Гласот Господов е над водите

bogojavlenie2

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Гласот Господов е над водите!

Со овие зборови денес, се објавува настанот со кој што се промени историјата на човештвото. Денес, самиот Бог, како човек влезе во водата, и се соедини, не само со човекот, туку и со целата материја.

Денес се сеќаваме и на првиот ден од создавањето на светот, кога земјата беше неоформена и пуста; кога имаше темнина над бездната и Божјиот дух кога лебдеше над водата. (1 Мој. 1.2)

Тоа космичко доживување на светот, денес нѐ уверува, дека сѐ и секогаш повторно може да биде обновено и повторно родено. Радоста на празникот на Крштението Христово, е во верата дека колку и да е извалкан, колку и да е помрачен нашиот живот, очистителната жива вода може да го очисти срцето на човекот.

Драги браќа и сестри, крштевајќи се, Христос се поистовети со сето човештво, со оние на кои им треба прошка на гревовите и спасение. На Јордан, Господ јасно посведочи дека не дојде во светот, за да му суди на светот, не дојде да му наметнува закони и правила на светот, туку станувајќи како нас, соединувајќи се со нас, дојде за да нѐ направи учесници во Божествениот живот.

Раѓајќи се како дете, Тој ја зеде нашата човечка природа и ја направи Своја природа. Стана едно со нас, кои бевме пропаднати во гревот, за да ни покаже дека нашите гревови, се ништо во однос на бескрајната љубов Божја кон човекот. Раѓајќи се и крштевајќи се, Христос се соедини со човекот, за потоа иако Бесмртен, доброволно на крстот да се соедини со човекот и во смртта.

Ова јасно ни сведочи, дека Бог нѐ спаси нас со љубов, бидејќи само љубовта претставува најнепосредно соединување со оној кој е љубен.

Денес Бог слезе во водата, која е праслика на светот кој го заборави Бога, светот кој се оддели од Бога, но Бог не го заборави светот, туку се спушти во водата, за повторно сета твар да ни ја даде нам, да ни служи како пат кон Него, како средство за општење на човекот со Бога.

Кога Христос излегол од водата, затреперил Јован Крстител, затреперил зашто го видел светот во неговата првосоздадена убавина: очистен, измиен, обновен, исполнет со благодарност и пофалба. Тогаш се јавил и гласот од небесата, Овој е Мојот возљубен Син. (Мт. 3.17)

Сите ние денес, кои доаѓаме при Христа, од Него добиваме дар на жива вода, дар на нов, чист и обновен живот.

Возљубени во Господа!

После Христа, светот добива една нова димензија, тој повторно се враќа кон својот Создател. После Христа, животот на човекот конечно добива смисла, која што ја изгубил со гревот. Само ако така живееме, соединети со Христа, ние го осмислуваме својот живот, бидејќи постоиме за вечноста, постоиме за да му се радуваме на животот, постоиме од љубов.

Човекот нема друга алтернатива, тој постојано талка и ја бара убавината и совршенството, го бара животот и копнее по вечноста. Тој негов копнеж и тоа негово барање, никогаш не престанува. Само во Црквата човекот го наоѓа спокојот, бидејќи го наоѓа животот, ја наоѓа бесмртноста.

Господи, кој ни се јави на Јордан, направи денес, во секоја капка вода да биде присутен Твојот Свет Дух, и да ни биде за очистување на гревовите и за вечен живот!

Бог се јави!

Г. д-р. Јосиф, епископ Лешочки

Оставете коментар

1 Comment on "Гласот Господов е над водите"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Гласот Господов е над водите […]

wpDiscuz