Дунав

Дунав

осмо послание до нас, самите

Пред една седмица посетив еден манастир кој се наоѓа во близина на Дунав. Обична, скромна посета и едно најмало поклонение кое може еден грешник и недостоен како мене да ја направи попатно. Убав, стар, прекрасен манастир кој сѐ уште се обновува, монашко братство, отворено поле, Дунав во близина…

Но, воедно бев поканет од еден искушеник да седнам малку и да отпочинам. Понуден со посен колач од мак и домашен сок од бозел, почнавме мал разговор. Од каде сте, кај одите, што работите, верник, неверник, грешен, за манастирот, за Дунав, за свеколивницата, за восокот, за братијата, за владиката, за полето… И, во еден момент, искушеникот ми рече: „Спремете се за септември –
октомври“. Јас прашав: „Како да се спремиме?“ Тој рече: „Флаширана вода, брашно, ориз, масло, конзерви и ако имате нешто настрана… но, како и да е не се плашете… и сега Дунав може да надојде и да нѐ однесе“.

!?

Е, ај сега вози продолжи исто така смирено, си реков. Но, во истиот момент се смирив и продолжив бидејки и така Дунав не надојде.

Во што е поентата:

Во секој момент Господ Бог може да нѐ повика при Него, на само Нему познат начин – па и преку Дунав.

Да се ослободиме од целиот притисок, да се ослободиме од сѐ она што се случува околу нас, да се ослободиме од лажните сценарија, лажните заговори, лажните пропаганди со кои нѐ трујат, да се ослободиме од нестварливите зла кои висат над нашите глави, да се ослободиме од лажните вести, да се ослободиме од отровните гласини и озборувања, да се ослободиме од негативната енергија во нас и околу нас. Да се ослободиме од невистината, да го ослободиме животот, да ја ослободиме свеста, да ги ослободиме срцата и душите, да го ослободиме умот и разумот, да го ослободиме нашето битие кое не чука и не живее поради овие работи. Ние живееме поради една друга и единствена сила која нѐ ствара, води и прави да сме тоа што сме.

Да се потпреме и да оставиме сѐ на Бога Троичниот Кој е Сетворител и Седржател, кој прави да дишеме и да живееме, Бог Кој е Семилостив и во рајот и во пеколот, Бог кој ќе нѐ води секогаш како светлината која ја створил и водата која ни ја дарувал.

Да веруваме во Господ Исус Христос Спасителот наш, Оној Кој ја држи вселената, небото и земјата, Оној Кој е над нашите мисли и помисли, Кој ги узди нашите гревови и согрешенија, Кој ја има семилоста и прошката, Тој Кој ќе нѐ суди и кој ќе нѐ разреши на крајот на вековите. Да се повикаме на Милостивата Мајка Исусова, Владичицата наша, коренот на животот, разгранетата фиданка над нашите животи, постојаната Избавителка и Брзопослушница. Да ги повикаме Светиите и Архангелите, да се застапат за нас пред Бога. Да се водиме по старечниците и светите преданија, да го читаме Евангелието на вистината и правдата, со чиста вера и набожност да пристапиме, со покајание и исповед, со милост, со љубов, со милостина и човечност, со добро и со послушност.

Оставете ги настрана и исчистете ги од вас бабините деветини, свемирските чуда, заговорите на планетите, конспирациите на моќниците, клубовите на големците, масонериите и лагите, црно – белите балови и протестите, вонземските спасители и цивилизации, атомските хорор сценарија и локалните воени замисли. Сите ќе бидеме повикани пред Вистината, Правдата и Судот Божји, кога – тогаш, и ќе треба да одговориме за нас самите. Тогаш нема да ни помогне комшијата, интернетот, мобилниот, искушеникот или мама.

Да останеме во православието и да живееме православно во секој дел од нашиот живот и со секој здив да се молиме и да бараме прошка за нашите гревови и согрешенија, волни и неволни. Православно да веруваме, православно да твориме и работиме, православно да грешиме, православно да се поправаме и да се исправаме, православно да простуваме, православно да битисуваме, сега дур нѐ има на земјата. Ни листе на дрвјата не се помрднува без волјата на Постариот од вековите…

Да правословуваме постојано.
Тогаш може и Дунав да дојде.
А сонцето го знае својот запад.

Господи Исусе Христе помилуј нѐ нас грешните…
Амин.

Ѓорги Кочовски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz