Добри и лоши плодови

Или, ако насадите добро дрво и плодот ќе му биде добар, а ако насадите лошо дрво и плодот ќе му биде лош, зошто по плодот се познава дрвото.

Матеј 12, 33

Насадив едно малечко семе и никна дрво. Во почетокот го полевав со многу љубов и внимателност и растеше во континуитет без посебна надменост дека ќе биде нешто грандиозно, и заради тоа пак дека би ја предвидувало својата великолепност не беше склоно кон самоистакнување. Не, беше малечко, но здраво, со пропорции во рамките на некој стандард кој би можел да одолее на секојдневните турбуленции. Имаше секако независност, онолку колку што може да ја има еден дојденец на нашава планета во почетните периоди од осознавање на животот. Подоцна таа независност се претвори во постојана борба за избори кон лажливата грижа на демоните или искрената преплашеност на ангелите. Демоните му шепотат да ја исправи главата високо кон сонцето без оглед што осенувањето на останатите дрва во околината би предизвикало колапс во нивниот раст, да гледа надалеку иронично потсмешливо кон закржлавените и ги истакнува своите плодови со нагримирана убавина. Ангелите пак, го убедуваа дека дрворедот е заедница која расте со радоста на секое испреплетено гранче од едно во друго дрво, со што животните сокови побрзо се транспортираат од оние што секогаш даваат кон оние кои никогаш немаат недостиг. Вода и топлина ќе има секогаш доволно за сите, па така останува да се ископа она исконското кое постоело на почетокот пред модата на наѓубрувањето.

И така, во крилото на ангелите си растеше тоа и даде навистина убави плодови. Беа лек за тагата на вдовиците и сирачињата, сочен залак за девствената девојка, ново освежување за околните градинари и воопшто восфалувано од секој уморен патник. Ама, како во секоја убава приказна и моментот на скренување на нејзиниот терк кон облакот на злото со што детските широко отворени очи би се насолзиле, така и во оваа дојдоа болестите. Црни дамки, долги лакоми црви низ своите тунели, променет вкус во застоена киселост и плодовите повеќе не беа за приказ. На местото на витезите во приказните, овде се појави вистинскиот Сејач и ги посети сите корења толку длабоко што им го наслушна секое жилче. Во наследство им остави нешто што по долга борба им ја врати свежината и изгледаа поубави од порано, како траговите на напорот да се истрае да им ја потенцирале аловината во бојата. Уште го паметам тој нелажлив вкус.

Но, ова можеше да биде и поинаку. Насадив едно малечко семе и никна дрво. Го поливав со многу љубов и внимателност и растеше во континуитет и почетна независност додека на изборите не победи партијата за лажлива грижа на демоните. Нивното дејство им овозможи забрзан раст кој се одрази на енормност во јачината на бојата и димензиите на формата, запоставувајќи го секако вкусот и квалитетот внатре. Стана добар плен за аукционерите и се нудеше секаде во присуство на VIP личностите кои умееја да ја препознаат и поседуваат неговата убавина во стаклен ковчег. Подадено во рака, со милен поглед од очи на вештерка преправена во немоќна старица, можеше да биде и отров за наивничка која би сторила сè за бедните. И посебно беше полно до дршката со завист неконтролирана, непомирливост да има конкуренција на пазарот, да напомене некој за повкусен загриз во другите. Со текот на времето стана вистински хибрид во колоритноста, час поцрвенувајќи од задоволство од привременото, час позеленувајќи за вечното. Уште го паметам тој измамлив сродник.

Изгледа сè се заснова на садењето, ако насадев добро дрво ќе никнеа добри плодови и обратно. Има една добра книга која го поучува тој процес и нуди стопроцентно добри резултати на крајот. Секако градинарот треба да биде искалена личност, успешна во анализата на плодовата зрелост, психички подготвена да го претрпи сушењето во кризните циклуси, благородно неограничена да се радува на напредокот кон Небото, молитвено пристапна кога ројот скакулци пристигнува и до солзи благодарна без оглед дали родот ќе биде два, пет или сто.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz