Како полезно да го поминам годишниот одмор?

leto

Честопати моите парохијани ме прашуваат како да го поминат времето на годишниот одмор. Годишниот одмор е време коешто треба мудро да го искористиме, и да се потрудиме да стекнеме некаква духовна корист од него. Она што е важно е тоа време да ни послужи како пат кон Христа, а не да помине незабележано. Еднаш, еден опитен старец излегол од својот манастир затоа што требало да се погрижи за некакви работи. Кога се вратил во манастирот, бил запрашан како го поминал времето. „Молитвено“, одговорил старецот.

На моите парохјани најчесто можам да им ги понудам следниве татковски совети:

  1. Потрудете се да го подобрите вашето телесно здравје: наспијте се добро. Одете на прошетки на свеж воздух колку што можете почесто. Воведете ред во вашето секојдневие. Доколку лошо го искористите одморот и на работа се вратите поизморени од претходно, ќе се соочите со проблеми со концентрацијата и воопшто, со продуктивноста.
  2. Зголемете го молитвеното правило, додавајќи нешто за што вообичаено немате време: молитви, псалми, или Евангелско четиво. Или пак, молете се според истото правило, само поусрдно.
  3. Прочитајте барем една книга од богатата православна духовна ризница: нешто Светоотечко (на пример, беседите на св. Јован Златоуст) или дело на некој современ богослов.
  4. Обидете се да посетите некој манастир во вашата околина, и поклонете се пред светиите во него. Не пропуштајте ги неделните Литургии, правдајќи се дека сте на одмор.
  5. Не заборавајте дека ви е потребен и информациски одмор. Неколку дена од одморот воопшто не користете интернет, социјални мрежи, и исклучете го мобилниот телефон. Минимизирајте го и времето на читање весници или гледање телевизија. Разговарајте за сериозни и длабоки нешта со вашите ближни – со сопругата или сопругот, родителите – полека, смирено, без да бидете прекинувани од мобилните телефони. Разговарајте за животот, радостите и жалостите; радувајте се еден на друг.
  6. Како што растат нашите деца, често престануваме да ги учиме на нови нешта, нешто што сме го правеле додека тие биле малечки. Читајте им на глас нешто интересно, а сепак сериозно, нешто што ќе им понуди нова перспектива. Гледајте некој убав, длабок и духовен филм со нив. Научете ги да ја слушаат тишината, или да ја гледаат убавината.
  7. Сетете се на нешто што вашите најблиски го побарале од вас, а вие сте го одложувале поради недостиг на време: сега имате време. Прошетајте ги децата во зоолошка градина, поправете ги старите апарати, направете го тоа што сте го одложувале. Творете дела на милосрдие. Посетете ги вашите кумови или кумашини, или некој далечен роднина и пријател со којшто не сте се виделе долго време.

Протопрезвитер Александар Илијашенко

Оставете коментар

1 Comment on "Како полезно да го поминам годишниот одмор?"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] поради кои би било добро да издвоите еден ден од годишниот одмор (доколку сте во Анталија) и да ја посетите оваа […]

wpDiscuz