За молитвата

1. Молитвата е една од најважните и најмоќни сили, којашто го препородува оној којшто се моли, дарувајќи му телесна и духовна благосостојба.
2. Молитвата претставува душевни очи и крилјата. Таа ни дарува одважност и сила да Го гледаме Бога.
3. Брате мој, моли се со усните сè додека Божјата Благодат не те просветли да се молиш и со срцето. Тогаш во тебе на чудесен начин ќе се појави празнување и славење, и нема веќе да се молиш со усните, туку со вниманието кое се твори во срцето.
4. Ако вистински копнееш да оддалечиш секаква антихристијанска помисла од себе, и да го очистиш својот ум, тоа ќе го постигнеш преку молитвата, оти ништо не е до таа мера способно да ги устрои нашите помисли како молитвата.
5. Биди внимателен оти, ако си мрзелив и невнимателен во молитвата, нема да напреднеш ниту во настојувањето да Му бидеш предан на Бога, ниту во здобивањето мир во мислите, ниту во спасението.
6. Името Христово коешто го призиваме во молитвата, во себе ја содржи самобитната и самодејствителна сила на воспоставување. Значи, не грижи се поради несовршеноста и сувост на твоите молитви, туку упорно очекувај плодови од зачестеното повторување на Името Божјо.
7. Кога се раководени од молитва, моралните сили што се во нас стануваат посилни од сите искушенија и ги победуваат.
8. Зачестеноста на молитвата создава молитвена навика, која пак, набрзо станува наша втора природа, и често ги доведува умот и срцето до едно повисоко духовно ниво. Зачестеноста на молитвата е единствен начин да се досегне висината на вистинската и чиста молитва. Таа е најдобар начин на дејствителна подготовка за молитвата, и најсигурниот пат по кој човекот ќе го достигне крајното одредиште на молитвата и спасението.
9. Секој од нас е способен да ја стегне внатрешната молитва, односно, од неа да направи начин на заедничарење со Бога. Нам тоа не нѐ чини ништо, освен напорот да се внурнеме во безмолвие и во длабините на нашите срца, грижејќи се колку што можеме почесто да Го повикуваме името на најслаткиот Исус Христос, кое го исполнува човекот со неизречива радост. Внурнувањето во себеси и истражувањето на светот на нашата душа ни дава можност да спознаеме колкава тајна е човекот, да ја почуствуваме сладоста на самопознанието и да излеем горки солзи на покајание поради нашите падови и слабости на нашата волја.
10. Нека сета твоја душа со љубов се приврзе за смисолот на молитвата, така што твојот ум (нус), твојот внатрешен глас и твојата волја, трите составни елементи на твојата душа, станат едно, и едното да стане три. На тој начин човекот, којшто е образ на Пресвета Троица, ќе стапи во заедница и ќе се соедини со Праобразот. Како велик делател и учител на умната молитва, свети Григориј Палама Солунски рекол: „Кога едноста на умот ќе стане троедна останувајќи едност, тогаш таа се соединува со божественото Троединство и ја затвора вратата за секаква прелест, востанувајќи против плотта, светот, и кнезот на овој свет“.

Старец Ефрем Филотејски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz