Двете витлеемски ноќи

Витлеемски младенци

А штом си отидоа тие, ете, ангел Господов му се јави на Јосифа в сон, велејќи: „Стани, земи Го Младенецот и Мајка Му, па бегај во Египет и остани таму дури не ти кажам, бидејќи Ирод ќе Го бара Младенецот за да Го погуби.” И тој стана, Го зеде Младенецот и мајка Му ноќно време, па отиде во Египет. И таму беше до смртта Иродова, за да се исполни реченото од Господа преку пророкот, кој вели: „Од Египет Го повикав Синот Свој.” Тогаш Ирод, кога виде дека мудреците го измамија, се разгневи многу и прати, та ги уби сите младенци во Витлеем и по целата негова околина од две години и помали, според времето што точно го беше узнал од мудреците. Тогаш се исполни кажаното преку пророкот Јеремија, кој говори: „Глас се слуша во Рама, плач и ридање, и пискот голем: Рахил плаче за своите деца и не сака да се утеши, зашто ги нема.“ А по смртта Иродова му се јави на Јосифа насон во Египет ангел Господов и му рече: „Стани, земи Го Младенецот и мајка Му, и отиди во земјата Израелева, зашто изумреа оние што ја бараа душата на Младенецот.” Тој стана, Го зеде Младенецот и мајка Му, и дојде во земјата Израилева. Но, кога чу дека во Јудеја царува Архелај, место татка си Ирода, се уплаши да отиде таму; и откако доби вест в сон, тој замина во пределите Галилејски. А кога пристигна, се насели во градот наречен Назарет, за да се исполни кажаното преку пророците дека Он ќе се нарече Назареец.

Мт. 2,13-23, Евангелие во неделата по Рождеството Христово

Света, блажена, од Бога благословена ноќ се спуштила над Витлеем, блажениот Витлеем. Ноќта била како сите други ноќи: во мирен сон спиеле сите витлеемци, целото мноштво народ, дојдени за пописот. Дремеле и пастирите витлеемски, заедно со нивните стада: небесните ѕвезди трепкале со тивка светлина, како и секогаш, а сепак, никогаш од создавањето на светот, и никогаш подоцна, таа ноќ нема да се повтори, оти таа ноќ во пештерата, во јаслите, Пресветата Дева ни Го роди Предвечното Слово, нашиот Господ Исус Христос.

+ + +

Поминало кратко време, и над несреќниот Витлеем се спуштила поинаква ноќ – ноќ на пеколен мрак, ноќ на крвава темнина, ноќ на таков ужас и таков оган, каква што никогаш не се видела не само Витлеем, туку и во целиот свет. Ноќ во која ќе се пролеат потоци на крв од несреќните витлеемски младенци, убиени, истребени од војниците на проклетиот Ирод, кој убивајќи ги новороденчињата витлеемски, сакал да Го убие и нашиот Спасител Исус Христос.

+ + +

Запомнете ги овие две ноќи, што над Витлеем се спуштија:

Првата, блажената ноќ на Рождеството Христово, и сеќавајте се на неа во светост и светлина, за да ве укрепи низ сите искушенија и проблеми што ќе ве снајдат.

И втората, страшната ноќ на убивање на витлеемските новороденчиња, за да не заборавите колку е опасна јароста на сатаната.

Спомнувајте си за нив и молете се на нашиот Господ и Бог Исус Христос, за да ве укрепи во непрестајната борба со поднебесните духови на злобата.

Амин.

извадоци од беседата на св. Лука Кримски Чудотворец, изговорена на вториот ден Божик 1952 г.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz