Град

Нашиот христијански свет никогаш не бил христијански во целост. Постои само еден христијански град во целост, до последната капка. Оној Град во чии темели се дванаесетте Апостоли, а бисерната врата, неговите карпи ги измери возљубениот ученик на Воскреснатиот Господ. Сонце и Месечина нема таму, а светилник е Агнецот. Во тој град ништо нечисто нема да влезе. Всушност, тој е и заедница на сите спасени, Град на најчистото христијанство.

Вдахновени од описот на тоа видување, луѓето многу често се обидувале да изградат и создадат максимално блиска копија на тој град на Земјата. Нивните успеси во таа намера биле различни, од потполна пропаст, до блиски сличности. Се чини дека повеќето градови на планетава се решени да се натпреваруваат во тоа кој од нив е помалку сличен на тој Небесен Град. Сличните црти или срамежливо се прикриваат со рекламните билборди, или грижливо се префарбуваат со мрсна боја. Но, тоа не смее да нè исплаши. Градот од секогаш бил, а и сега е главно место на евангелската проповед. Павле одел во Антиохија, Петар брзал кон Рим, не гледајќи на тоа што таму имало амфитеатри, зеленашки продавници, власт на моќници, маса на блудници и празни луѓе. Сосем спротивно, тој факт и ги привлекувал апостолите во градовите. Изморени од развратот, исцрпувајќи го нервниот систем во трката за задоволства, жителите на градовите реагирале на проповедта многу подобро од лукавите и спори селани. Собрани во толпа, оглувени од постојаната улична врева, граѓаните повеќе од било кој друг чекале кон нив некој да се однесува како кон личност, како кон љубен и неповторлив човек.

Константинопол

И во нашето време ситуацијата треба да се повтори. Не треба да нè плашат смогот, уличната маса, фантомиските облакодери… Таму живеат луѓе, изморени без благодатта. Тие луѓе имаат илузија за познавање на христијанството, илузија која ќе исчезне после првата православна Литургија или проповед која ќе ја видат или чујат. Христос ќе се појави пред нивниот поглед како Долгоочекуван Странец, Оној за Кого слушале, но Чија благодат не ја почувствувале.

За тоа е потребно во себе да се носи некаков дел од апостолската благодат. Во истата мера таа задача ќе се сфати и исполни. Тоа не е ниту дрскост, ниту харизматично фантазирање. Тоа е предизвик за Телото на Црквата и причесниците на благодатта. Тоа е индикатор на припадноста на Едната Света и Апостолска Црква. Доколку не постои желба да им се благовестува на жителите на Москва и Токио како што Павле им благовестел на слугите и граѓаните на Вечниот Град, значи дека и припадноста кон Црквата која започнала со Апостолите е доведена под знак прашалник.

Не треба да се плашиме од градовите. Треба да се плашиме од своите похоти, глупости и гордости. Павле им бил потребен и на учените, и на неписмените. Православието денес е потребно и на жителите на Рио де Жанеиро и Њујорк. И тие, исто така, по промислата треба да се најдат во Градот во кој нема болест, тага ниту воздишка.

Протоереј Андреј Ткачев

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz