Грчките архиереи за проблемот со името: „Црквата нема да остане незаинтересирана“

Архиепископ Јероним

Додека преговорите за решавање на проблемот што грчката држава го има со уставното име на нашата држава се навлезени во една креативна фаза и владее дух на оптимизам, деновиве се огласија грчките архиереи кои, како што изгледа според пишувањата на грчките медиуми, не го делат оптимизмот на државниците од двете соседни земји. Блаженејшиот Архиепископ Атински и на цела Грција, г.г. Јероним, за грчките медиуми изјави: „За ваква суштинска работа за нашата земја, Црквата нема да остане незаинтересирана, и овој пат ќе ја искаже својата позиција во врска со името. Верувам дека утре ќе имаме изјава“ – нагласи Архиепископот.

Прославата на Богојавление (по новот календар) во Солун беше искористена од веќе познатиот Солунски Митрополит Антим за да испрати политичка порака: „Македонија значи Грција, Грција значи Македонија: тоа е она што сите треба да го сфатат“, е заклучок на Високопреосветениот Митрополит.

И Сијатискиот Митрополит г. Павле изјави дека доколку позади овие обиди се кријат иредентистички стремежи, тогаш тешко дека проблемот ќе може да се затвори, туку напротив, ќе се отвори.

Митрополитот пак, на Нова Смирна, г. Симеон, посочи дека Црквата по ова прашање има уште еден, дополнителен проблем, што произлегува од фактот дека „Црквата во Скопје“ го користи терминот „Македонска“ во својот полн назив.

Истовремено, на грчкиот црковен новински портал Romfea.gr, уредниците го реобјавија соопштението што на 5. јули 1992 година го објавил Свештениот Синод на Атинската Архиепископија во однос на проблемот со употребата на терминот „Македонија“ во нашето уставно име, во кое, меѓу другото, „соседната инородна држава, создадена од безбожниот титоистички режим“ се обвинува дека го повредува грчкото достоинство и историска реалност.

За среќа, денес времињата се сменети, или барем така изгледа. Додека во деведесетите години од минатиот век грчкиот народ подлегнал на националистичката пропаганда од одредени кругови и сфери на влијание, денес тоа веќе не е така. Во денешно време, само ултра-десничарските нео-нацисти од „Златна зора“ може да веруваат дека затворањето на проблемот што Грција го има со својот северен сосед може територијално да ја загрози нивната држава.

Извор: Ромфеа.гр

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz