Најмалите меѓу жртвите: Децата на Сирија

Петгодишната Камар сака да скока на јаже и да гледа цртани филмови со Том и Џери. Нејзината омилена боја е црвената, и многу ги сака коњите. Кога станува збор за јадење, никогаш не би одбила печено пилешко месо. И, макар што е малечка и не оди на училиште, Камар знае дека кога ќе порасне сака да биде лекар. Денес Камар и нејзиното семејство живеат во шатор во еден бегалски камп во Либан. Таа е само едно од милион и двесте илјадите деца-бегалци кои пребегнале од Сирија во Турција, Јордан, Либан и Ирак поради теророт на Исламската држава. Нејзината, и приказната на само неколку од овие деца-бегалци ги запиша новинарот Џенгиз Јар за Mashable, а ние преведовме и ви пренесуваме дел од нив.

Ова е седумгодишната Рхед од Дараа. Пред 14 месеци пребегнала во Јордан, каде што и денес живее. Не може да оди на училиште, но ужива да црта со нејзиното семејство и пријателите. Кога ќе порасне, се надева дека ќе биде фризерка. Омилена боја ѝ е розевата; сака да јаде пица, а најомилено животно ѝ е мачката. Рхед вели дека најмногу се забавува кога игра криенка и дека ја сака својата постара сестра најмногу од сè. Кога размислува за Сирија, се сеќава на својот дом и моторчињата-играчки.

И Басима е од Дараа, и има 12 години. Пред две и пол години се преселила во Јордан со нејзината мајка, брат и сестра. Петто одделение е, и ѝ се допаѓа што го изучува арапскиот јазик. Кога ќе порасне, сака да биде секретарка. Ѝ се допаѓаат розовата и црвената боја, сака пица, а пилињата ѝ се омилени животни. Мајка ѝ вели дека станала многу поемотивна и плашлива откако ја напуштиле Сирија, и дека поради тоа се тепа со братот и сестрата. Кога Басима размислува за Сирија, се сеќава како седи на балконот од куќата на вујко ѝ, и на градината пред нејзиниот дом.

Махмуд е од Дамаск и има 12 години, а во Јордан пребегнал пред година и пол заедно со родителите и четворицата браќа и сестра му. Тој оди во седмо одделение во училиште за деца од Сирија, каде заедно учат арапски јазик. Кога ќе порасне, сака да раководи со некоја компанија. Вели дека Јордан е како пустина во која една недела има вода, а следната нема. Иако има многу другари, Махмуд смета дека е тешко да се стекнат нови. Му недостигаат роднините кои не успеале да ја напуштат Сирија. Зборува и за неговиот компјутер и велосипед кои ги оставиле во Сирија.

И Аја е од Дамаск, но веќе една година живее во Аман. Има 11 години и е петто одделение. И таа учи во училиште за сириски деца кое е оддалечено 2 km од местото каде што сега живее. Не ѝ се допаѓа што живее во Јордан, затоа што не ѝ е убаво. Сака мачки, а од боите – розевата и црвената. Кога ќе порасне сака да биде лекар. Аја сака да има компјутер, и една фотографија од вујко ѝ и братучетка ѝ кои ги оставиле во Сирија. Кога мисли на Сирија, се сеќава на нејзиниот дом и птиците што летале околу куќата.

Во последните шест месеци, Насур од Идлиб, кој има 12 години, живее во Турција со мајка му и двете сестри. Си ја скршил раката играјќи фудбал. Омилен фудбалер му е Кристијано Роналдо. Учи во едно мало училиште во близина на новиот дом, и вели дека многу сака да плива во Средоземното Море. Пред една година татко му заминал на протест против сириската влада, и кога се вратил, вечерта дошла војската и го одвела некаде. Оттогаш не си го видел татко му.

Последните пет месеци Џихад (кој има 13 години и е од Алепо), заедно со неговите девет браќа и сестри и родителите живее во Килис, Турција. Бидејќи е едно од постарите деца, на него паднал дел од одговорноста за издржување на семејството. Секојдневно продава цигари и салфетки по улиците. Ретко кога има слободно време, а кога има – го користи за да се одмори. Од Сирија најмногу му недостига да седи на покривот од неговата куќа, гледајќи го целото соседство.

И Мотасем е од Алепо, но има само 7 години. Последните три месеци заедно со неговото деветчлено семејство живеат во едно мало и неуредено станче во Газиантеп, Турција. Ја сака сината боја, а сака и мачки и да игра фудбал со неговите пријатели. Кога избила војната во Алепо во 2012 г. тој бил прво одделение, но бомбите го затвориле неговото училиште. Минативе две години не бил на училиште, но вели дека се надева дека ќе почне да учи во едно од сириските училишта во Газиантеп. Мотасем бил најисплашен кога еден авион му поминал точно над главата кога прв пат дошол во Турција.

Господи, помилуј.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz