твоите чекори, како што и ти верно ги следеше чекорите на Христос Спасителот.

Света Гора
25 Март 2004

Архимандрит Григоријатски Георгиј Капсанис
Извор: Православен пат, бр. 30

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz