За демонократијата

Минатата седмица Го почувствувавме во сета силина богочовекот Христос како господар на животот и светот, како дарител на животот и како лекар над лекарите на сите наши телесни, душевни и духовни недуги (немоќи, болести).

Денеска, Светото Евангелие отвора уште една, нова димензија во гледањето на богочовечката личност Христова. Денес Христос се потврди не само како вистински господар на животот и светот, туку и како личност пред која свештено трепери секоја создадена твар и секоја создадена личност што е исполнета со вера и знаење за реалното присуство на Бога во животот на луѓето.

Денеска чувме за антитеизмот на паднатите демонски битија, црните ангели. Тие се битија на небитието, апостазирани од Бога, но поради примордијалната создаденост од Бога, тие знаат дека Бог постои. При самото спомнување на Неговото име, треперат од страв, знаејќи дека Господарот на светот и животот има моќ и власт над секое создание. Силата на љубовта и силата на вистината го штитат човекот од демоните.

Христос, мозаик.
Христос, мозаик.

Светото Евангелие зборува за Христос, кој отиде во гадаринската област, спроти Галилеја. Таму го сретна еден човек од градот, кој долги години беше заробеник на демоните. Одеше сосема гол и не живееше дома, туку во гробовите. Штом го виде Христа, падна пред него и гласно извика: „Што имаш со мене ти, Исусе, Сине на севишниот Бог? Те молам не мачи ме“. И сето тоа се случи откако Исус му заповеда на нечистиот дух да излезе од човекот. Моќта на демонските сили беше немислено голема. Секогаш кога го ставаа во окови и кога го врзуваа со синџири, тој лесно ги раскинуваше. Негово омилено место за живеење беа пустите места. Утеха за демоните беше поривот на бесомачниот да живее во пусти, безводни и смртоносни простори. Негов најомилен простор на живеење беа гробиштата. При средбата со Христос, сумошедшиот стоеше и, тресејќи се, Го исповеда Неговото богочовечко име. Исповеда дека Исус е Син на Бога Отецот и Го молеше да се смилува над него. Потем, Христос го праша: „Како ти е името?“. Тој одговори: „Легион“, бидејќи во него се беа накотиле бесчислено многу демони. Тој стана орудие во рацете нивни. Тие потполно господареа со неговите внатрешни простори.

Кога Христос им заповеда да излезат, тие го молеа да ја одминат бездната. Предмет на нивните желби стана крдото свињи што пасеше по ридот. Го молеа Христа да им дозволи да влезат во нив. И Христос им допушти. Демоните излегоа од човекот и се вселија во свињите. Потем, свињите гргнаа низ стрмнината и се исподавија во езерото. Свињарите, пак, преплашени од настанот, се разбегаа и сведочеа во градот и околијата. Се насобра голем народ. Страшниот човек, човекот на демоните – кроток, благоразумен и трезвен, седеше облечен при нозете Исусови. Глетката ги збуни и ги уплаши луѓето. Народот од гадаринската област Го молеше Христа да си отиде. Излекуваниот бесомачник молеше да остане со Христос. Христос, пак, не му дозволи, туку го отпушти и го советуваше да се врати во домот свој и да сведочи за чудесното излекување. И Христос истиот час влезе во коработ и отплови од гадаринскиот крај.

Една од темите на денешното Евангелие е темата за демонократијата, несомнено колосална и можеби единствено вистинска тема на нашево време. Демонизмот од самиот почеток се облекува во рувото на ангелот на светлината. Негов медиум се лесноверните. Во моментов, драги мои, ми паѓа на ум големиот француски поет Бодлер. Во неговата книга „Цвеќето на злото“, воден од поетската интуиција, укажува на морбидната вистина: најголем успех на сатаната е да ги убеди луѓето не дека Бог, туку дека тој – ѓаволот – не постои. Отвореното зло и насилството отсекогаш се криеле зад маската на доброто и слободата. Возљубени мои, најголем сведок за тоа е векот во кој живееме. Клучните идеи и идеали, кои опрелестија мнозина со својата естетика и добрина, го родија плодот на човекоубиственото зло и незапаметеното насилство. Злото е ингениозниот виртуоз на модата и моден креатор. Во Египетскиот патерик се зборува како ава Макариј Велики го видел сатаната во пустината, со безбројни тикви обесени околу вратот. Ава Макариј го прашал: „Што носиш?“. Одговорил: „Разновидни јадења, за секој човек според неговата желба и вкус“. Затоа нашиот народ има право кога вели: „Кој со ѓаволот тикви сади, од главата му се кршат“.

Возљубени браќа и сестри, Христос е секогаш со нас. Христос е со нас како што родителот, односно мајката е секогаш крај детето свое. И како што мајката бдее над животот на своето дете, растејќи го од утробата своја до полнолетство, и како што нејзиното око и сите сетила нејзини ја следат секоја воздишка, секој чекор на своето дете, така и Христос Бог стои крај нас и нè следи, нè следи будно стражарејќи над срцата наши. Сите ние, како деца, сме биле во ситуација да бидеме осамени и преплашени од самотијата, предизвикана од отсуството на нашата мајка. И така осамени, ни се случувало да паднеме, да се повредиме и неутешно да му се предадеме на плачот. Но, секогаш кога ќе сме го почувствувале присуството на нашата мајка и нејзините прекрасни, топли, мајчински зборови: не плаши се, сине, јас сум со тебе, – плачот исчезнувал, а стравовите бивале изгонети. На ист начин, Христос Бог, кој е постојано присутен во животот наш, стои до нас и нè утешува: „Не плашете се, јас сум со вас“.

Амин.

Отец Стефан Санџакоски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz