Ексклузивно: Гергесинците потресени – ќе бараат оштета за свињите!

Гергеса, 28 јули (Галилеја Тајмс за Пара вести). „Со должно внимание слушнавме сè што имаа да ни кажат свињарите во врска со несреќниот случај на давењето на голем број свињи во Галилејското Море. Запознаени сме и со случајот на излекувањето на двајцата мажи (кои според некои, биле дури и демоноопседнати), а кои се наоѓаа на градските гробишта, и неретко ни предизвикуваа проблеми. Поради тоа, а во знак на добра волја, го замолуваме господинот Исус да ги напушти нашите краишта, како не би предизвикал поголема штета на сточарството и економијата воопшто, во нашиот град“ – со овие зборови се огласија денес пратениците од Советот на општина Гергеса.

„Доколку не го стори тоа, во најкус можен рок ќе поднесеме тужба за причинување на материјална штета и душевна болка или страв“, категорични се некои од членовите на Советот.

Од Здружението за заштита на правата на свињите „Барби Кју“ остро реагираат и велат дека се згрозени од постапката на Назареецот: „Не знаеме кое зло ќе беше поголемо – тоа свињите да беа изедени од Гергесинците, или пак, тоа што денес се случи – нивното давење во водите“.

Како што дознава Галилеја Тајмс, ден претходно Исус го излекувал слугата на еден стотник од Капернаум, како и многу други, по што се упатил кон Гергеса преку Галилејското Море.

Она што можеше да се слушне низ кулоарите на Синдерионот беше потсмевот и ужасноста од бесрамното кршење на Законот од страна на граѓаните на Гергеса со недозволеното јадење на свинско месо, што се гледа од нивното чување свињи. Анонимен извор ни потврди дека Првосвештеникот Кајафа лично се заинтересирал за случајот.

Оставете коментар

1 Comment on "Ексклузивно: Гергесинците потресени – ќе бараат оштета за свињите!"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

: ( …

wpDiscuz