Големата жртва

А штом виде многу народ, се сожали, зашто беа изморени и прснати како овци без пастир. Тогаш им рече на Своите ученици: „Жетвата е голема, а работници малку, затоа помолете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата жетва.“

Мт. 9,36-38

Изморен сум и покрај присуството на Пастирот и како Глас што шепоти по моите незаконски постапки, и како Слово насекаде забележано, бескомпромисно јасно каде да се оди. Изморен сум, а уморот е последица на исходот на револуцијата во мене, кој часкум е победа на доброто која за жал не трае повеќе од треперењето на светулките, а потоа и пораз кој остава бразди на горчливост и презир кон себеси. Таквото очекување победниците да воспостават свој режим и ги уништат плодовите на поразените, a ако се земе во обзир дека тоа се случува во кратки и чести интервали, остава дисбалансираност во душата и пустош во секој нејзин напор да се консолидира со Утешителот.

Прснат сум и покрај присуството на Пастирот, Кој ме бара иако деведесет и деветте се покрај Него, Кој ме повикува иако сум застанал да се одморам длабоко љубопитен по ниската похот. Не е лесно да си прснат бидејќи тоа значи вчудоневиденост каде се наоѓаш, очајност без надеж дека повторно ќе го видиш местото каде припаѓаш и дезориентираност која води кон бесцелно удирање во ѕидовите околу себе.

Св. пророк Давид

За изморените и прснатите има едно место за починка во вид на постела лоцирана покрај Неговите нозе, со мекост еднаква на мајчина прегратка на штотуку донесена рожба. Нормално, таа постела е со ограничени димензии и никако не одговара на мојата конструкција. По заповед, на неа ќе можат да се навалат само оние кои се вратиле во деца и тие кои заедно со камилата можат да се провлечат низ иглени уши. Верувам, соништата на неа се нешто невообичаено ценејќи по сладоста на истегнувањето и допирот кој го запира протокот на сè освен спокојот.

Но, како и за сè друго вредно, треба напор за да се дојде до тоа место. Жетвата е голема, а работници многу малку. Ако сум род на нивата, без можност за друг вид на однесување поради оглушеноста кон Вистината, ќе чекам и лицемерно ќе се молам да се најдам во амбарот помеѓу корисното, а не заедно со каколот предодреден за оган. Но, ако сум жетвар, тогаш веќе сум загосподарил со својата судбина и на своето место под сонцето ќе му кажам дека е благословено и веќе на листата на овенчаните.

Не е лесно да се биде жетвар бидејќи тоа значи сериозност кон високото ниво на одговорност кон спасените и уште повеќе доверба, не кон својата способност да се жетвари, туку кон одлуката на Таткото да се довери вакво свето нешто на некој сè уште недостојник. Жетварот нема посебна облека, но сите го препознаваат по начинот на движење по нивата, карактеристичен по погледот сведнат кон земјата и гестикулации минимизирани до облик на споени раце во молитва. Има посебен мирис на покајание и тон толку тивок во смирение, а толку бучен во непокор. Кошулата веќе ја поделил на ближниот, но не ја покажува својата голотија бидејќи скриеното веќе го поделил со Јагнето. Има мед во устата и секој збор е очекуван како мелем на рана и уште повеќе за оние уши кои не отврднале и се жедни по Словото. Со милост го крши родот во класјето и со каење ги испраќа оние кај плевелот. Со еден збор тој е наследникот, кому е многу ветено.

Помолете Го Господарот на жетвата да ме испрати мене на Неговата жетва. Дрско е да очекувам уште денес некои резултати кои би воодушевиле. А можеби ниту утре. Но, привлечно е пророштвото дека на оној кој ќе спаси загубена душа, многу гревови ќе му бидат избришани. А за да не бидам користољубив, тоа ќе го предефинирам во: љуби го својот ближен како себеси. Да претпоставиме дека се љубам, иако тоа не е случај во ова тело на негодник, значи за да пропорционално го љубам и ближниот треба исконски да ги посакувам и сопственото и неговото спасение. Мал чекор за човекот, но голем кон Небото. Можеби и нема да бидам толку лош жетвар. Со поглед сведнат кон земјата и солзи за секого

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz