Заштитникот на затворениците, живиот светител, архимандритот Гервасиј

Според грчкото законодавство, затворениците кои нивната казна ја отслужуваат за помали кривични дела можат да си ја „купат“ слободата плаќајќи по пет евра за секој купен ден. На пример, некој ситен крадец кој е осуден на казна 15 дена затвор, со уплата од 75 евра може да излезе на слобода. Меѓутоа, по логичниот след на нештата, доколку тој човек имал 75 евра, воопшто не би се впуштал во авантурата наречена кражба на храна во локалниот супермаркет. И тука во игра стапува осумдесет и тригодишниот грчки архимандрит, отец Гервасиј Раптопулос, кој целиот свој живот го посветил на помагање на затворениците во грчките, но и во затворите низ целиот свет, за што пред две години бил и номиниран за добивање на Нобеловата награда за мир.

Архимандритот во поодминати години, од многумина нарекуван „жив светител“ и „заштитник за затворениците“, белобрадиот отец Гервасиј во изминатите нецели четири децении им помогнал на повеќе од 15 илјади затвореници да излезат на слобода, собирајќи над 4 милиони евра. Профилот на затворениците е однапред познат: се работи за луѓе што се осудени за престап за кој максималната казна-затвор е 5 години, така што во овој „собор“ најчести се ситните крадци и маалските тепачи, луѓето кои поседувале оружје без соодветна дозвола, дрвокрадците и луѓето кои се противеле на полициско приведување.

Сепак, според интервјуто дадено пред неколку дена, отец Гервасиј укажува дека неговата работа станува сè потешка.

Според него, соочени со финансиската криза во Грција, луѓето кои во минатото придонесувале со нивните донации во неговата работа, денес не се во можност да продолжат со давањето прилози, барем не во толкав обем како порано: „Оние кои порано донираа по 100 евра, денес даваат 50. Сепак, ние не запираме“. Бројот на затвореници во грчките затвори се зголемува, а истовремено, поради кризата, затворските услови стануваат сè потешки.

– Нашето општество ги отфрла затворениците, и ги истиснува на самите маргини од општеството, – вели отец Гервасиј. – Честопати луѓето за нив велат: ‘Арно им се прави’.

Меѓутоа, под негова закрила не се само оние затвореници кои успеваат да ја платат својата слобода. Тој, заедно со сестринството од неговиот манастир „Св. Ксенија“, се грижат и за потребите на затворениците кои го продолжуваат својот престој во казнените установи. За нив треба да се обезбедат пари за купување на тоалетна хартија, сапун, и други основни средства. За нив некогаш има финансиска помош, некогаш донации во облик на веќе купени предмети и средства.

Вообичаено, мисијата на отец Гервасиј распределува по 500 евра за секој затвореник, иако и тука е дозволена варијација. „Еднаш, на еден човек му требаа само осум и пол евра за да излезе на слобода“, вели тој.

– Од друга страна, еден друг екстрем беше кога за еден друг затвореник уплативме 10 илјади евра, само за да излезе на слобода. Беше болен, и имаше многу деца.

Покрај 34-те затвори во Грција, овој „заштитник на затворениците“ ги посетил затворите во околу 90 земји во светот, вклучувајќи ги оние во Мадагаскар, Австралија, Русија, Албанија, Израел, Фиџи, Романија, Египет и Нов Зеланд, трудејќи се да им помогне на затворениците сместени во нив.

Откако е пензиониран, отец Гервасиј уште поусрдно се посветил на неговата мисија. Вели дека сега има повеќе време, и токму затоа, еднаш месечно со кеси во рацете (во кои најчесто се наоѓаат алишта, икона, сапуни, шампони, пасти за заби), ги посетува сите затвори во Грција. Дел од затворенците се странци; доколку се случи да умрат во затвор, и за нив има план: преку донации се обезбедува нивниот транспорт во родните земји.

Од почетокот на неговата работа во 1978 година, отец Гервасиј бил одликуван со неколку државни награди, меѓу кои и со највисокиот орден за граѓански заслуги од Владата на Грција. Министерството за правда, пак, одговорно за грчките затвори, не престанува да со пофалбите за овој исклучителен човек: „Веќе со децении отец Гервасиј Раптопулос спроведува исклучителна работа, давајќи им човечка топлина и сочувство на затворениците“, вели Генералниот секретар на Министерството. Поранешниот управител на еден од затворите, г. Коста Капандаис вели: „Му испраќавме списоци од затвореници кои би можеле да излезат на слобода доколку некој плати казна за нив, како и причини поради кои се осудени. Отецот не одби ниту едно единствено барање – секогаш сите беа ослободувани“.

Сепак, најблагодарни се самите затвореници. Дел од нив и понатаму го посетуваат отец Гервасиј, но поради различни причини: некои да си го вратат „долгот“, а некои да позајмат дополнителни средства.

– Бев затворен затоа што без дозвола продавав ѓевреци, – вели 60-годишниот поранешен затвореник Димитриј Германидис. – Тој ја платил казната, јас бев ослободен. Тој ми помогна без да ме познава, не знаејќи за кого ги дава парите.

Томас Котопулис, 66-годишен маж, вели дека отец Гервасиј му помогнал да се спаси од затвор во моментите кога се чинело дека сè е изгубено.

– Бев парично казнет, но немав пари да ја платам казната. Секој ден ме посетуваа полицајци кои ми велеа дека доколку не успеам да платам во законски рок, ќе одам во затвор. На последниот ден од истекот на рокот, Гервасиј ми дојде на помош и ја плати казната. Беше како да се симна од небесата.

Оставете коментар

1 Comment on "Заштитникот на затворениците, живиот светител, архимандритот Гервасиј"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

Gospod da go blagoslovi otec Gevrasij samo kaj nas nee taka a zatvorite se polni poveketo so pričina i jas sum eden od niv a može i našite Arhierei da ne posetat a i da se zalagaat da ni izgradat edna crkvicka tuka vo Idrizovo,a vo drugite zatvori Gospod da ve Blagoslovi

wpDiscuz