Писмо четиринаесетто

Црква на св. Харалампиј, Закинтос
Црква на св. Харалампиј, Закинтос

1. Во писмото ми напиша, о пријателе, дека се радуваш што сум започнал да објавувам авторски текстови на сајтот, но и дека си натажен оти не пишувам за нештата за кои зборувам со тебе, а кои, според твоето смирение, се достојни за слушање; уште и ме предупредуваш дека моите излети во неозбилноста, како што сам ги нарекуваш, не сакајќи да го употребиш исповедничкиот израз на новиот триблажен богослов Јустин, авантури во глупоста, можат да ги соблазнат браќата послаби во верата, и таквиот скандал да ми создаде непријатности. На твојата молба смирено ти одговарам, напомнувајќи дека оваа епизода од нашата преписка ќе биде објавена на сајтот, онака како што (се сеќаваш, нели?) во минатото се заблудувавме, дека откако ќе засветлиме во подвигот, нашите преписки ќе се објавуваат и цитираат, како оние на Кесарејскиот Небооткровеник (како да го преведам Ουρανοφαντωρ?) и Духословителот од градот на царевите. Со оваа напомена, знам, брату, дека повторно се враќам во областа на излетите и авантурите, но што е – тука е.

2. Да се говори за Бога, и да се говори со Бога, не е исто. Да говори за Бога може само оној кој говори со Бога. Богословието се остварува единствено преку преминот од словење за Бога во словење со Бога (вака некако богословеше една монахиња по име Стефанида). Понатаму, објасни: во царската придружба имало најмалку 20 луѓе. Од нив, само еден или двајца биле луѓе кои секојдневно говореле со царот, го слушале, го гледале, му служеле. И царот ним им говорел. Останатите осумнаесет (да речеме дека се толку), само ги извршувале наредбите кои овие двајца ги пренесувале. Царот ретко го гледале, а кога и го гледале, не зборувале со него. Се појавува следниот парадокс: од овие дваесетина слуги, за царот најмалку зборувале токму оние двајца слуги кои постојано биле со него. А најмногу брбореле за него, по плоштадите, пазарите и улиците другите осумнаесет, кои на тој начин (мислам) дека пред другите сакале да се покажат дека го знаат и познаваат царот. И тој нив.

3. Вчера купив две кутии чај. На едната пишува „Чај од комбуха“, на другата „Чај од брусница“. Додека ги земав од полицата во хипермаркетот, го прочитав составот и на двете кутии. На кутијата „Чај од комбуха“ пишува: 47% зелен чај, цвет од камилица, комбуха во прав 13% (комбуха, зелен чај, органски малтодекстрин), плод од јаболко, цвет од липа и кора од портокал. На кутијата „Чај од брусница“ пишува: 50% хибискус, цвет од камилица, 4% малина, 3% брусница. Ова беше доволно да почнам да правам паралели. Кога Црквата (as in “we”) денес би била чај, на кутијата би пишувало: „Православен чај“, а во содржина, следново: 60% неверие, 10% наивност, незрелост и прелест, 4% римо-католизицам и протестантизам и останати ереси, и со мали букви, големина на фонт 7px: производот содржи траги од „солта на земјата“. Чисто како предупредување за оние што се алергични на неа. Инаку, деловите со содржина на чаевите ги исеков, и едниот го ставив во молитвеникот, а другиот во псалтирот. Чисто да се сеќавам на ова.

4. И покрај сè што ми пиша, останувам на ставот дека на православното богословие му фали некој како Жижек. Шарлатани има премногу, точно е, но никој не е ревносен како него.

5. Сè е суета и мака за духот.

6. Го молам Триипостасниот молитвите да ти ги прими како славословие, а не како празнословие, та преку нив и јас избегнам атимијата што ја заслужувам. Биди здрав и радувај се, зашто сè друго нема смисла. Те поздравувам во Оној Коj e свет и пресвет.

М.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz