Двајца браќа

Живееше еднаш едно благочестиво семејство. Родителите, кои веруваа во Бога и имаа големо смирение, ги водеа своите две деца по Христовиот пат. Од мали овие две деца Го засакаа Бога. Прислужувањето во Црква покрај свешеникот, беше една од нивните најголеми радости. Кога доволно пораснаа, одлучија остатокот од својот живот да ѝ го посветат на Црквата.Така ги оставија своите стари родители, удобностите и задоволствата од овој свет и заради Христовата љубов го прифатија монашкиот живот. Едниот го избра подвижништвото и самотијата на пустината и затоа отиде длабоко во неа, најде еден скит и стана пустиножител.

Другиот брат, оној помладиот, го сметаше општожитието за подобар и посигурен пат за постигнување на својата цел. Најде еден манастир со свет игумен и смирени отци и стана монах во него. Неговото послушание беше совршено и примерно. Сите отци во манастирот го сакаа и почитуваа, бидејќи секогаш беше подготвен да ги послуша заповедите кои му ги даваа. Се чинеше дека неговата волја воопшто не постои.

Времето минуваше и послушанието на помладиот брат стана познато во целиот крај. Така, неговата слава стигна и до длабочината на пустината, таму каде што се подвизуваше постариот брат. Кога пустиножителот го чу тоа, не поверува и сакаше и сам да го испроба послушанието на својот брат. Затоа замина од пустината и стигна во манастирот во кој беше неговиот брат. Го сретна и го замоли да прошетаат наоколу за да поразговараат, бидејќи толку години не се виделе. Помладиот брат прифати со задоволство и излегоа од манастирот.

Шетајќи, стигнаа до една река, за која постариот брат од порано знаеше дека е полна со крокодили.

– Влези во реката, брате, и излези на спротивниот брег, заповеда пустиножителот.

– Нека е благословено, одговори помладиот брат и пријде кон реката. Постариот брат беше сигурен дека помладиот нема да успее и дека ќе го изедат крокодилите. Меѓутоа, добриот послушник, кој никогаш во својот ум не ставаше лоши помисли, туку едноставно ги следеше заповедите на другите, влезе во реката и пливајќи стигна на спротивната страна. Свирепите крокодили не само што не му направија ништо лошо, туку, напротив, сето време додека тој пливаше го следеа зад него и му ги бакнуваа нозете. Овој призор го запрепасти пустиножителот. Остана без зборови.

Тргнаа за да се вратат кон манастирот. На патот, пред да стигнат, наидоа на некој мртовец. Некои го ограбиле и убиле. Беше гол и на двајцата браќа им беше жал.

– Ајде, брате, да соблечеме секој по еден дел од облеката и да го облечеме овој несреќник, рече пустиножителот.

– Прости ми, брате, но зарем не е подобро да се помолиме за него, може Бог ќе му се смилува и ќе го воскресне. Така и направија. Добриот Бог ја услиша нивната молитва и го воскресна мртовецот. Ова големо чудо го исполни пустиножителот со себичност и тој рече:

– Ова чудо Бог ни го подари заради моето големо подвизување во пустината.

Помладиот брат не рече ништо и монасите го продолжија својот пат до манастирот. Но, на влезот на манастирот ги чекаше игуменот.

Тој беше свет човек и Бог му беше открил сé што тој ден се случило. Штом двајцата браќа се приближија, игуменот го одведе пустиножителот настрана и строго му рече:

– Зошто, дете мое, својот брат го изложи на толкава опасност во реката? И знај дека послушанието на твојот помлад брат беше она што го воскресна мртовецот. Пустиножителот не издржа. Зборот на игуменот, го потресе и солзи покајнички се појавија во неговите очи. Побара прошка од Бога и од игуменот и веднаш отиде да го побара својот брат. Кога го виде, падна на колена и рече:

– Прости ми, брате мој. Згрешив пред Бога и пред тебе. Прости ми што кај реката те доведов во опасност. Прости ми.

Помладиот брат му прости и од тој час живееја во љубов и се подвизуваа заедно за спасение на своите души.

Извор: Скопска православна епархија

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz