Даровите на Божик (2)

продолжение од првиот дел

Човекот е слободен

Евангелскиот повик кон покајание објавил дека човекот е ослободен од истоветувањето со самиот себе, со своето опкружување и своето минато. Она што цврсто ја определува мојата иднина не е минатото преку сегашноста, туку мојот моментален избор. Помеѓу моето минато и минутата на мојот сегашен избор постои граница. И од мојот избор зависи кој од причинско-последичните синџири, што тежнеат кон мене од минатите времиња, сега ќе се најде во мене. Тоа што било во моето минато може и да остане во него, но јас можам да се променам…

Ако човекот е дел од природата, тогаш тој не може да го оценува своето поведение според други критериуми, освен природните. Но, природните феномени не подлежат под морален суд… На тој начин се родил кантовскиот доказ за постоењето на Бога… Ништо во природата не може да дејствува слободно, но човекот може. Значи, човекот е нешто повеќе од светот… Човекот е слободен, а тоа значи дека е побогато битие од светот на каузалноста; човекот е слободен, а тоа значи дека „морално е неопходно да се признава постоењето на Бога“.

Христијанството им го вратило небото на луѓето

Христијанството ја вратило на луѓето можноста да го сакаат небото, ѕвездите, облаците и зајдисонцето. Во паганските религии секој природен феномен имал свое име и своја биографија. А бидејќи, сепак, станува збор за природни феномени, личностите на тие митови биле толку неморални, како и природните стихии. Тие се наоѓале од другата страна на доброто и злото… Ако некој предмет во митологијата бил поврзан со определено божество, значи, при средба со тој предмет на ум неизбежно доаѓале спомени за тој бог и неговите дела.

Ние сега можеме едноставно да гледаме на зајдисонцето и изгрејсонцето. Нашите современици атеисти едноставно се вљубуваат во погледот и поетско чувство, блиско на религиозното, ги наполнува нивните срца… Христијанството кажало дека ѕвездите немаат биографија. Како што и светилката нема биографија. Ниту крв, ниту похот не престапуваат од небесата.

Христијанството создало услови за раѓање на науката

Христијанството создало неопходни услови за раѓање на науката. Научната астрономија е можна само под услов, ако ѕвездите престанале да бидат богови. Законите, што опишуваат паѓање на камен на земјата, морале да бидат спроведени кон движењето на ѕвездите. За да се решиш на тоа и да не бидеш казнет (како старогрчкиот философ Анаксагора), потребно е општеството и религијата што владее во него да се согласат да видат во ѕвездите „камења“, а не души (или тела или очи) на боговите…

Научната астрономија се појавува онаму, каде движењето на ѕвездите се опишува не со јазикот на психологијата, туку со јазикот на математиката, т.е. со јазикот, што не знае за страсти – завист, љубомора, љубов… Само религијата на Логосот, Кој постана Плот, можела да дозволи со јазикот на математиката (со јазикот на идеалните броеви и форми) да се опишуваат процесите, што се случуваат во физичкиот свет (каде нема ништо идеално)…

Во епохата на Ренесансата повторно во областа на високата култура се поткрале магијата, алхемијата, окултизмот и почнале да се сметаат за дозволени методи на разбирањето на светот. За возврат Западната Црква, побудена од ударот на Реформацијата, одговорила со „лов на вештерки“, инквизиција и… со подржување на механичката слика на светот. Научната слика на светот била поддржана од Црквата, која имала пламена потреба од сојузник во борбата со заедничкиот непријател – окултизмот…

Научната револуција во Западна Европа се случила на границата меѓу XVI-XVII в. Не во епохата на атеизмот (XVIII), не во епохата на пренебрегнување на религиозните прашања (XV), не во епохата на религиозна стабилност (XIII), туку во епохата на Реформација и Контрареформација, во епохата на највеличествениот полет на религиозна напрегнатост, во животот на христијанска Европа се родила науката.

Лекција на есхатолошка етика

По мерата на истиснувањето на христијанството од општествениот, културен, универзитетски живот, старите сенки повторно почнаа да се појавуваат… Повторно во мода е сите религии да се слеваат во една, вовлекувајќи ги христијаните во пагански игри. Најтревожно од сè е тоа што разговорите за религиозниот плурализам и трпеливост повторно почнуваат да се водат со такви челични интонации во гласот, што христијаните чувствуваат дека се на прагот од нови гонења. Тоа е уште една лекција од христијанството: умешноста да се живее, да се гради, работи, дури и ако знаеш дека твојата светиња ќе биде разрушена. Тоа е лекцијата на есхатолошката етика. Ние знаеме дека еден ден ќе станеме сосема туѓи на официјалната и масовна светска култура.

Знаеме дека со мрак е послан хоризонтот на човечката историја (името на тој мрак во христијанското богословие е „царство на антихристот“). Но, тоа не е повод за очајување.

Протоѓакон Андреј Кураев
Превод: м-р Георгиј Глигоров
Извор: Православен пат бр. 26

Оставете коментар

1 Comment on "Даровите на Божик (2)"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Даровите на Божик (2) […]

wpDiscuz