Духовни бисери од св. Атанасиј Велики

Св. Атанасиј Велики

Она што ѝ е предадено на верата, тоа не се постигнува со човечка мудрост, туку преку верата. Учењето за Бога не се состои во логичките докази, туку во верата и смиреното побожно размислување.

+ + +

Телото е како харфа на која душата, разумна и бесмртна, свири како музичар. Душата го движи телото, а таа самата себе се придвижува, зашто движењето е нејзин живот. За телото, пак, кога се движи, велиме дека е живо, а кога престанува да се движи, т.е. кога душата го напушта, велиме дека умира. Животот на душата е Логосот Божји, и таа се умртвува штом излезе од заедницата со Него.

+ + +

Најсилно оружје против ѓаволот е вистинскиот живот и вера во Бога.

+ + +

Во почетокот на својот подвижнички живот, св. Антониј одел кај познати подвижници и, искрено потчинувајќи им се, од секого ги учел неговите особени добродетели и подвизи. Од едниот се поучувал на радост, од другиот на усрдна молитва, од третиот на негневливост, од четвртиот, пак, на човекољубие, од петтиот на бдение и неспиење, од шестиот на мудрост, од седмиот на трпеливост и издржливост, од осмиот на пост и спиење на земја, од деветтиот на кротост, од десеттиот на долготрпеливост. Од сите нив, пак, заедно, се учел на побожна вера во Христа и меѓусебна и взаемна љубов. И така, исполнет со сето ова, се враќал на местото на својот подвиг, и се грижел да ја стекне секоја од овие добродетели што ги видел кај другите подвижници, и да ја оствари во својот живот.

+ + +

Правата и вистинска вера Христос самиот ѝ ја подарил на Црквата; оваа вера ја проповедале апостолите, а нам ни ја предадоа светите отци.

+ + +

Во Црквата секогаш треба да се отфрла и спречува она што ѝ е туѓо и што соблазнува, и најмногу да се чува мирот и слогата, но под услов верата да биде здрава (односно правилна, православна). Тогаш и Господ ќе нѐ помилува и ќе го соедини она што е разединето. И кога ќе бидеме едно стадо, повторно ќе имаме еден Водич – нашиот Господ Исус Христос.

+ + +

По добрината и Својата сила, Бога пребива во сѐ, а по Својата природа – надвор од сѐ.

+ + +

Иако не е возможно да сфатиме што е Бог, сепак е возможно да се каже што Тој не е.

+ + +

Наш печат и тврдина е верата во нашиот Господ Исус Христос.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz