Догмати и разум

Односот на догматите кон човечкиот разум е детерминиран со нивните двострани природи и својства. Доколку догматите по природа се божествени вистини со божествени својства на вечност, бескрајност, непроменливост, дотолку повеќе човечкиот разум по природа е тварен, со човечки својства на релативност, ограниченост, променливост. Освен тоа, во својата емпириска даденост човечкиот разум е проникнат со гревовност, и сето негово делување се движи во категоријата на гревот. Набљудувани од било која страна, догматите секогаш се јавуваат како божествена вистина, кои во секој поглед го надминуваат човечкиот разум. Не постои догматска вистина која целосно може да се смести во капислата на човечкиот огревовен разум, и оттука не постои догмат кој може целосно логички да се сфати, логички да се објасни, логички да се образложи. Доколку богооткриените догмати се постават пред човечкиот разум: за троичност, за воплотувањето, за крстот, за воскресението, за вечниот живот, за света Богородица, за благодатта, за првородниот грев, за Страшниот суд, или било кој друг, – тој нема да биде во состојба да продре во таинствената природа на ниту еден од нив. Бидејќи Бог ни дарувал богатство, вели свети Јован Златоуст, кое го надминува човечкото разбирање, Тој со право од нас бара вера.

Сите наши најважни догмати туѓи се на умувањето (ερημα λογυσμων) и се достапни единствено на верата (πιστεως εχεται μονυς). На пример: Бог е никаде и секаде. Што е понесфатливо за разумот од ова? И во едното, и во другото има многу необјасниво. Бог не се затвора со место, и во Него нема место. Тој ниту настанат, ниту Себе се создал, ниту започнал да постои. Каков разум (ποιος λογισμος) би го примил ова, кога би ја немало верата? И, зарем тоа не би изгледало смешно? А, да немањето крај (τελος), зар не е тоа потешко од секоја друга загонетка? Бог е беспочетен, нероден, неопислив и безграничен, и тоа исто така е недостижно за умот (απορον). Или, можеби со умот (λογισμω εξετασαι) би можела да се објасни Божјата бестелесност? Да разгледаме. Бог е бестелесен. Што е тоа, бестелесен? Еден гол збор; разумот (η εννοια) ништо не извлекува од неа, и ништо не замислува. Кога би замислил било што, тој би преминал во вештественото, во она од кое се образува телото. Значи, кога устите говорат за бестелесното, разумот не го поима она за кое тие говорат (ουκ οιδε δε η διανοια τι λεγει), или го поима само онолку колку бестелесното – не е тело… Или уште повеќе: на Божјата природа злото и’ е несвојствено; но секој бива довар единствено по своја волја; следствено, злото е својствено на Божјата природа. Ама тоа е невозможно да се изрече, чувај Боже! Или уште: дали Бог има битие по својата волја (θελων), или против својата волја (μη θελων)? Но и тоа е невозможно да се рече. И повторно: ја ограничува ли Бог вселената? Ако не ја ограничува, тогаш таа Него Го ограничува; ако пак, ја ограничува, тогаш Тој е безграничен по природа (απερως τη φυσει). Уште нешто: се ограничува ли Бог Самиот Себе? Ако се ограничува, значи: Тој е беспочетен не во однос кон Себе си, туку во односот кон нас; следствено, не е беспочетен по природа (απερως τη φυσει). И така, сегде доаѓаме до противречни заклучоци (πανταχου τα εναντια δει δουναι). Каков мрак, и како е нужна верата (πανταχου πιστεςσ δει) на секаде! Единствено таа е цврста1.

Пред секој божествен догмат човечкиот разум стои немоќен; и ако е искрен, тој мора својот однос да го изрази со признанието: не разбирам. Доколку пак, се побуни пред нивната загонетна таинственост, тие за него постануваат бесмислица и лудост, безумие и соблазна2. Неспособен да ги сфати и разбере догматските вистини, човечкиот разум со тоа сведочи дека е неспособен да биде нивен толкувач и творец. Ограничен, релативен, изменлив, огревовен, човечкиот разум не може да создава безгранични, апсолутни, неизменливи, безгрешни вистини, ниту да ги сфати. Тие ја надминуваат неговата категорија на поимање и стојат над него. Од секоја страна тие ги надминуваат неговите сили и способности. Со својата суштина догматските вистини се сокриени во неистражените длабочини на Божјата мудрост, и покриени со покривалото на божествената таинственост, живеат во непристапната светлост на трисолнечното Божество, затоа што човечкиот разум не би можел да го издржи блесокот на нивните сончеви божествени тајни. Како што човекот не само што би ослепил, туку и би се уништил себе си кога би се приближил на сончевите протуберации, така и човечкиот разум би се уништил себе си, кога гол би можел да продре во наднебесните висини на троичното Божество, каде пламтат безброј сонца на вечните вистини. На патот меѓу нив, човечкиот разум мора да го има покривалото на верата, и да биде облечен во сеоружјето на евангелскиоте добродетели.

Во самата суштина, односот на човечкиот разум кон догматите како вечни Христови вистини е детерминиран од односот на Самиот Господ Исус кон човечкиот разум и неговата гревовна даденост. Што воопшто бара Господ Христос од секој човек како услов за одењето по Него? – Едно, само едно: да се одрече од самиот себе и да го земе својот крст: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе (απαρνησασθω εαυτον), да го земе својот крст и да оди по Мене“3. Да се одрече од себе значи: да се одрече од себе во севкупната психофизичка стварност на својата огревовена личност, т.е. да се одрече од својата душа, својата волја, својот разум, своето јас, својот антропоцентричен, егоистичен закон на живот и мислење. А човекот тоа го постигнува кога во самоодрекувачкиот подвиг на верата во Христа се распне себе за гревот и сè грешно во себе и околу себе; кога умира за гревот и смртта, за да оживее во безгрешниот и бесмртниот Господ Христос4.

1) In Соlоss. hom. 5, 3
2) Спореди: ср. 1 Кор. 1, 18, 23; Д. А. 17, 18. 32.
3) Мт. 16, 24
4) Кол. 3, 3-8

Преподобен Јустин Келијски
Догматика на Православната Црква
Извадок од поглавјето „Догмати и разум“

Оставете коментар

1 Comment on "Догмати и разум"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Западот, се плаши од зборови. Особено од зборот догма. Европската цивилизација се колебаше во агонијата на […]

wpDiscuz