Дванаесет Божикни дена

bogojavlenie

Дванаесетте божикни дена се празничен период што ги поврзува двата велики Господови празници: Рождеството Христово и Богојавлението. За време на тој период славењето на првиот празник нѐ води кон другиот. Рождеството Христово се состои од тридневна прослава: формалното име на првиот ден е „Рождество по плот на нашиот Господ, Бог и Спасител Исус Христос“, и во него се слави не само Рождеството Исусово, туку и поклонувањето на пастирите и пристигнувањето на Мудреците; вториот ден е наречен „Собор на Пресвета Богородица“, и ја слави улогата на Дева Марија во воплотувањето; третиот ден, познат како „Трет ден од Рождеството“, е празник на светиот архиѓакон и првомаченик Стефан.

На 11 јануари си спомнуваме за Светите четиринаесет илјади младенци во Витлеем. Попразненството на Рождеството продолжува до 13 јануари (кога се одбележува Одданието на Рождеството Христово).

Саботата по Рождеството (годинава се префрла на 13 јануари, поради Господовиот празник на 14 јануари) се одбележува со засебни апостолски и евангелски четива за време на Литургијата (1Тим. 6,11-16 и Мт. 12,15-21). Во неделата по Рождеството литургиски се празнува споменот на „Праведните Јосиф Обручник, цар Давид и Јаков, брат Господов“ (оваа година, тоа беше на втор ден Божик, односно 8 јануари).

На 14 јануари, во центарот на овој празничен период се празнува еден Господов празник (иако, не се работи за еден од големите Господови празници): празникот на Обрезанието Господово. Бидејќи во овој ден се празнува и св. Василиј Велики, овој ден се служи Божествена Василиева Литургија.

На 15 јануари започнува Претпразненството на Богојавление.

Навечерието на Богојавленското просвештение (18 јануари) е посен ден, при што верните вкусуваат храна по изгревањето на првата ѕвезда. Овој ден е познат како Водопост, и за него важат слични обележја како и за Бадник. Утрото се служат Царските Часови, по што следува Василиева Литургија заедно со Вечерна, за на крајот да се отслужи Велик Водосвет, во спомен на Христовото Крштение во Јордан. Постои сличност меѓу песнопенијата на Водопост и оние на Велики Петок, со што според православното богословие, се покажува дека Христовото зачекорување на Јордан е чекор кон патот на Крстот. Вечерта се богослужи сеноќно бдение во чест на Богојавлението.

Оставете коментар

1 Comment on "Дванаесет Божикни дена"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Дванаесет Божикни дена […]

wpDiscuz