Две заповеди

“Учителе, која заповед е најголема во Законот?“ А Исус му одговори: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум, тоа е прва и најголема заповед, а втората е слична на неа: Возљуби го својот ближен како себе си! На тие две заповеди се крепат целиот Закон и пророците.“

Матеј 22, 36-40

Колку малку се две заповеди на кои се крепи целиот Закон и колку малку прсти се потребни за да се избројат наспроти одговорноста да се толкуваат правилно со сета нивна тежина и подоцна верно и се исполнат во радост која им доликува. Ако си ја довршил првата, многу лесно си се подготвил за втората имајќи ги во предвид фактите за столбот кој си постанал, многу цврст против сите бури и неволји, за храмот во себе кој вредно си го очистил, примамлив за Светиот со својата невиност, и верата која си ја покажал со врзани очи патот да го препознава. Ако си ја започнал втората, многу лесно ќе ја најдеш и првата имајќи ги во предвид фактите за сознанието кој си ти и која е земјата по која чекориш, што е љубов и дали треба да љубиш во килограми, дали ближни се оние кои се неколку метри подалеку од тебе, … и многу други сега веќе одговорени прашања доволно јасно да ти дадат имунитет да се фатиш во костец кон Сеопфатноста.

Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце. Мало е срцето, но понекогаш ефикасно со својата моќ да ја развие мислата колку Бог е добар во своите комори, ја загрева и посолува онака алово вжарена, а потоа ја испумпува низ целото тело постојано попатно објавувајќи го тоа до секоја алвеола и поричка. И кој може да му се спротистави кога одлучило да љуби и кога може да казни со игнорирање на непослушните органи до нивото на отфрлање на нивното учество во секојдневната радост. Возљуби го Господа, со сета своја душа. Невидлива е душата, но понекогаш ефикасна со својата распространетост да ја задржи мислата колку Бог е милостив низ своите гранчиња, да ја поддава од едно на друго додека не заврши испреплетена и без можност да биде искоренета од таму. Нејзината умешност е да остане концентрирана на својот прапочетен став и да не дозволи раскол во внатрешноста. Затоа го црпи воздухот од надворешната средина, го преработува и исфрла нечистиот и складира она што нема да се фрла во огнот. Тешко на оној кој ќе подметне страсти наместо покајание, кој ќе треба да положи сметка пред сопствената совест, обично немилосрдна. Возљуби го Господа, со сиот свој разум. Уникатен е разумот, и понекогаш недоволно остар да се сети на мислата колку Бог е кроток додека вешто пребарува во својата ризница на мудрости. Блажени се оние кои го симнале од пиедесталот на гордоста и му го потпишале епитафот на оној кој почина за светската слава и воскресна за љубов кон Висините и кон сè што таму престојува.

gruzija-tbilisi

И возљуби го својот ближен како себе си! Се сакам многу себе си и најубаво си го хранам и облекувам телото, но немам трпение истото да му го правам на мојот ближен. Си посакувам неколку луксузни предмети како на луѓето од медиумите, но ќе им завидувам ако истото ги снајде и ближните. Се грижам и не помирувам кога болеста ме паднала на колена, а верувам дека тоа им било пишано ако се однесува за ближните. Не сум спокоен за секојдневните неправди и водам револуција за моите права, додека аршинот со кој мерев беше поинаков со препорака за понизност од ближните. Судам светомудрено за дела на ближните големи колку раска не забележувајќи ја гредата во моето око. Давам милостина со десната рака и ме дознава и мојата лева рака и сите наоколу посрамувајќи го мојот ближен. Дали го возљубив мојот ближен како себе си? Не, ако се земе во обѕир дека и премногу се љубев себе си, подолен често и од митникот.

Колку малку се две заповеди за да би се исполнил Законот. Но, колку многу љубов е онаа со која би се љубел Бог и ближниот. Таа ќе ја содржи и љубовта кон сонцето кое го објавува утрото и почетокот на новиот тест, кон природата од која потекнале најубавите параболи, кон вистината за вечниот живот која им се потсмева на нашите искушенија, кон трпението кое е имитација на Неговиот образ, кон смирението кое е магнет за благодети… Така таа масивна сесодржаност со леснотија ќе ги исполни и двете и десетте заповеди и формуларот за постанување законски наследник.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz