Догма за непорочното зачнување

„Царствената, во вистинска слава и достоинство облечена Дева, нема потреба од никаква лажна слава“
Ad canonicos Lugdunenses, de conceptione s. Mariae.
Бернард од Клерво

Некои, залажувајќи се од сличноста на зборовните изрази или од лажна асоцијација на идеите, го помешуваат учењето на Римската Црква за непорочното зачнување на Марија со догмата за девственото зачнување на нашиот Господ Исус Христос. Првото од тие учења, претставувајќи новина на римокатолицизмот, се однесува на рождеството на Самата Прасвета Дева, додека, пак, второто, кое е општо богатство на христијанската вера, се однесува на Рождеството на нашиот Господ Исус Христос „Кој заради нас, луѓето, и заради нашето спасение слезе од небесата и се воплоти од Светиот Дух и Марија Дева и стана човек“.

Учењето за непорочното зачнување својот почеток го има во она почитување коешто некои духовни кругови на одделениот Запад започнале да ѝ го даваат на Пресвета Дева од крајот на XIII. За „богооткриена вистина“ е прогласено на 8 декември 1854 година од папата Пиј IX motu proprio (без свикување на Собор). Таа нова догма е примена со намера да се прослави Пресветата Дева, која како орудие на вооплотувањето на нашиот Господ станува соучесничка на нашето искупување. Според тоа учење, таа како да се ползува со особена привилегија – да биде неподлегната на првородниот грев од моментот на своето зачнување од страна на нејзините родители Јоаким и Ана. Таа особена благодат која ја направи неа, така да кажеме искупена пред самиот подвиг на искупување, на неа ѝ е дарена во предвид на идната заслуга на Нејзиниот Син.

Имено, за да се воплоти и за да стане „совршен човек“ Божественото Слово имало потреба од совршена, не заразена со грев природа; било потребно садот од кој Он ќе го прими своето човештво да биде претходно очистен од секоја нечистотија. Оттука, во мислењето на римските богослови, потекнува неопходноста на Пресвета Богородица да ѝ се дари, и покрај тоа што таа е зачната по природен пат, како и секое човеково суштество, особена привилегија, поставувајќи ја вон Адамовото потомство и ослободувајќи ја од првородниот грев, кој е општ за целиот човечки род. Всушност, согласно со новата римска догма, Пресветата Дева веќе од утробата на мајка си се приопштила кон првобитната човекова состојба пред гревопадот.

Православната Црква, која секогаш ѝ оддавала особена почит на Божјата Мајка, издигнувајќи ја повисоко од небесните духови – „почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите“, – никогаш не ја допуштала, – барем не во тоа значење коешто и го придава Римската Црква, – догмата за непорочното зачнување.

Дефиницијата „привилегија, дарена на Пресветата Дева заради идната заслуга на Нејзиниот Син“ е спротивна на духот на православното христијанство, тоа не може да го прифати тој краен јуридизам, што го брише дејствителниот карактер на подвигот на нашето искупување и во него не гледа ништо друго, туку апстрактна заслуга на Христа, која Е ВМЕТНАТА ВО човековото лице пред страдањето и воскресението христово, та дури и пред Неговото воплотување, и тоа според особена Божја произволност. Ако Пресветата Дева можела да се ползува од последиците на искупувањето пред искупителниот Христов подвиг, тогаш не може да се увиди зошто таа привилегија не би била распространета и врз други луѓе, на пример врз целиот Христов род, на сето потомство Адамово, кое од поколение во поколение го овозможувало подготвувањето на човековата природа кон тоа таа да може да го прими Словото во утробата на Марија.

Навистина тоа би било логично и би соодветствувало на нашата претстава за Божјата благост, но апсурдноста на сличната претпоставка е сосема очевидна: човештвото ужива во вид на „судски налог заради отсутност на докази“ без оглед на својата гревопаднатост, однапред се спасува и го очекува подвигот на своето спасение од Христа. Она, коешто се чини апсурдно во односот кон целото човештво, кое живее пред Христа, не е помалку апсурдно, кога станува збор за еден човек. Таа бесмисленост во тој случај се чини уште повеќе очевидна: за да би можел подвигот на искупување да се изврши за целото човештво, било неопходно тој најнапред да се изврши за еден член, а не [за целото] човештво. Поинаку кажано, за да се случи искупувањето, било неопходно тоа веќе да се збидне, односно некој претходно да ги вкуси неговите плодови.

Нам, бездруго би можеле да ни тврдат дека тоа е законито, кога станува збор за такво исклучително создание како што е Пресветата Дева, на која ѝ било предскажано да служи како орудие за воплотувањето, та со самото тоа и за искупување. Во извесна мера тоа е правилно: Девата која беспорочно Го раѓа Словото, вистинскиот Бог и вистински Човек, не била обично создание. Но, можно ли е неа наполно да ја одделиме од останатиот дел на Адамовото потомство од моментот на нејзиното зачнување од Јоаким и Ана? Изолирајќи ја на таков начин, зарем да се подвргнуваме на ризик да ја обезвредниме целата историја на човештвото до Христа, да го уништиме самото значење на Стариот Завет, кој е месијанско очекување преку постепено приготвување на човештвото кон воплотување на Словото?

Навистина, ако воплотувањето е условено единствено од привилегија, која ѝ е дарена на Пресветата Дева „имајќи ја в предвид идната заслуга на нејзиниот Син“, тогаш пришествието на Месијата можело да се изврши во секој момент на човековата историја; Бог можел во секој момент со лична произволност, единствено во зависност од Неговата Божествена волја, да создаде беспрекорно орудие на Своето вооплотување, без оглед на човековата слобода во судбината на паднатиот свет. Но, историјата на Стариот Завет нè учи на нешто друго: доброволната жртва на Авраам, страдањето на Јов, подвизите на пророците, конечно, целата историја на избраниот народ со неговите издигнувања и паѓања не се само збир на Христови праобрази, туку и непрекинати испитувања на човековата слобода, која одговара на Божествениот призив давајќи му се на располагање на Бога во тоа споро и напорно промовирање на човекови услови, неопходни за исполнување на Неговите ветувања.

Така, целата библиска историја се открива како приготвување на човештвото кон воплотувањето, односно кон „полнотата на времето“, во кое ангелот е пратен да ѝ ја соопшти на Марија веста и да прими од нејзините усни согласност Словото да стане тело: „еве ја слугинката Господова, нека ми биде според твоите зборови“.

Византискиот богослов од XIV век Никола Кавасила во поуката на Благовештение вели:

„Благовештението не е подвиг единствено на Отецот, на Неговата Сила и Неговиот Дух, туку е и подвиг на волјата и верата на Пресветата Дева. Без согласност на Пренепорочната, без учество на нејзината вера таа намера би била подеднакво невозможна, како и без вклученоста на трите Божји Личности. Само откако Бог ѝ соопштил и ја уверил, дури тогаш Он ја зема за Своја Мајка и зајмува во неа тело, кое таа доброволно Му го дава. Оти како што Он доброволно се воплотил, така сакал и Неговата Мајка да го роди слободно и со своја целосна желба“1.

Ако Пресвета Дева била изолирана од останатиот дел на човештвото благодарејќи на особената Божја привилегија преку која ѝ е дарена човекова состојба во нејзиниот облик пред гревопадот, тогаш нејзината слободна согласност на Божјата волја, нејзиниот одговор на архангелот Гаврил, би ја изгубиле својата историска врска со другите дела, кои долг низ на векови го оспособувале човештвото за пришествието на Месијата; тогаш би била разрушена преемственоста на светоста на Стариот Завет, акумулирана од поколение во поколение, за да конечно се заврши во лицето на Марија, пречистата Дева, чиешто смирено послушание требало да го премине последниот праг кој од човекова страна го овозможувал подвигот на нашето спасение. Догмата за непорочното зачнување, како што е формулирана во Римската црква, ја разорнува таа света преемственост на „праведните Божји праотци“, која го наоѓа своето ограничување во „Ессе ancil-la Domini“2.

Историјата на Израилот ја губи својата сопствена смисла, човековата слобода се лишува од своето значење, и од самото Христово пришествие, кое доколку е резултат на силата на самопроизволното Божјо решение, зема карактер на појавување на „deus ex machina“, кој упаѓа во човековата историја. Таквите плодови на искуственото и апстрактно учење кое сакајќи да ја прослави Пресветата Дева, ја лишува од нејзината длабока внатрешна заедница со човештвото, и дарувајќи ѝ привилегија да биде слободна од првородниот грев од моментот на своето зачнување, на чуден начин го намалува значењето на нејзиното послушание кон Божественото Благовестие во денот на Благовештението.

Православната Црква не го прифаќа римокатоличкото толкување на непорочното зачнување. Но, таа ја прославува Пресветата Дева, величајќи ја како „Пренепорочна“, „Нескверна“, „Пречиста“. Свети Ефрем Сирин (IV век) дури и вели: „Ти Господе, како и Твојата Мајка, единствени свети Сте, оти Ти си надвор од порок и Твојата Мајка надвор од грев“. Но, како е тоа можно надвор од правните рамки (привилегија на исклучивост) на догмата за непорочното зачнување?

Пред сè неопходно е да се направи разлика помеѓу првородниот грев како вина пред Бога, општа за целото човештво, започнувајќи од Адама, со оние гревови, кои преку силата на злото, се појавиле во природата на паднатото човештво; на истиот начин треба да се прави и разлика помеѓу општата природа на целото човештво и поединечниот лик, присушт на секој човек одделно. Лично Пресветата Дева била туѓа на секаков порок, на секој грев, но по својата природа таа заедно со сите Адамови потомци носела одговорност за првородниот грев. Тоа значи дека гревот како сила на злото, не постоел во природата на избраната Дева, која била постепено очистена низ течението на поколенијата од Нејзините праведни праотци и која се хранела со благодет од моментот на нејзиното зачнување.

Пресветата Дева се очувала од секаква скверност, но не била ослободена од одговорноста за вината на Адама, која можела да биде укината во паднатото човештво единствено преку Божественото Лице на Словото.

Светото Писмо ни приведува и други примери на Божествена помош и освештување од утроба на мајката: Давид3, Еремија4 и на крајот Јован Крстител (Лука 1,41). Православната Црква го празнува од древнина зачнувањето и на Пресветата Дева (9 Декември стар стил), со исто значење како што го празнува и зачнувањето на светиот Јован Крстител (23 септември). Во тој контекст неопходно е да се напомене, дека римската догма востановува, во однос на зачнувањето на Пресветата Дева од Јоаким и Ана, разлика помеѓу „активно зачнување“ и „пасивно зачнување“: првото е природен, телесен акт, акт на родители кои зачнуваат, а второто е само резултат на сопружнички сојуз; карактерот на „непорочно зачнување“ се однесува исклучиво на пасивниот аспект на зачнувањето на Пресветата Дева.

Православната Црква, туѓа на тоа тврдење во однос на телесната природа, не знае за искуствена различитост помеѓу „активно зачнување“ и „пасивно зачнување“. Прославувајќи го зачнувањето на Рождеството на Пресветата Дева и светиот Јован Крстител, таа сведочи за чудесниот карактер на тие раѓања, го почитува целомудрениот сојуз на родителите, истовремено почитувајќи ја и светоста на нивните плодови. За Пресветата Дева, како и за Јован Крстител, таа светост не се завршува во никаква апстрактна привилегија на невиност, туку во реално изменување на човечката природа, постепено очистена и возвишена со благодатта на претходните поколенија. Тоа непрекинато возвишување на нашата природа, предназначено да стане природа на воплотениот Син Божји, се продолжува и во животот на Марија; со празникот Воведение во храмот на Пресвета Богородица (21 ноември) Преданието сведочи за тоа нејзино непрекинато освештение, за тоа сочувување на нејзината Божествена благодат од секоја нечистотија на гревот. Освештението на Пресветата Дева завршува во моментот на Благовештение, во кој Светиот Дух ја оспособил за непорочно зачнување во полното значење на тој збор – девственото зачнување на Синот Божји, Кој стана Син човечки.

1) Editions Jugie. Patrologia orientalis, XIX, 2
2) Ете ја Божјата слугинка
3) За Тебе цврсто се држам од раѓањето мое; Ти си мој покровител…. Псалм 70,6
4) Пред да те вообликувам во мајчината утроба, Јас те знаев; пред да излезеш од мајчината утроба, Јас те посветив…. (Еремија 1,5)

Владимир Лоски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz