Долината на смртна сенка

Величенствена визија му била дарувана на Пророкот. Со раката Господова пророкот Езекиил бил одведен во долината на смртта, долина на очајот и пустошот. Таму ништо не било живо. Немало ништо, освен суви коски, навистина суви коски. Тоа било сè што останало од оние кои некогаш биле живи. Го немало животот. И Пророкот бил запрашан: „Можат ли овие суви коски да оживеат повторно? Може ли животот да се врати уште еднаш?“

Очигледно, човечкиот одговор на ова прашање би бил – не. Животот никогаш не се враќа. Она што еднаш е мртво, мртво е засекогаш. Животот не може да дојде од прав и пепел. „Ние ќе умреме и ќе станеме како разлеана вода на земјата, која не може да се собере.“ (2Самуилова 14,14) Смртта е краен завршеток, целосен неуспех на човечките надежи и очекувања. Смртта доаѓа од гревот, од првородниот пад. Таа не е божествено востановена. Човечката смрт не му припаѓала на Божествениот ред на создавање. Не било нормално, ниту природно за човекот да умре. Дури и физичката смрт, т.е. одделувањето на душата од телото било неприродно оттуѓување од Бога, Кој е човековиот Создател и Владетел. Човековата смртност е жигот, или „плата“ за гревот (Римјани 6,23).

Долината на смртна сенка

Денес многу Христијани ја имаат изгубено оваа библиска претстава за смртта и смртноста и ја уважуваат смртта попрво како едно ослободување, ослободување на една бесмртна душа од ропството на телото. Всушност, колку и да може да биде распространета оваа претстава, таа е целосно туѓа на Писмата. Поточно, таа е грчка, незнабожечка претстава. Смртта не е ослободување, таа е катастрофа. „Смртта навистина е тајна: затоа што душата насилно е отцепена од телото, разделена од природната врска и составеност, по Божјата волја. О, чудо. Зошто сме биле предадени на распадливост, и зошто сме биле венчани со смртта?“ (Свети Јован Дамаскин во „Погребната служба“). Мртвиот човек не е човек повеќе. Затоа што човекот не е бестелесен дух. Телото и духот си припаѓаат еден на друг, и нивното разделување е распаѓање на човечкото битие. Расплотената душа е само дух. Бездушното тело е само труп. „Бидејќи мртвите не Те спомнуваат Тебе; во пеколот кој ќе Те слави Тебе?“ (Пс. 6,5) Или, пак: „ Зар на мртовци ќе правиш чуда? Зар сенките ќе се кренат и ќе Те слават? Зар во гроб некој ќе кажува за твојата милост и за Твојата вистина – местото на распаѓањето? Зар во темнината ќе ги познаат Твоите чудеса, и во земјата на заборавот – твојата правда?“ (Пс. 87, 10-12) И псалмистот бил совршено сигурен: „тие се оттурнани од Твојата рака.“ (стих 5). Смртта е безнадежна. И според тоа, единствениот разумен одговор кој може да биде даден, од човечка гледна точка, на прашањето за сувите коски, е: – Не, сувите коски никогаш повеќе нема да живеат.

Но, Божествениот одговор бил многу поинаков од тоа. И не бил само одговор со зборови, туку моќно Божјо дело. Та дури и Словото Божјо е творечко: „зашто Он рече и тие настанаа; Он заповеда и се создадоа.“ (Пс. 32,9) А сега Бог повторно говори и делува. Тој Го испраќа Неговиот Дух и го обновува лицето на Земјата (Пс. 103,30). Духот Божји е Дарител на Живот. И Пророкот можел да посведочи чудесно обновување. По силата Божја сувите коски биле повторно собрани, и сврзани, и обликувани и повторно прекриени со живо месо, и здивот на животот повторно се вратил во телата. И тие повторно се исправиле, во сета сила, „многу, многуброен народ.“ Животот се вратил назад, смртта била надмината. Објаснувањето на оваа визија оди заедно со самата визија. Тие коски биле домот Израилев, избраниот народ Божји. Тој бил мртов, по неговите гревови и беззаконија, и паднал во гробот кој самиот си го ископал, бил поразен и отфрлен, ја изгубил својата слава, и слобода, и сила. Израилот, народот на Божествената Љубов и восиновување, своеглавиот, бунтовниот и тврдоглавиот, а сепак Избран народ… И Бог го возведува надвор од долината на смртна сенка назад кон зелените пасишта, надвор од замката на смртта, надојдените води, ужасната јама, надвор од калливата глина.

Пророштвото се беше исполнило. Еден ден, ветеното избавување пристигна. Ветениот Избавувач, или Искупителот, Месијата, дојде во определеното време, и Негово име беше Исус: „зашто Он ќе го спаси народот Свој од неговите гревови.” (Матеј 1,21) Тој беше „светлина за просветлување на незнабожците, и слава на Твојот народ, Израилот.“

И тогаш нешто невозможно и парадоксално се случи. Тој не беше признаен, или „прифатен“ од Неговиот народ; беше одбиен и нагрден, беше осуден и убиен, како лажен пророк, дури како лажго или „заблудувач“. Оти, плотското размислување за ослободувањето кое народот го имаше беше многу различно од она што беше според Божјата замисла. Наместо моќен овоземен принц очекуван од Евреите, Исус од Назарет дојде, „кроток и смирен по срце“. Царот на Небесата, Самиот Цар на царевите, слезен, Царот на Славата, во вид на Слуга. И тоа не да владее, туку да им служи на сите кои се „изморени и обременети“ , и да им даде одмор. Наместо повелба за политичка слобода и независност, Тој му донесе на Неговиот народ, и воопшто на сите луѓе, повелба на Спасение, Евангелието на животот вечен. Наместо политичко ослободување Тој донесе слобода од гревот и смртта, прошка на гревовите и живот вечен. Беше осуден на смрт, на непристојна смрт, и „меѓу злодејците беше вброен.“ Живот осуден на смрт, Животот Божествен осуден на смрт од страна на луѓе – ова е тајната на Распетието.

Уште еднаш Бог делуваше. „Вие, Него, откако беше предаден според предодредената Божја волја и предзнаење, преку рацете на беззакониците Го распнавте и Го убивте, но Бог Го крена и Го ослободи од смртната агонија, зашто не можеше смртта да Го задржи“ (Дела Ап. 2,23-24, зборовите на Св. Петар). Уште еднаш Животот излезе од гробот. Христос воскресна, Тој излезе од Неговиот гроб, како Младоженец од своите одаи. И со Него сето човештво, навистина сите луѓе, воскреснаа. Тој е првина од оние кои заспаа, и кои ќе Го следат по својот ред (1Кор. 15,20;23). „Та како што гревот царува, предизвикувајќи смрт, така и благодатта да се зацари со правда за живот вечен, преку Исуса Христа, нашиот Господ.“ (Рим. 5,21)

Пророштвото Езекиилово се чита во Православната Црква на Утрената на Велика Сабота, на таа величенствена служба на која верните се поканети да го чуваат Господовиот гроб, тој Свет гроб од кој животот изобилно се излеа на сето создание. Во убавите песни и химни, определени за тој ден, оваа голема тајна е опишана и почитувана: Животот се положи во гроб, Животот сјаје од гробот. „Оти, Оној Кој пребива на височините е вброен меѓу мртвите и е положен во тесен гроб“ (Канон, Песна Осма, Ирмос). Верните се повикуваат да ја созерцаат и да се восхитуваат од оваа тајна на Живототворниот и Животоносниот гроб.

Но сепак, старото пророштво е само пророштво, или пророштво и сведоштво истовремено. Живот дојде од гробот, но полнотата на животот сè уште се очекува. Човештвото, иако искупено, дури и самата Црква, сè уште се наоѓа во долината на смртта. Домот на новиот Израил Божји повторно наликува на суви коски. Има толку малку вистински живот во секој од нас. Историскиот пат на човекот е сè уште трагичен и несигурен. Сите ние сме биле, во последниве години, повлечени назад во долината на смртта. Секој еден од нас, кој требал да чекори по урнатините на некогаш напредните градови, ја разбира ужасната моќ на смртта и распаѓањето. Човекот сè уште ја шири смртта и пустошот. Може да се очекува да дојдат дури и полоши нешта. Зашто, коренот на смртта е гревот. Не е ни чудо што, во повеќе различни групи, пораснува разбирањето за сериозноста на гревот. Старата изрека на Св. Августин одново одекнува во човечката душа: »Nondum considerasti quanti ponderis sit peccatum« – „Никогаш нема да ја разберете тежината на гревот.“

Моќта на смртта е навистина скршена. Христос навистина воскресна. „Принцот на Животот, Кој умре, бессмртно владее.“ Духот Божји, Утешителот, Дарителот на Живот, беше испратен на земјата да ја запечати Христовата победа, и пребива во Црквата, од Педесетница. Дарот на животот, на вистинскиот живот, бил даден на луѓето, и постојано им се дава во изобилство, сè повеќе и повеќе. Се дава, но не секогаш подготвено е „примен“. Затоа што, за да биде вистински оживеан, човекот треба да ги надмине своите плотски желби, „да ги одложи сите земни грижи“, гордоста и предрасудите, омразата и себичноста, самодоволноста, дури и да се откаже од себе си. Во спротивно, би Го задушил Духот. Бог постојано чука на портата на човечките срца, но само човекот може да Му отвори. Бог никогаш не влегува насилно. Тој го почитува, по зборовите на Свети Иринеј Лионски, „древниот закон на човечката слобода“ еднаш подарен од Него. Секако, без Него, без Христа, човекот не може да направи било што. Но сепак, постои само едно нешто кое може да биде направено од човекот, а тоа е – да одговори на Божјиот повик и да Го „прими“ Христос. Во ова многумина не успеваат. Живееме во мрачно и раздразливо време. Чувството на историска сигурност е одамна изгубено. Се чини дека нашата традиционална цивилизација може целосно да колабира и да се распадне на парчиња. Чувството за насока [ориентација] е исто така е нарушено. Не постои излез од оваа тешкотија и безизлезност освен ако не се случи радикална промена. Освен… Со Христијански јазик кажано – освен ако не се покаеме, освен ако не го побараме дарот на проштевање… Животот е изобилно даруван на сите луѓе, а сепак сè уште сме мртви. „Покајте се и оттргнете се од вашите престапи, та вашето нечестие да не ви биде вам сопка. Отфрлете ги од себе сите свои гревови, со кои сте згрешиле, и направете си ново срце и нов дух; и зошто да умирате? – доме Израилев. Оти, Јас не ја сакам смртта на оној што умрел, вели Господ Бог; но поправете се – и живејте!“ (Езекиил 18,32)

Има два начина: „Ете, јас денес ти предложив живот и добро, смрт и зло… сведочам денес со небото и со земјата: живот и смрт ти предложив јас, благослов и проклетство. Избери го животот, за да живееш ти и потомството твое.“ (Петта Мојсеева 30,15;19).

Да избереме живот. Прво, ние треба да го посветиме сиот наш живот на Бога, и да Го „примиме“ или прифатиме Него како наш единствен Господ и Господар, и тоа не само во духот на формалната послушност, туку во духот на љубовта. Зашто Тој е повеќе од наш Господ, Тој е нашиот Отец. Да Го љубиме, значи да Му служиме, Неговата цел да ја направиме наша, да Ги споделуваме Неговите замисли и цели. „Не ве наречувам веќе слуги, зашто слугата не знае што работи господарот; туку ве нареков пријатели, оти ви кажав сè што сум чул од Мојот Отец.“ (Јован 15,15) Нашиот Господ ни ја остави. да ја спроведеме и постигнеме Неговата работа. Ние треба да влеземе во самиот дух на Неговата искупителна работа. И дадена ни е сила за да го извршиме ова. Дадена ни е сила да бидеме синови Божји. Дури ни на блудниот син не му било дозволено да ја изгуби честа на раѓањето и да биде вброен меѓу наемниците. Уште повеќе, ние сме членови Христови, во Црквата, која е Негово Тело. Неговиот живот живее во нас преку Светиот Дух.

Оттука, второ, ние треба да се приближиме заедно еден со друг и сиот наш живот да ја бараме оваа единственост која нашиот Господ ја имаше на ум на Неговиот последен ден, пред страданијата и крстот: за да бидат сите едно – во вера и љубов, едно во Него.

Светот е сè уште потполно поделен. Постои премногу неслога и поделба дури и помеѓу оние кои тврдат дека се Христови. Мирот меѓу народите, и над сè единството меѓу Христијаните, ова е заедничката должност која нè обрзува, ова е најитната задача на денешницата. И секако, крајната судбина на човекот се решава не на бојните полиња, ниту преку намерите на умните луѓе. Судбината на човекот се решава во човечките срца. Дали тие ќе останат заклучени дури и при чукањето на Небесниот Отец? Или, дали човекот ќе успее да ги отклучи како одговор на повикот на Божествената Љубов? Дури и во нашите мрачни денови постојат знаци на надеж. Не постои само „пладневна темнина“, туку исто така и „полноќна светлина“. Постои нараснувачка потрага по единство. Но вистинското единство се наоѓа само во Вистината, во полнотата на Вистината. „Направи да исчезнат схизмите во Црквата. Скроти го гневот меѓу народите. Брзо уништи ги, со силата на Светиот Дух, сите нараснувачки ереси.“ (Василиева Литургија) Животот е изобилно даруван. Треба да бдееме – да не го испуштиме денот на нашата посета, како стариот Израил го испуштил неговиот. „Колкупати сакав да ги соберам чедата твои, како кокошка што ги собира пилињата свои под крилја, а вие нејќевте“ (Матеј 23,37). Да го избереме животот, во познанието на Отецот и Неговиот единороден Син, нашиот Господ, со силата на Светиот Дух. И тогаш славата на Крстот и Воскресението ќе ни се открие преку нашите животи. И славното пророштво од старина уште еднаш ќе се исполни. „Еве, Јас ќе ги отворам гробовите ваши и ќе ве изведам, народе Мој, од гробовите ваши и ќе ве воведам во земјата Израилева… па ќе познаете дека Јас, Господ, го реков тоа, и го извршив, вели Господ.“ (Езекиил 37,12, 14)

Отец Георгиј Флоровски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz