Толкување на Господовата молитва – Оче наш

на светиот Герман, архиепископ Константинополски

Оче наш, Кој Си на небесата, да се свети името Твое, односно името на Синот Божји. Кажувајќи „Оче“, Тој ти покажува со какви добра си се удостоил кога си станал син Божји. Со зборовите „на небесата“ ти ја покажува татковината и домот на твојот Отец. Ако сакаш Бог да ти биде Отец, гледај кон небесата, а не кон земјата. Не велиш „Оче мој“, туку „Оче наш“, оти сите ти се како браќа од едниот Отец.

Да се свети името Твое, односно, направи нè свети, за Ти да Се прославиш во нас, оти како што преку мене се хули на Бога, така и се прославува Бог преку мене.

Да дојде царството Твое, односно, Второто доаѓање, оти човекот којшто има блага совест одважно се моли да настапи воскресението и судот.

Да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата, значи, како што ангелите ја творат Твојата волја, подари ни и нам да ја твориме неа.

Лебот наш надсуштен дај ни го денес, [грч. „επιούσιον“, надсуштен) – вели Тој, доволен за нашето постоење [грч. έπι τη ουσία ημών, цсл. суштествование] и одржување, којшто ја склонува грижата за утрешниот ден. И Телото Христово е Леб надсуштен, па ние се молиме неосудено да се причестуваме.

И прости ни ги долговите наши, како што и ние им ги проштеваме на нашите должници, бидејќи и по Крштението, ние грешиме, та Го молиме Бога да ни ги прости нашите долгови, како што и ние не злопамтиме [за туѓите долгови]. Значи, Бог постапува според мојот пример: она што јас му го правам на ближниот, Тој мене ми го прави.

И не воведувај нè во искушение. Ние, луѓето, сме слаби, и затоа ни е потребно да не паѓаме во искушенија, и молиме искушенијата да не надвладеат со нас, бидејќи поразените и победените паѓаат во бездна; зарем победник е оној кој во неа паднал?

Туку избави нè од лукавиот. Не рековме „од лукавите луѓе“, затоа што тие не можат да ни наштетат, туку „од лукавиот“.

Пресветото и побожно призивање на великиот и преславен Бог и Отец е символ на вистинското и реално восиновување по дарот и благодатта на Светиот Дух. Според тоа восиновување, кога со доаѓањето на благодатта се победува и покрива секоја човечка себичност, сите оние кои уште сега, преку добродетелите светло и преславно се очистиле со божествената убавина на благодатта, ќе бидат наречени синови Божји.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz