Денешните христијани

Современиот христијанин кога зборува за Бога, најчесто предвид има нешто кое се наоѓа далеку на небото, нешто непознато, нејасно, неодгатливо, недостижно, нешто на кое се смета во тешки моменти; понекогаш му припишува и магични својства и често неправославно повторува „Верувај и не расудувај“.

Но ваквата вера во Бога не го доближува до суштествени промени во животот на христијанинот. Тој можеби оди во црква во неделите, во својата библиотека има современи духовни книги, во дневната има стари икони, на рака носи бројаница, дава голема милостиња итн, но истоврмено се лути кога луѓето не ги исполнуваат неговите очекувања, алчен е за пари, себичен, жеден е за удопства, конкуренција…

Но тоа повторно не е живот во Христа. Тоа мириса на смрт. Во што се разликува денешниот христијанин од остнатите луѓе? Ако не е долготрпелив, кроток, радосен, едноставен, и посебно, смирен, тоа значи дека тој ништо не разбрал за животот во Христа, за животот кој, и под притисокот на секојдневните потешкотии, обновува, преобразува и облагородува.

Животот на таквите христијани се сведува на бесмислено и глупаво преживување, затоа што човекот не може да живее само поради пензија, само поради втор дом или поради нов автомобил. Ние не чекаме големи промени и дејствуваме без надеж. Постојано брзаме, и со тоа си кроиме прекривка. Си велиме, животот е мрачен и безрадосен, матна и тешка рутина.

Христијанинот е повикан пред сè да го слуша гласот на Евангелието, кој го повикува постојано да го ризикува удобниот живот, кој владее со него и лукаво му зборува: „слава на Бога, ништо лошо и срамно од тоа што се прикажува на телевизија не правам“. Ваквите мисли, најчесто, се од демоните, и спокојот кој тие го даваат воопшто не е добар. Ние ќе одговараме пред Бога не само за тоа што не сме правеле лошо, туку и за тоа што не сме правеле добро, што не сме ја возљубиле добродетелта.

Христијаните денес имаат двоен живот и нивната личност не секогаш е чиста и потполна. Ваквото подвојување е огромно страдање. Христијанинот не треба да се претставува како еден, а да биде друг; да зборува едно, а да прави друго. Ваквата неискреност, добра или лоша, не може да биде карактеристика на христијанинот. Вистинскиот однос на човекот со Бога го карактеризират и неговиот однос кон луѓето. Христијанинот од секојдневието и христијанинот од неделната Литургија не е различен човек. Како што кажав, постои благочестиво лицемерие. Алегоријата на манијакалниот стремеж на човекот кон совршен надворешен изглед не е ништо повеќе од смоквин лист кој ја покрива неговата внатрешна пустота и голотија. Скапата и убавата облека не ја одразува убавината и полнотата на внатрешниот свет.

Христијанинот се задлабочува во секојдневни грижи, се грижи за многу работи, се расејува по тривијалности, од мравка прави слон, се стреми кон удобности и забранети плодови кои му се чинат убави, слатки и пријатни, не сака да се разликува од другите, не сака да се бори, не сака да си ја намалува и ограничува слободата. Се враќа демонот на Едем и нуди блескави работи, кои не се скапоцени, кои лесно се добиваат, кои се евтини, рекламирани, најпродавани, нереални. Стекнувањето на сето ова не е успех, тука не постои автентичност, борба, труд, трпение и љубов. Тука се крие лага, дезориентација, заблуда во разбирање на демонскиот морал, сомнителен, предавнички, со цел да се зближи со светот. На овој начин, човекот си гради лажни приоритети, измамнички, измислени, вистиноодрекувачки, кои се опасна изолираност, нездрава нарцисоидност, кои го слават порокот, кои ги тргаат проблемите. Убави бои на празна школка. Мислите дека преувеличувам?

Денес христијаните кај нас имаат магична претстава за Црквата. Велат: „Ако одиш во црква, добро ќе ти тргне работата“. А помеѓу христијаните има и луѓе кои не работаат, има и млади, образовани кои не можат да си најдат работа, и банкротирани бизнисмени. Велат: „Ако не одиш во црква, сè на лошо ќе ти тргне“. Но Христос, Кој слегол на земјата, не притискал ничија совест. Ние немаме право да се закануваме, да го плашиме светот, и да пееме песни за непостоечкиот Бог, односно за Бог кој казнува, кој е одмаздољубив, жесток, завидлив и неријателски настроен, за Бог кој дава добри работни места, солидни плати, високи пензии и бенефиции, добросостојба, договечност итн. Ние сме слични на промотори на некои нови козметички продукти за убавина или како адвокати на неправедно постраданиот Бог. Ние, христијаните од тврдоглвиот 21 век, сè уште не сме разбрале, дека Црквата е Христос Кој спасува, но тоа не го прави по заслуга на никој од нас. Христос рекол дека ако ние со целото срце сакаме совршенство, треба да Го следиме Него. Денешните христијани стануваат државни обвинители, поголеми цареви од царот, со необјаснива ревност, со неразумна усрдност, со лажно мисионерство.

Но, драги мои, сите светители во нашата Црква претежно биле болни и бедни луѓе, често прогонувани, немоќни, презрени, на кои ние поглед не би им фрлиле. Христос се прославил на Голгота. Страдањето ни е сопатник во нашиот живот. Символ на христијанството е крстот. Недозволиво е да се искривува вистината. Во Црквата страдњето продолжува да постои, но тоа има смисол, има излез, тоа води кон воскресение. Ние немаме право, како што прват некои политичари пред избори, да го мамиме народот, ветувајќи му земен рај. Христос рекол дека во светот ќе имаме маки. Он не ги нарекува блажени, оние кои го трошат времето на забави. А ние си создаваме неохристијанство по наши стандарди, за сопствени потреби, релаксирачко, спокојно, удобно, лесно, без никаква вредност, антиаскетично, на крајот на краиштата, антиевангелско. Од ваква гледна точка, Божествената Литургија во храмот – едноставно слушање на зборови и созерцување обреди – може спокојно да се погледа на телевизија, седејќи во фотелја, или да се послуша на радио во автомобилот. Тука нема жртва, нема соучесништво, бдеење, средба на верните во Таинството.

Кога еден бездомник, кој е нељубезен, недружељубив, осамен и несреќен, ќе ѝ пријде на една христијанска заедница, треба да биде затоплен со љубов и вистина. Ако тој се соочи со нашата небрежност, негостољубивост, рамнодушност, изнемоштеност и неодлучност, тогаш тоа е трагично и за нас и за него. Ако ние ја немаме светлината и радоста од духовниот опит и живот, тогаш што можеме да понудиме? Тој сето ова ќе го најде и на друго место, а можеби и во некој подобр вид. Ако ние, христијаните, ја немаме радоста од личната средба со Христа, тогаш каков смисол има нашиот христијански идентитет и формалното посетување на црквата? Св. Григориј Синаит вели: Ако не знаеме какви нè создал Бог, тогаш не знаеме и какви нè направил гревот. Ако не ја знаеме светлината на благодатта, значи добро ни е и во полутемнина.

Со светлината се открива нашата реалност. Со светлината ќе се отвори и вистината на Црквата. Црквата не е она што ние си замислуваме, она што одговара на нашите потреби. Црквата е мајчинска прегратка која сака да ги спаси сите што сакаат да се спасат. Тоа не е институција, не е идеологија, не е група, не е систем, не е партија. Црквата не суди, не прекорува, не бара приврзаници, не се менува, не прави поделби, не се изморува, не се одмара, не се обеспокојува поради убедливи аргументи, никогаш не се стреми некого да пороби или уништи. Ве молам, обрнете внимание на тоа.

Ние денешните христијани, должни сме да станеме луѓе со чист духовен опит, за самиот наш живот да говори погласно од сите наши зборови, да не бараме чуда, да најдеме време за молитва, да му обрнеме внимание на другиот, да ги издржиме нападите на непријателот, да соработуваме со Бога. Ние ќе го принесеме нашиот доброволен труд, а Он Неговата блгодат и милост, впрочем како што и секогаш се случува спасението на човекот. Тоа е слевање на божествната благодат и човековиот труд. Човекот е создаден по образот Божји, и целта на неговото создавање е обожувањето. Мисијата на Црквата е да го спаси светот; Таинствата на Црквата го осветуваат човекот, кој очистувајќи се, се просветлува и достигнува обожување. Таква е правослвната теологија, антропологија, еклисиологија и аскетика на нашата Црква. Да не бараме други патишта, кога единствен пат е спасението односно обожувањето и совршенството.

Старец Мојсеј Светогорец

Оставете коментар

1 Comment on "Денешните христијани"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

Прекрасно

wpDiscuz