За некои крајности на православниот живот

Највозвишеното нешто во христијанскиот живот е Евхаристијата како победничко-свечено собрание. Христос меѓу Своите браќа! А отшелниците, во некакво несфатливо смирение и унижување, се оддалечуваат токму од тој највозвишен чин, повлекувајќи се во осамеништво! Има во ова нешто несфатливо. Но, на своите висини, таа осаменичка молитва станува соборна не само по својата тема, туку и затоа што самата личност на духоносниот молитвеник се проширува. И тој, макар што е осамен, не е сам. Тој е со Христа и преку Него, во соборноста на Црквата. Молитвата на преп. Серафим Саровски на каменот не само што не била ништо помалку соборна од нашите црковни молитви, туку и многу пособорна… Но, осамувањето може да биде и соблазна и опасност, кога бива затруена со „аристрократска“ гадливост и психологизам, кога браќата и ближните започнуваат да ни сметаат во молитвата, кога започнува да нѐ совладува егоцентризмот и егоцентричната себевљубеност, кога за нас црквата започнува да станува прегласна и јавна. Тоа е тогаш вомислено „отшелништво“, вомислено „затворништво“. Или, ако сакате, можеби и вистинско затворништво, но не насамо со Бога, туку насамо со себеси, без Бога.

Манастир

Постојат соблазни и опасности и во „заедничкото богослужење“. Се јавува помислата: дали воопшто е неопходна личната молитва, во тајноста на срцето и домот свој, кога веќе одиме в црква? Ова е подметнување. Без лично напрегање и собирање, неможно е да се постигне согласност во соборната молитва која се состои од лични молитви. Согласноста не значи само заедничко расположение. Таквиот естетички психологизам претставува отпаѓање од молитвената трезвеноумност и реализам. Без личната, соборната молитва е претешка и немоќниот брат се труе со неа, а притоа уште и се радува на своето труење. Во соборната молитва не треба да исчезнуваме, а треба да се радуваме за ширењето на нашата личност.

Постои уште и една соблазна: соблазната на обредна побожност. Понекогаш Типикот како да го вовлекува подвижништвото во втор план. Меѓутоа, дури ни таквиот крут законски ритуализам, т.е. робовска застрашеност од дисциплинските правила во Типикот, кои не оставаат нималку простор за молитвена слобода, не е она што е најопасно. Поопасен е естетскиот ритуализам. Типикот не е толку опасен во рацете на законољупците, колку што е во рацете на естетичарите. И, најопасно е разложувањето на богослужењето во ритмови на уметнички доживувања. Тоа е отворен напад на човековата личност.

Патот секогаш води меѓу крајните опасности. Постои опасност осамеништвото да се претвори во секташко умиление и самување. И постои опасност да се изгубиме и раствориме во црковниот колективизам (кој пак, е пародија на една промашена соборност). Се соочуваме со антиномичната напнатост меѓу личното спасение и заедничкото делување. И тоа не е некоја нова недоумица. Има такви примери и во житијата на светите. Едните бегале од луѓето за да се спасат, а другите ги барале луѓето за да им помогнат. Едните го граделе Градот Божји на земјата, а другите го барале единствено Градот кој допрва доаѓа. Самите ние треба да ја пронајдеме својата мера и синхронизација. Делувањето во светот станува новопустински подвиг, но најважен пат е љубовта.

Отец Георгиј Флоровски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz