Смисолот и оправданоста на постоењето на христијанскиот манастир

Вовед

Проверката на смисолот и оправданоста на постоењето на еден христијански манастир има онолку долга историја колку изнесува самата историја на присуството на еден христијански манастир во светот. Драматичната историја на таа проверка, подеднакво исполнувана од страна и на христијаните и на нехристијаните, ќе трае до крајот на времето и светот, и ќе биде драматична. И тоа најпрвин затоа што основачите на христијанските манастири и осмислители на манастирскиот начин на живот ќе ја поистоветуваат тајната на христијанскиот манастир со тајната на сета христијанска Црква, Една, Света, Соборна и Апостолска.

Тоа значи дека осовачите на еден христијански манастир во светот и животот во него ќе го согледуваат основниот смисол на неговото постоење и оправданоста на неговата појава врз основа на аналогијата со смисолот и оправданоста на постоењето на христијанската Црква во светот. Конкретно, домостројот на манастирот бил и останува истоветен со Домостројот на Црквата.

Телото на манастирот ќе биде истоветно со Телото на Црквата.

старец

Благата евангелска вест за нашето спасение овозможена со воплотувањето на Логосот ќе биде и во манастирот истоветна со големата проповед на Црквата за спасението на светот.

Христос кого по православното Откровение и Предание ќе го проповеда христијанскиот манастир, и во кого по православното Откровение и Предание ќе живеат монасите и монахињите, ќе биде истоветен со Исус Христос Црквата.

Значи, тој ќе биде истоветен со Седржителот и Женикот на Црквата, на Соборниот Христос, кој е нејзина Глава, Тело, Срце, Леб и Пиење, нејзина Првина, нејзин прв Верник и Сведок, Исповедник, Учител, Теолог, Монах, Ѓакон, Првосвештеник, историскиот Исус Христос Богочовек, Благовестник на преображението и на нестворената божествена слава, Благовестник на смртта и воскресението, Новиот Адам, Пат Вистина и Живот, Цар на Славата, Судија на вселената и Сонце на Правдата, Алфа и Омега.

Манастирскиот живот и монашките подвизи насочени кон Христа како Седоблестен, ќе биде истоветен со животот на крстените и воцрковени христијани кои го носат Христовото Име и ги исполнуваат Неговите спасоносни заповеди.
Етосот на покајание и смирение, богољубие и братољубие, кој се негува во манастирот, ќе биде истоветен со етосот на црковното покајание и смирение, богољубие и братољубие.

Манастирот како Лоза Господова, ќе биде истоветен со Црквата како Лоза Господова, зашто ги насадила Десницата Господова.

Непрестајниот пост, молитви и подвизи, делање и служење на Светата божествена Литургија заради охристовување, се начини на постоење за еден христијански манастир, истоветен на начинот на постоење на христијанската Црква.
Благодатниот вкус и мирис на новиот живот и новите твари на една есхатолошка вистина која се вкусува и иконично претставува во христијанскиот манастир, истоветни се на мирисот и укусот на таа есхатолошка вистина која Црквата благодатно ја вкусува и иконично ја претставува во својот хронотопос.

Статусот на жителите на христијанскиот манастир е рамноангелски, истоветен со статусот на членовите на Црквата, новите обожени личности (есхатолошки портрети) и Божјиот народ-лаос.

Непрестајното славословување на Царството на Отецот и Синот и на Светиот Дух се врши во христијанскиот манастир, истоветно е со славословието на христијанската, славословна Црква, која го иконисува Царството Божјо.

Следи заклучокот дека христијанскиот манастир и христијанската Црква се истоветни по назначување и по содржина, со напомена дека жителите на христијанскиот манастир се разликуваат од жителите на една црковна парохија, или парикиа, по начинот, или по стилот на исполнување на својата правословна, славословна вера. Истоветноста на реалноста и содржината на битието на христијанскиот манастир и на битието и содржината на христијанската Црква ние донекаде можеме да ја споредиме со генетскиот код на една клетка и еден организам, па ќе кажеме дека секаде е присутно сè: и во клетката целината, и во целината клетката. И покрај тоа, големата тајна на еден христијански манастир, голема тајна е на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква. А тајната на манастирот, односно тајната на Црквата е голема затоа што ние говориме за тајна – Христос Единосуштинот со Отецот и со Духот Свет.

1. Насуштна теолошка напомена

Теолошкото сомислување на битието на христијанскиот манастир ни го покажува следново. Дека најизворно богословие, или црковно-храмовно богословие е богослжбено-славословното богословие и харизматско-сотириолошкото. Таканареченото академско богословие, повторно, не е ништо друго, туку една од појавите на црковното богословие, или негови ограноци за потребата на внатрешата и надворешната црковна мисија, но и манастирската мисија. Тоа е, исто така, една од неговите школи за толкување на смисолот на постоењето на христијанскиот манастир и манастирската духовност. А, таа духовност настојува на синтеза и рамнотежа на харизматската еклисиологија и христијанскиот манастир (живот во пост и молитва, тихување и подвизи) и евхаристиската еклисиологија (светотаински, или мистагошки живот).

2. Христијанскиот манастир како лоза

За Великиот Требник, книга на црковното обредословје, слободно можеме да кажеме дека таа е извесна Magna Charta Sacra Echologica. Во молитвата на Обред на благословување грозје на денот на Преображение Господово во рамките на Светата Литургија, можно е да пронајдеме потполно еколошки слики, или претстави за христијанскиот манастир. Со тоа, ние тежиштето ќе го ставиме на таквиот профил на нејзината содржина, и ќе извршиме соодветна анализа.
Таа молитва гласи:

Боже, Боже (Оче) наш, Ти си благоизволил Твојот Единороден Син, Господ наш Исус Христос да се нарече човек, и со благодатта на Твојот Дух си направил неговиот род да биде причинител на бессмртноста. Благослови го и сега, Господару, овој род на лозата, и подај осветување и напредување на душите и телесно здравје на сите кои го јадат.

Со својата благодат сочувај го во спокоство нашиот живот, украсувај ги нашите души со Твоите вечни и неодземливи дарови, секогаш даваќи мир на својот народ.

Благослови, умножи и направи лозите на Твоите верни слуги секогаш обилно да раѓаат, а нивните амбари исполнувај ги со сите Твои земски добра, та имајќи сè изобилно, да изобилуваат и во секако добро дело – со благодатта и човекољубието на Единородниот Син Твој, со Кого си благословен заедно со Пресветиот и Благ и Животвотен Твој Дух, сега и во вековите!

3. Еколошка анализа на претставата на христијанскиот манастир како црковена лоза

А. – Боже, Боже (Оче) наш, Ти си благоизволил Твојот Единороден Син, Господ наш Исус Христос да се нарече човек, и со благодатта на Твојот Дух си направил неговиот род да биде причинител на бессмртноста. Со благоизволувањето на Бог Отецот, Бог Синот, Господ Исус Христос е наречен Човек, а со благодатта на Духот Свет, Кој се нарекува и Дух на Синот, Христовиот род постанал причинител на бессмртноста. Оваа тајна нè насочува кон Домостројот на Синот, кој е незамислив без Отецот и Духот Свет. Полнотата на благоизволувањето и љубовта на Бога Отецот, и благодатта на Господа нашиот Исус Христос и заедницата на Светиот Дух вчитана е во Црквата, или во Лозата Господова, во чиј центар е вкоренет Христос Лозата, чиј род се накалемените и обессмртени христијани. Секој вид организирање на нивниот живот, вклучувајќи го и манастирскиот, е црковен, а тоа истовремено значи и лозен, низ кого како низ организам непрестано течат безбројните благодатни струи на животворната Евхаристија.

Б. Благослови го и сега, Господару, овој род на лозата, и подај осветување и напредување на душите и телесно здравје на сите кои го јадат.

Постоењето на христијанскиот манастир, на монасите и монахињите е по благослов Божји низ благословот на Црквата и епископот. Чувствувањето и напредувањето на душите и телесното здравје се однедуваат најпрвин на евхаристиското чувствување и напредувањето на душите и телата на монасите и монахињите, но и на верните кои заедничарат со нив, и конечно и на севкупната твар кон која секој манастир има свештен и светотаински однос. Затоа нагласуваме дека манстирскиот хронотопос е проникнат со благодатта на непрестаната молитва и непрестаните подвизи на монасите и монахињите, кои се крепат со благодатна, евхаристиска сила.

В. – Со својата благодат сочувај го во спокојство нашиот живот, украсувај ги нашите души со Твоите вечни и неодземливи дарови, секогаш даваќи мир на својот народ.

Спокојството и мирот се основни одлики на манастирскиот живот, благодарение на благодатта која го устројува и усовршува. Спокојството и мирот се показатели на покајната состојба која ги одликува монасите и монахињите. Исто така, тие се показатели на нивната измиреност со Бога, со ближните и севкупната твар; показатели се и на освештениот, благовеснички начин на општење; на тоа укажува нивната ангелска схима, на која тие се обврзуваат. Затоа тие се толку чувствителни на просветлувањето и светлоста; секако, светлоста нестворена, божествена, таворска.

За христијанските души, украсени со вечните и неодземливите Божји дарови, богословствува и харизматословствува апостолот на народот, сехаризматичниот Павле, пример за подвижник.

А за духовните дарови, браќа, не сакам да не знаете, вели тој (1. Кор. 12, 1). Внимателното читање на третиот стих од Првото Послание до Коринтјаните ни укажува на првиот, основниот и најглавниот дар: Затоа ви давам на (до) знаење, никој кој преку Духот Божји говори, да не вели: Анатема на Исуса! И никој не може да каже: Исус е Господ, освен преку Духот Свет. Дрвото на животот и Лозата на питието на животот, засадени во самиот центар во Црквата, односно христијанскиот манастир, се однесуваат на Господа Исуса Христа, и затоа монасите и монахињите непрестано го изговараат Неговото животворно Име, и се причестуваат со Неговите Свети Евхаристиски бессмртни Плодови.

Различни се даровите, но Духот е ист, различни се и службите, но Господ е ист. И различни се дејствата, но истиот Бог е оној кој дејствува сѐ во сите (4-6). Дух Свет е Духот на Господа Христа, рамносилен со Отецот и Синот во изградувањето на Лозјето Божјо, низ дарови, различни служби и свештенодејства.

Манастирот е, исто така, едно тело кое има многу членови, а сите членови на едното тело, иако многу, едно тело се, онака како и Христос.

Како што во Црквата со еден Дух сите ние се крстиме во едно тело…, и сите со еден дух сме напоени (15), така и во манастирот сите со еден Дух пострижени во едно манастирско братсво или сестринство, односно манастирско тело, и сите, од сите страни собрани, со еден Дух се напоени, да би пребивале, опивани со Него, во покајание. Етосот на христијанскиот манастир се основа врз тоа да се држи до љубовта, и да се грижи за духовните дарови (1 Кор. 14, 1), не ли би се Црквата изградувала.

Г. – Благослови, умножи и направи лозите на Твоите верни слуги секогаш обилно да раѓаат, а нивните амбари исполнувај ги со сите Твои земски добра, та имајќи сè изобилно, да изобилуваат и во секако добро дело –
Црквата е Икономиса на благослови со кои се умножуваат лозјата Господови на верните слуги, за секогаш обилно да раѓаат. Лозјата се помесните Цркви, како и манастирските населби, населени со верните слуги кои обилно раѓаат плодови на покајание, и изобилуваат во секое добро дело. Браќата, на слобода повикани; само не слобода за угодување на телото, тука од љубов да служат едни на други… по Духот да одат, похота телесна да не би чинеле… зашто тие кои такво нешто прават, нема да го наследат Царството Божјо (Гал. 5, 13, 16, 21).

А плодовите на Духот сe: љубов, радост, мир, долготрпение, добрина, вера, кротост, воздржание(22). Амбарите на црквите и манастирите, пак, се светителите и преподобните, исполнети со духовни благодатни добродетели како сеукраси; тие се и благодатни сосадови на Духот Свет, познати и како земни ангели и небесни луѓе. Амбари се и безбројните кивоти со мошти на светите и преподобните угодници Божји, носители на изобилие во секое добро дело, односно добродетел.
со благодатта и човекољубието на Единородниот Син Твој, со Кого си благословен заедно со Пресветиот и Благ и Животвотен Твој Дух, сега и во вековите!

Знак за разпознавање на православното преданско богословие во целост е неговиот славословечки етос. Тој како квас проникнува низ севкупниот живот на Црквата, па според тоа и низ животот на еден христијански манастир. Манастирското богословие во својот најизвонреден смисол на зборот, е богослужбено, доксолошко, славословувачко. Сиот подвижнички живот, исто така, го има за цел славословувањето на Отецот и Синот и Светиот Дух. Токму поради тоа што најбогољубивите монаси сакаат да го видат, и што го гледаат, окото на Бога. Неговата вечна слава, или светлина, која и жителите на манастирот ги поттикнува на непрестано славословење. Полнотата на тоа славословење јазички е вградена во најсовршеното богословско дело – Светата Литургиска Анафора – како нејзина насловна или возгласна формула. Затоа литургиското дело на било кој манастир е негово најважно дело, кое ја опфаќа, и со себе ја проникнува севкупната негова детелност и неговото богословие, оправдувајќи го неговото постоење на земјата и потребата за него.

Епископ Д-р. Давид Перовиќ

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz