За должникот кој не ги простува долговите

„Така и Мојот Отец небесен ќе направи со вас, ако секој од вас не му ги прости од срце гревовите на брата си.” (Матеј 18, 23-35)

Плутарх, возљубени, е еден од најпознатите и најплодните автори од минатото. Бил историчар и моралист. Живеел од 46 до ц. 120 година по Христа. Напишал многу книги, од кои се издвојуваат живописите и Moralia („Обичаи“). Пишувал моралистички есеи, во кои моралот што е изложен има голема сличност со христијанскиот морал. Некои критичари тврдат дека Плутарг бил под влијание на учењето на христијанското Евангелие, и особено св. ап. Павле. Во еден од неговите есеи поврзан со образованието на младите, пренесена е една случка од животот на Сократ.

Еден ден Сократ поучувал во еден од јавните атински плоштади, кога еден дрзок и безобразен младич поминувал оттаму. Без никаква причина, тој го удрил Сократ. Сократ не рекол ништо. Младичот избегал, а народот се разлутил. Му довикувале на Сократ зошто не реагирал. Така, философот смирено ѝ одговорил на разбеснатата толпа: „Ако едно магаре ве удри, што добивате доколку му возвратите?“ Младичот, по сè изгледа, си ја добил својата казна – затоа што народот започнал да го нарекува Λακτιστην – клоцач, прекар кој бил толку срамен и навреден, што на крај се самоубил.

Од оваа приказна, Плутарх ја завршува својата поука, велејќи дека обележје на мудриот човек и философот е понизноста, и одбивноста кон гневот.

Колку и да се мудри зборовите на Сократ, драги браќа и сестри, тие се само (плод на) човечка мудрост. Самиот Сократ никогаш не барал неговите зборови да бидат прифатени како догми, апсолутни вистини. Како што еден современ философ посочува, Сократ не ги повикувал луѓето кон себе, ниту пак им нудел оддишка од животните бремиња. Сократ го приготвува патот за логиката. Тој поставува прашања, како што и други великани на вистината правеле. Тој е голем философ, символ на човечкиот болен копнеж и напор кон вистината. Сепак, тој останува само човек. Тој никогаш не вели: „Дојдете при мене сите изморени и обременети и јас ќе ве успокојам“.

Драги браќа и сестри, Кој е Христос? Тој постои како историска личност, во современиот живот, во животот вечен. Тој не е мртва фигура од минатото, кој чмаејќи лежи со остатокот од човечката историја. Тој е ист вчера, и денес, и секогаш. Тој е центар на историјата. Сократ им зборувал на луѓето, навестувајќи им за земните работи. Христос ги повикувал луѓето да дојдат при Него, и потоа им говори за небесните работи. Им зборува за Царството на животот, кое започнува штом животот заврши. Не им зборува за теории и можности, туку со уверување, со вистинитост: „Вистина, вистина ви велам“. И им зборува во власт; и поради сите овие причини, Неговите зборови се божествени, обврзувачки. Зборува во параболи, поради неразбирањето на луѓето. Вистината од параболите, пак, се обраќа кон душата човечка.

Параболата за немилосрдниот слуга
Параболата за немилосрдниот слуга

Една од овие параболи е поврзана со денешното Свето Евангелие – параболата за двајцата должници. Еден од овие луѓе на својот господар му должел 10 000 таланти. Во денешни пари, се работи за астрономска сумa – 10 милиони долари. Вториот човек на првиот должник му должел 100 динарии – околу 20 долари, сума која е никаква во споредба со првата. Господарот на првиот слуга му го простил долгот од 10 милиони долари. Но, истиот тој слуга не можел да најде во срцето место за на својот пријател – слуга да му го прости ситниот долг. Како што читаме, го фрлил во затвор додека не му го исплати долгот. Оваа парабола го открива начинот на кој ние толку често се однесуваме. Ние, оние на кои Бог толку многу ни проштева, неволни сме на другите да им ги простиме најмалите престапи.

Колку би бил поразличен животот кога луѓето би биле многу строги кон себеси, а попустливи кон другите, наместо обратното. Животот на земјата би станал како рајскиот. Бесполезно е да се гаси оган со оган. Омразата не ја победува омразата. Удар како одговор на удар не решава ништо. Ајде тогаш да ја продолжиме љубовта Христова кон нашите должници.

Сите ние Му должиме на Бога. На сите ќе ни се суди онака како што судиме. Некои должат помалку, некои пак, повеќе. Препуштајќи се на праведноста Божја, да се научиме да си проштеваме и да се љубиме еден со друг. Амин!

Отец Георгиј Димопулос

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz