Господ бара сесрдно да простиме

Затоа царството небесно прилега на цар, кој побарал да ја расчисти сметката со своите слуги. Кога почна да ја расчистува сметката, доведоа при него еден што му должеше десет илјади таланти; па, бидејќи немаше со што да плати, господарот негов нареди да го продадат него, и жена му, и децата негови, и сe што имаше, за да наплати. Тогаш тој слуга падна пред него на колена и му се клањаше говорејќи: »Господаре, стрпи се спрема мене и сe ќе ти платам.« А Господарот на тој слуга, кога се смилува, го пушти и му го прости долгот. Слугата, пак, штом излезе, најде еден од другарите свои, кој му должеше сто динарии, и кога го фати, го давеше и му велеше: »Исплати ми што ми должиш!« Тогаш неговиот другар падна ничкум пред нозете негови, го молеше и велеше: »Стрпи се спрема мене и сe ќе ти исплатам!« Но тој не сакаше, туку отиде и го фрли во затвор, дури не му го исплати долгот. Другарите, пак, негови, кога го видоа тоа што стана, многу се огорчија, па отидоа и му кажаа на својот господар за сe што се случи. Тогаш господарот негов го повика и рече: »Лукав слуго, јас ти го простив целиот долг, зашто ми се молеше; не требаше ли и ти да се смилиш над својот другар, како што се смилив и јас над тебе?« И се разгневи господарот негов, па го предаде на мачители, додека не му го исплати целиот свој долг. Така и Мојот Отец небесен ќе направи со вас, ако секој од вас не му ги прости од срце гревовите на брата си.”

Мт. 18,23-35

Параболата за двајцата должници Господ ја завршува со зборовите: „Така и Мојот Отец небесен ќе направи со вас, ако секој од вас не му ги прости од срце гревовите на брата си“. Значи, од нас се бара само едно малечко нешто: прости, и ќе ти биде простено. А кога ќе биде простено, тогаш си помилуван. Кога веќе добиваш милост, си станал учесник во ризницата на милоста. Оттука, ете го спасението, и рајот, и вечното блаженство.

Толку голема добивка за едно мало нешто како проштевање… Да, мало нешто, но за нашето самољубие нема ништо потешко од тоа да простиме. Ако некој ни предизвика некаква непријатност, и тоа насамо, ние ќе успееме некако да му простиме. Меѓутоа, ако се работи за нешто потешко, па уште и пред други луѓе, не простуваме, дури и престапникот да ни побара прошка.

Парабола за немилостивиот должник

Понекогаш во животот има и такви околности во кои, сакаш-не сакаш, не можеш да го искажеш своето незадоволство, па молчиш. Но, јазикот молчи, а срцето зборува и кова зли планови. Ако непријатноста се зголеми само за еден степен, ќе го снема и воздржанието: тогаш ни срамот, ни стравот, ни загубата, ништо не може да нè задржи. Зовриеното самољубие прави човекот да се однесува лудо, и оној што е слуга на самољубието започнува да зборува глупости. На ваква несреќа се особено податни цивилизираните луѓе. Тие се почувствителни на навреди, и поспори на прошка.

Гледано однадвор, односите понекогаш остануваат глатки, но одвнатре постои раздор. А Господ бара сесрдно да простиме.

Св. Теофан Затворник

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz