За злите кловнови во Црквата

— или, обид за едноставен одговор на прашањето „Како сè уште можеш да веруваш и да одиш в Црква?“ —

1a. Кога сме мали деца, сметаме дека нашите родители се совршени. Дека тие имаат одговор на секое прашање, и решение на секој проблем. Дека нашите тетки и стрини, вујковци и стриковци се најдобрите луѓе на светот. Дека нашиот постар брат или сестра е вистински пример какви ние треба да бидеме кога ќе пораснеме. Истото важи и за братучедите и соседите. Како што созреваме, сфаќаме дека во Земјата на чудата нештата не се толку совршени, и дека нашите ближни се, сепак, луѓе. Созревањето ни нуди избор: дали ќе ја прифатиме нивната совршена несовршеност (а со тоа, и нашата), и ќе ја водиме добрата борба, помагајќи им и ним во нивната, или илузорно ќе бегаме од неа (одложувајќи го созревањето за троа подоцна, if ever), его-трипајќи и потпевнувајќи со Пинк.

1б. Истиот овој опит се пресликува и во црковниот живот. Неретко се случува човек, во почетоците од животот во Црквата, да го идеализира свештенството и верниот народ, сметајќи ги сите кои се вклучени во Црквата за нов еволуциски, подобрен вид. „Мојот духовен отец / брат во Христа / Владика знае сè“, „Монасите се совршени Христијани“, воскреснува наивното дете во тело на четириесетгодишен маж. Ако во сликата се вклучи и малку византиска естетика, темјан и пеење – катарзата наречена православен шаманизам е неизбежна. Меѓутоа, порано или подоцна се случува духовно тинејџерство, и човекот, овој пат со малку поголем опит, е двојно бунтовен и разочаран: од другите, дека не пошле подалеку од ликот на брбливиот Луд Шапкар од Земјата на чудата, но и од себе, оти дозволил повторно да биде прелажан, овој пат на 25, 30, 40 или 50 години. Да не зборуваме за лутењето на Бога Кој, ете, дали од незнаење или незаинтересираност, остава нештата да бидат… непобожни.

1в. Вистината е дека и во двата случаи, и под а) и под б), клучен момент е нашето созревање, нашето мало подотварање на очите, нашето несигурно зачекорување по патот на животот онаков каков што е. „Ќе бидете како богови“ е благослов и клетва (злослов?), оти разликувањето на доброто и злото е навистина задача за богови, а не за незрелиот Каин кој едвај чека нешто да не му е по мерак, па да го убие Авела. Зашто, соблазната ја имало и во Градината, а ќе ја има сè додека сонцето го знае својот запад. Но, ете, Бог верува во човекот, и по малку му открива од несовршенството на другите, за на тој начин да му укаже дека и тој самиот, човекот, носителот на истата таа природа, е несовршен. Или кажано поинаку: ако Бог отворено ни ја открие нашата несовршеност, секој од нас, слично на Јозеф К. и Росман би се чувствувал „без вина виновен“, и исходот би бил трагичен. Човек, таа вреќа коски повикана на обожение!

1г. Погледнете ги вашите роднини. Сигурно има палета од ликови: среќни, несреќни, богати, сиромашни, умни и не толку умни, наркомани, алкохоличари, коцкари, разведени, распуштени, хомосексуалци, крадци, и што ли уште не? Е сега, погледнете и на Црквата, зашто и тие луѓе се наши роднини. Зарем нешто навидум е драстично различно? Не. И тука има сè од горенаведеното, па дури и повеќе, зашто Црквата е болница во која доаѓаат многу болни луѓе. Единствената разлика е што овие луѓе (повеќе неуспешно отколку успешно) се борат. Имаат однос кон гревот, не се поистоветуваат со него. Во една болница, човек не оди од кревет на кревет, и не му вели на болниот „Ти имаш жолтица!“, „Тебе ти е скршена раката!“ или пак „Јас нема да го лекувам мојот заб тука, затоа што три соби подолу има човек со гангера!“ Исто како што, ако нашиот стрико е коцкар, ние не зборуваме секој час од секој ден за неговиот проблем, или пак, не се решаваме да се самоубиеме поради тоа. Едноставно, човек се научува да се избори и да продолжи да живее со сето она околу и во него. И тоа е знак на зрелост. Сфаќањето дека болеста на ближниот е и моја болест, но дека ако сакам да му помогнам да се излечи, прво треба јас самиот да бидам излечен од моите мали и големи болести. И уште нешто: поради лошите квалитети на лекарите јас не престанав да ѝ верувам на медицината.

1д. Еден столар пред две илјади години бил соочен со една млада и бремена девојка која му кажала дека не забременила од маж. Тој се вознемирил, но подоцна се смирил и решил тајно да ја избрка. Откако преспал, сепак одлучил да ја прими да живее со него, а детето да го признае за свое. Нецели триесет години живеел со детето што го родила девојката, грижејќи се за него како вистински татко. Не му било лесно, но издржал. Токму во тој човек гледаме успешна приказна на јадење од дрвото на познанието.

Милан Јаковчевски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz