Предизвикот на нашето време

Великиот руски епископ од минатиот век [се мисли на 19 век, м.з.] Теофан Затворник [†1894 г.], во едно од неговите пастирски писма нуди една неочекувана мисла. Она што на Руската Црква најмногу ѝ треба, вели тој, е „еден фитил за потпалување“, што би го запалил сиот свет. Потпалувачите мора самите да горат и да одат наоколу, потпалувајќи ги умовите и срцата на луѓето. Теофан не верувал во „заостанато христијанство“. Обичаите можат да се стекнат по инерција, вели тој, но убедувањата и верувањата може да се одржат само преку духовна будност и продолжени духовни напори. Теофан почувствувал дека во животот на руските христијани имало премногу едноличност и конвенционалност. Тој ја предвидел кризата, дури и колапсот. Тој се повлекол од својата катедра во еден манастир, затоа што почувствувал дека може да ѝ послужи на Црквата преку пишување книги, отколку преку епископската служба.

Теофан бил човек со широки познавања и искуство. Едно време бил ректор на Богословската Академија во Санкт Петербург. Значително патувал на христијанскиот Исток, и бил блиско поврзан со Света Гора. Тој бил добар познавач на грчкиот јазик, и ова знаење го користел за да преведува. Секогаш нагласувал дека не се повлекол од катедрата за да напредува во духовноста (истото е возможно и потребно да се остварува во секојдневниот живот), туку за да има време за својата книжевна и богословска дејност. Во неговата монашка келија ги зел сите негови книги, избрана библиотека во која не биле исклучени книгите напишани од западни автори и секуларна литература. Тој сакал да го познава светот на кого требало да му ја донесе пораката за спасението. Теофан не ги презирал трудот и постигнувањата на оние кои не припаѓале на Православната Црква.

Вомировениот епископ своето време го поминувал во пишување: го превел „Добротољубието“, делата на св. Симеон Нов Богослов, древните монашки устави (Источни и Западни); објавил неколку тома со негови толкувања на посланијата на св. ап. Павле, наменети не толку за академската публика, туку за верниците да можат да ги разберат вдахновените учења; напишал неколку книги за христијанската етика и аскетика. Секој ден го започнувал со Божествена Литургија, преку која се вдахновувал за секојдневно заедничарење [потребно] за неговата академска и пастирска дејност.

Влијанието на писанијата на Теофан врз животот на Руската Црква било преголемо. Во неговото вомировување, како затворник, тој станал многу повлијателен, одошто би можел некогаш да биде како епархиски администратор. Тој го направил христијанското учење достапно за просечниот христијанин, за сите христијани, сакајќи да ги опреми со духовно оружје за нивната христијанска битка. Од секој христијанин тој барал – од клирот пред сè – исцрпно познавање и разбирање на нашата света вера, кое единствено може да го заштити нашиот живот од сентиментализам и фантазерство. Тој инсистирал на проучување на Светото Писмо и Светите Отци.

Поминати се многу години од упокојувањето на Теофан. Неговите најлоши предвидувања беа оправдани. Сета Православната Црква – не само во Русија – е вклучена во очајна борба со нескротливите напади на безбожност и неверност. Човечките души поминуваат низ неверојатни неволји. Но, заштитничкиот покров на Божествената Милост е раширен над напатената Црква и опседнатиот свет, и луѓето се повикание да бидат Христови сведоци [Маченици]: Негови Гласници [Ангели] и Апостоли. Во основа, Црквата е мисионерска институција. Секој треба да Му заблагодари на Бога за армијата на новомаченици и исповедници кои ни ја открија или покажаа силата и убавината на христијанската вера. А сепак, не треба да лесно да се задоволуваме со она што другите го сториле. Многу нешто е несторено од наша страна.

Овој пат да го ограничиме нашето внимание на еден аспект од нашата христијанска должност. На секому му е познато дека сме во очаен недостиг на книги. Зад „железната завеса“ се создаде и рашири импресивна атеистичка литература. Се основаа посебни колеџи за обучување на луѓето за „безбожничка служба“. Прирачниците за анти-верска пропаганда и методологија за безбожничка проповед беа подготвени за во училниците.

Каков треба да биде нашиот одговор на овој предизвик? Во Древната Црква, Светите Отци се соочиле со предизвикот на паганскиот свет преку излевање на христијански писанија, напаѓајќи ги, точка по точка противничките аргументи. А што ние имаме направено во нашата ситуација? Можеме ли вистински да се соочиме со непријателот на бојното поле, и да ги спасиме жртвите на ова духовно прогонство без преседан?

За’рѓаното оружје нема да ни помогне. Не говорам за Светото Предание, за писанијата на Светите Отци, туку за несоодветните книги од минатиот век, кои многу често се ефемерни и ретко кога нудат задоволувачко толкување на Светото Предание. Нашато богословско создаваштво замре пред многу години, а тоа замирање сведочи за нашето запоставување на учителската мисија на Црквата. Игноранцијата зема замав во Црквата, а нас тоа не нè тревожи!

Постојат ли книги во кои нашата Света Православна вера може да биде убедливо проповедана и изложена пред нашата генерација?

Ние во Америка, каде мнозинството православни христијани доаѓаат од англиското говорно подрачје, сме во особено тешка ситуација. Нема православна литература на англиски јазик. Постојат случајни книги, често со скромен квалитет, а ретко на најважните или најосновни теми. Вистинскиот проблем, пак, не е проблемот со книгите, туку со нивното проучување. Секоја генерација, особено во една нова земја, мора да ѝ пристапи на христијанската вистина одново, во продолжен контакт со минатото, но и во близок контакт со сегашноста која се менува. Не е доволно само да се научат наизуст неколку одговори. Тие може да бидат совршено добри и правилни. Но ние мора да ги решаваме прашањата обмислувајќи ги одговорите, а не само рецитирајќи ги формулите, колку и да бидат тие свети и совршени. Слушнете го остроумниот човек! Тој ја знае формулата, но не може да ја поврзе со неговата егзистенцијална дилема. Нашиот Символ на верата е најсовршената формула. Но, колку често го рецитираме без убедување? Дали можеме да го поврземе со нашите неодложни духовни потреби? Колку многу православни христијани се расфрлаат со Символот, затоа што тој за нив престанал да има непосредна духовна привлечност? Символот изобилува со една вечна и љубовна Вистина. Тој е вечен клуч за човечкиот немир, но потребно е негово толкување. Во спротивно, нема да знаеме да го ставиме клучот во клучалката.

Она што нашата современа генерација го посакува, особено во нашата држава, е еден вистински богословски препород – еден препород на живото богословие, кој за нас би ја отклучил Вистината која може да се најде во Писмата, во Преданието, и во литургискиот живот на Црквата, но која стои запечатена пред нашето незнаење и запоставување. Денес ни се потребни, повеќе од било кога претходно, токму „фитили за потпалување“ кои би ги запалиле нашите умови и срца со огнот на љубовното Богопознание и Христопознание. Бог нè повикува нас, да бидеме Негови сведоци и гласници во нашата генерација. Како ќе поверуваат луѓето ако не го чујат Слово кое забрзано повикува? Макар што сме луѓе со нечисти усни, да одговориме на Божествениот повик, за огнот Духовен да нè очисти за служење на Словото.

Отец Георгиј Флоровски
текстот е воведник во првиот број на Свети-Владимирскиот тромесечник, објавен есента 1952 год.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz