Кон Тебе повикав, Господи, чуј ме!

Со што започнува нашето богослужење? Тоа започнува со псалмот во кој се прославува Божјото величие, убавината на светот, убавината на вселената и во кој се повикува секој човек, секоја душа „сѐ што дише“ да му благодари на Господа (се мисли на 103-ти псалм). Ајде да размислиме колку чудесни, прекрасни нешта имаше во нашиот живот, колку добрини видоа нашите очи, слушаа нашите уши. Сето тоа го земавме здраво за готово, никогаш не чувствувавме вистинска благодарност затоа што ги видовме небото и земјата.

Дури тогаш кога веќе не можеме да се насладуваме на тие убавини, кога остаруваме, оболуваме, кога ослабува видот, кога се намалуваат силите, дури тогаш си мислиме: колку би било убаво да се излезе, да се отиде некаде, да се види нешто, но тогаш немаме сили, очите повеќе не гледаат. Зошто да го чекаме времето во кое ќе сме лишени од убавините на светот. Треба да се учиме да му благодариме на Бога денес, кога сето тоа го имаме. А, тоа сосема малку го правиме.

Господи прости ни на нас грешните.

На секојдневната вечерна се пее псалм (прв псалм) кој започнува со зборовите: „Блажен е човекот кој не оди на собир на нечестиви“. Вие сето тоа го помните. Што значи тоа: „Не оди на собир на нечестивите“? Тоа значи дека се обидуваме да не потклекнеме тогаш кога ќе нѐ подгурнуваат на зло. Блажен! Среќен е човекот кој може да одолее кога го советуваат да прави зло, кога го устремуваат кон зло. Ајде да си споменеме колку пати се случувало да нѐ насочуваат кон зло: на пример, некого да навредиме, да наклеветиме, да осудиме. Како што се вели меѓу нас: „да се оговараме“ – нешто што исклучително ни се допаѓа. Понекогаш, како што добро знаеме, човек кога е сам не чини зло, но кога е со други тие лесно го вовлекуваат во зло. Се сретнале двајца: наместо да си кажат нешто добро, тие веднаш започнуваат да бараат нешто лошо за нивниот ближен.

Во псалмот (140-ти) се пее: „Господи, кон Тебе повикав: чуј ме… Нека се исправи пред Тебе молитвата моја како темјан“. Што значи тоа? Димот на кадилницата, благомирисниот дим, се издигнува кон небото. Тој го означува нашето срце – ни покажува како тоа треба да се издига кон Господа, како нашата молитва треба да оди кон Него. Наутро кога стануваме и го започнуваме денот, во текот на денот пред секоја работа треба да го призиваме Господа, во секој нов момент во кој започнуваме нова активност во нашиот работен ден треба да го повикуваме Божјиот благослов. Кога денот завршува – да Mу заблагодариме Нему за секоја добрина и да побараме прошка за сите прекршоци, слабости, гревови, за сите зла кои сме ги направиле во нашиот живот.

Но ете нашата молитва не се воздигнува кон височините како димот од кадилница. Та во основа што ние измолуваме од Бога? Господи дај ми го ова, Господи дај ми го она. Ние не се молиме, туку само бараме од Бога. Во суштина нема ништо лошо во тоа да се бара од Господа она што ти е потребно, она што ти го сака срцето. Но, сепак не треба во молитвата да има само една прозба, само „Дај ни Господи!“ Затоа псалмопевецот ни напоменува дека како што димот на кадилницата се издигнува кон небото, така и нашата молитва нека биде молитва на благодарност, на радост, восхитување од нашиот Творец, Кој нѐ создаде, соедини, прибра, спаси, за нас Себе се даде, Својот Дух Го прати, за ние да имаме живот.

Потоа, кога се врши Малиот вход на секојдневната вечерна, свештеникот или ѓаконот возгласува: „Премудрост простум!“- за да стоиме исправени, да бидеме внимателни, сосредоточени. А, каква е всушност нашата молитва? Расеана. Нам ни е многу тешко да се сосредоточиме на една мисла дури и само неколку минути. Нашите мисли наликуваат на стадо овци, кои без пастир, без кучиња чувари се разбегуваат. Што може да стори таквиот човек во неговиот однос кон другиот, во односот кон својата работа, во односот кон Бога? Тој не може да се сталожи, неговите мисли бегаат.

Значи, молитвата и престојувањето во храмот – тоа е школа за прибрање на душата. Какви треба да се христијаните? Умот да ни биде прибран, да управуваме самите со себе.

Господе, прости ни нам грешните, затоа што ништо од тоа не успеваме, или успеваме во најмала мера.

На крајот на вечерната се пее химната на свети Симеон: „Сега го отпушташ Својот раб Владико“ (Лука 2, 29). Сите знаете дека тоа се зборови на светиот старец Симеон, кој доживувајќи длабока старост Му благодарел на Бога поради тоа што му дал, на крајот на својот живот, да Го види Спасителот. Но, Он всушност ни дава на сите нас да Го видиме. Секој од нас, ако има макар искра вера Го видел и Го знае нашиот Господ. Меѓутоа, Симеон дошол до крајот на својот живот со радост, со благодарност, со олеснување затоа што неговиот долг живот бил посветен на Бога.

Нашиот живот може да биде значително пократок, но ќе можеме ли да кажеме на неговиот крај „Сега го отпушташ…?“ Можеме ли да се обѕрнеме на него и да кажеме: „Да Господе како што можевме, така ти служевме“? Не, ние и служевме на бесконечната суета, ние го истуривме, размачкавме целиот наш живот. Секако, може да се рече дека секој човек има свои домашни обврски, свое семејство, свои должности, своја работа – сето тоа е вистина. Никој не вели дека сето тоа треба да се отфрли. Напротив, сите тие обврски христијанинот треба да ги исполнува со целосна темелност, секогаш пред лицето Божјо, секогаш со Него, секогаш во Неговата љубов.

Протопрезвитер Александар Мен
Извор: Православен пат

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz