Десет совети за Новата година

Нова година

Првиот ден од Новата година традиционално е ден кога се вртиме кон минатото за да го преиспитаме, и поставуваме нови цели за годината што ни доаѓа. Овие цели по магазините се нарекуваат „резолуции“. Си ветуваме дека ќе ослабеме, повеќе ќе вежбаме, ќе работиме на подобрување на кариерата и слично. Си ветуваме дури и дека секојдневно ќе го читаме Светото Писмо, дека редовно ќе одиме в црква и редовно ќе се причестуваме. Сиот овој подвиг што го посакуваме, без оглед на тоа дали е телесен или духовен, е важен. Но, проблемот е што ваквиот наш подвиг ретко трае повеќе од неколку недели.

Зошто е тоа така? Едноставно, затоа што не работиме на тоа од нашите цели да створиме навики, да ги вметнеме во рутината на нашето секојдневие. Толку многу сме секуларизирани, под влијанието на светската култура, што очекуваме инстант-резултати. Нестрпливи сме, сакаме да уживаме, и затоа ни сметаат нештата што од нас побаруваат дисциплина и напорна работа. Но, доколку вистински сакаме да бидеме православни христијани, мора да сме дисциплинирани и да вложиме труд. Вака вели светиот апостол Петар: „Принесете кон верата своја добродетел, а кон добродетелта разум, кон разумот воздржување, кон воздржувањето трпение, кон трпеливоста побожност, кон побожноста братољубие, кон братољубието љубов“ (2 Птр. 1,5-7).

Новата година е добро време да се замислиме над следните десет принципи на православниот начин на живеење, замислувајќи се над својот живот, и потребните промени што треба да ги направиме:

1. Секојдневна молитва: Треба да имаме утринско и вечерно молитвено правило, и секогаш да го исполнуваме.

2. Одење на богослужби и причестување: Треба да учествуваме на Литургија, редовно причестувајќи се и секако, редовно исповедајќи се.

3. Пазење на литургискиот круг на Црквата: Треба да го следиме црковниот календар, и да постиме и празнуваме со целата Црква.

4. Кажување на Исусовата молитва: Треба да се трудиме да ја кажуваме Исусовата молитва (Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме) во секоја прилика, дење и ноќе.

5. Успорување и уредување на животот: Треба да имаме јасни приоритети и да го намалиме стресот од забрзаното живеење.

6. Бдеење врз себеси: Треба постојано да сме свесни што и зошто правиме во даден момент.

7. Борба со страстите: Треба да ги надминеме порочните навики, и да се вежбаме во добродетелите.

8. Да ги ставиме ближните на прво место: Да се ослободиме од себичноста и радосно да им служиме на другите.

9. Духовни пријателства: Да поминуваме повеќе време со други православни христијани за да си помагаме и поткрепуваме едни со други.

10. Читање на Свето Писмо и свети отци: Да ја читаме Библијата, да се вдахновиме од мудроста на отците и житијата на светителите.

Почетна точка е молитвата, подготовката и учеството во Божествената Литургија. Постот и Исусовата молитва ќе помогнат да се воспостави дисциплина и покајание, при што во себе ќе негуваме дух на покајание и смирение. Ако навистина сакаме Новата година да ја искористиме како добар почеток, не смееме да си допуштиме невнимание за нештата што навистина значат. Да не очекуваме инстантни резултати, како Бог да е банкомат. Да Го бараме, да гладуваме за Бога. Нека нѐ не плаши тоа што Он ни делува како да е далеку. Да се посветиме на животот што ни го дарувал во Својата Црква. Црквата ни е дадена за спасение.

Нека Бог ве просветли и преблагослови во годинава што ни претстои.

ѓакон Харалампиј Џојнер

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz