Дух на празнословие не давај ми…

Во црковнословенскиот јазик, бремената жена се нарекува „непразна“, односно „зафатена“. Тука не се мисли само дека е зафатена или полна со што било, туку се мисли дека во себе носи благослов. Во таа смисла Исаија вели: „Вака вели Господ: Кога во гроздот има сок, не го повредувај, зашто во него има благослов“ (Ис. 65:8). Според ова, „празна“ значи пуста и лишена од благослов, значи во себе ништо не носи. Духот на празнословието е токму таков – празен, ништо важно во себе не носи и ги остинува остатоците топлина кои сеуште се во душата.

Ерата на празнословието и не е толку безопасен феномен. Нејзиниот дух се однесува непријателски кон молитвата. Митрополитот Антониј (Блум) не случајно прашува: „Може ли современиот човек сè уште да се моли?“ Секако дека може да ги чита молитвените текстови. Но потполно да се сосредоточи на молитвата, умствено да се напрегне, да го задржи вниманието, да стои пред Бога, може ли?

Анемичната молитвеност на современикот во голема мера е плод на словесното расфрлање, попустото исцрпување на словесните средства. Во одредена мера, она што се вели за бракот и семејството може да се спореди со јазикот и зборовите. „Нека не се разлеваат твоите извори по улицата, водните потоци – по плоштадите“ (Изр. 5,16). Од тамошниот контекст се гледа дека станува збор за верноста во бракот, за брачното целомудрие. Но зборот претставува и семејство. Тоа зачнува дела, творечки го менува светот. И тоа не треба да се истура по плоштадите како водни потоци.

Ангели

За да има за што да се зборува, треба да има и за што да се молчи. Неопходно е и зборовите тивко и бавно да созреваат во тајната темнина во внaтрешниот живот, како мајката што го носи детето цели 9 месеци. Инаку, светот ќе се наполни со пометнувања, кои се неспособни да преживеат и оцврстат.

Празнословието не го поднесува молчењето, се бори против него. Духот на празнословието се чувствува загрозено во тишината. Впрочем како и лилјаците. Кога тие би можеле да зборуваат, би викале „Исклучете го светлото!“ Празнозборувањето се јавува како основа за рамнодушието кон смислата – битно е што било да звучи. Тоа е синоним за отуѓеноста на сите, затоа што на луѓето од семејството молчењето не им е мачно. Туѓинците да, должни се да ја исполнат тишината со дрдорење, за да не се почувствуваат непријатно. Оттука и заклучокот: торжеството на бесмислениот разговор е доказ за отуѓеноста на луѓето едни од други и за нивната длабока внатрешна осаменост.

Порано цртаа постери на тема: „Колкаво количество вода ќе истече за еден ден од отворена славина, ако дебелината на потокот е еднаква на кибритче?“ Точна бројка нема да кажам, ама обемот на загубата е застрашувачки. Вооружени со аналогија – назад на нашата тема. Наместо отворена чешма – отворена уста. Дебелината на потокот тешко може да се определи, тука ни кибритчето не е од полза, но течењето пресушува само за време на спиењето. Колкава е загубата? Невозможно е да се изброи, но загубата е огромна.

Мачно е да се гледа кога возилото кое пренесува семе по патиштата низ напукнатите рабови го истура скапоцениот товар. Исто така е мачно да се гледа како топлификационите цевки под закрпените улици зиме го греат воздухот, а радијаторите во домовите едвај да се млаки. Таквите загуби се сродни на зборувањето „во воздух“, на разговорите без цел и смисла. Патем, може и да се укаже на тоа дека врската меѓу двете загуби е длабока и реална. Сите добри домаќини се молчаливи. Конкретни и практични.

Да се најде некој дрдорко помеѓу земјоделците, рибарите, дрвосечачите или рударите е вистинска реткост. Практичноста и воздржаноста од зборување кај некои северни народи прејдоа во анегдоти. Кај молчаливиот, како што покажува искуството, не само зборовите, туку и водата, топлината и даночните приходи се трошат разумно и економично. Ние не сме нешто блиску до јужњаците – „воденицата“ едвај можеме да ја допреме. Оттука можеби и за могу други работи не сме способни.

Патот од Египет (празнословието) до Палестина (молитвата) се протега низ пустината молчание. Но не преку молчењето на немиот, туку молчењето при кое се случува внатрешен напор да се соберат помислите. Како што вели Давид: „Пламна срцето мое во мене и додека размислувам оган ќе се разгори во мислите мои. Проговорив со јазикот свој“. А пред тоа било вака: „Си реков: ќе пазам на патиштата мои, за да не згрешам со јазикот свој; се погрижив устата моја да е претпазлива додека е грешникот пред мене. Онемев и се смирив, и замолкнав дури и за доброто; и јадот мој се обнови“ (Пс. 38).

Односно, на почетокот бил нем и безгласен. А потоа срцето се разгорело, во мислите се појавил оган, јазикот почнал да зборува за добри и важни нешта. Таква е низата. Штом срцето во човека не гори, тоа тој очигледно не умее повремено да остане нем и безгласен.

Протоереј Андреј Ткачев

Оставете коментар

1 Comment on "Дух на празнословие не давај ми…"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Дух на празнословие не давај ми… […]

wpDiscuz